Десеткуваните медиуми и разулавената корупција

07.04.2016 11:13
Десеткуваните медиуми и разулавената корупција

Сознанието дека живееме во светот на информацијата, во информатичко и информационо општество кои галопираат во својот развој со светлосна брзина, денес е дополнето и со фактот дека поседувањето на информацијата е од приоритетно значење, бидејќи да се биде во тек со развојот значи поседување на информацијата како најзначаен продукт од кој зависат одржувањето и квалитетот на животот. Со тоа, оние кои професионално се занимаваат со информациите и со информирањето стануваат и значајни и важни, а новинарската професија, доколку не се содружи со коруптивната практика, е на добар пат да добие најголема чест и заслуга – да стане света!

 

Имено, ова говори многу во потврда на тезата дека денес во модерното демократско и плуралистичко општество медиумите имаат незаменлива улога како еден од факторите кои го овозможуваат воопшто неговото функционирање. Впрочем, квалитетот на претставничката демократија зависи директно од квалитетот на медиумското известување, бидејќи граѓаните во најголема мера своите политички одлуки ги носат врз база на информации од медиумите. Затоа, како што смета С.М. Баркин, „постоењето на информирана јавност е врвен јавен интерес, при што новинарската професија има морална обврска да му служи на јавниот интерес“.

Така, новинарите повеќе не се само собирачи на вести, туку од нив се очекува да истражуваат, да бидат критични кон светот во кој живеат, но и проактивни – да ја придвижуваат јавната дебата за теми од општ интерес, т.е. да бидат и чувари на демократските вредности, но и будно око на јавноста, како и да бидат „свиркачи“, но и поставувачи на агенди. Во овој контекст, новинарите оправдано се нарекуваа „четврта власт“, која заедно со законодавната, извршната и со судската, го набљудува и контролира општеството и сè што се случува во него, но и кај другите три власти, станувајќи „куче чувар на демократијата“, чија основна улога е во разоткривањето на сите неправилности, негативности и девијации, а особено коруптивни дејства.

Ставањето акцент на коруптивните дејства е поради сознанието според кое известувањето на медиумите за корупцијата, особено во највисоките кругови на власта, е едновремено и еден од најдобрите показатели за слободата на медиумите, односно за нивното професионално и непристрасно работење во име на јавниот интерес. Попрецизно, како што се наведува во последната анализа на МЦМС – Известувањето за корупција на високо ниво: Помеѓу јавниот интерес и заробените медиуми, „од една страна медиумите преку својата информативна функција може да служат како „куче чувар“ на јавниот интерес и да влијаат превентивно, односно да ги ограничат можностите за корупција. Од друга страна, корупцијата може да влијае врз медиумите и тие наместо средство за заштита на јавниот интерес, може да бидат злоупотребени за заштита на поединечните интереси на нивните сопственици, како и за прикривање случаи на корупција на високо ниво“.

ИЗВЕСТУВАЊЕТО ЗА КОРУПЦИЈА

Заклучно, „непотребно е да се каже дека тоа стана основна обврска на новинарите, да ги идентификуваат изворите на корупцијата и да ги споделат со јавноста“. Како што се наведува понатаму во SafetyNet прирачникот на СЕЕМО, „…додека известувањето за корумпирани системи, во државна или друга организација/тело (надворешна корупцијата) се чини релативно едноставно, тоа не е така! Треба да се имаат предвид специфичните околности со кои новинарот мора да се соочи пред известувањето… Уште поголем предизвик е известувањето за корупција во медиумската професија (внатрешна корупција), од очигледни причини… И во двата случаи, тоа бара разумност, објективен став и апсолутна посветеност на етичките принципи на професијата“.

Ова наведува на малку подлабоко размислување за состојбите во македонските медиуми, т.е. дали и колку за нашите новинари квалитетното, навремено и етичко известување за корупцијата, особено во највисоките кругови на власта, е од приоритетно значење, јавен интерес и како тие го заштитуваат ваквиот јавен интерес? Ова особено еруптираше со објавувањето на т.н. „бомби на Заев“, преку кои јавноста беше запознаена со „можни“ тешки коруптивни дејства на самата власт и за чија правна завршница беа реализирани безброј преговори, направени низа договори, создадено СЈО, но „финалето“ го нема ниту оддалеку (барем во правна смисла)!

Се чини дека покрај задоволувањето на основните, базичните услови за известувањето за корупција, делот кој се занимава со овој проблем, т.н. истражувачкото новинарство како одговор на овие теми, кај нас како да е дефрагментирано и без многу поткрепа, па се „одгледува како билка на одумирање“. Прво, ретко која редакција има толку многу расположливи човечки и финансиски ресурси за да може да издржи од почеток па до крај една истражувачка сторија поврзана со корупција. Второ, правосудниот систем, се чини, во согласност со последните поместувања, тешко дека е на страната на истражувачите новинари и на медиумските куќи. Особено оној дел од овој систем кој се однесува на испитување и на иницирање евентуални можни обвинувања кои би произлегле од новинарската сторија, а без притоа прво да се има предвид партискиот интерес. Трето, степенот на наобразба и практика кај новинарите е дискутабилен во однос на елементите и на алатките за истражувачко новинарство затоа што (со ретки исклучоци низ парцијални обиди) се нема кадар, традиција, желба за истото, сведувајќи го овој тип на новинарство како дополнителна желба на идниот новинар. Четврто, освен третирањето на корупцијата однадвор, истата нужно е да се третира и однатре, во самите новинарски редови, затоа што за една од главните причини за катастрофалната состојба во која се наоѓаат македонските медиуми, не попусто е апострофирана системската корупција во овој сектор, која, пак, од своја страна, како што наведува Владо Апостолов во својата анализа „Систематска корупција во македонските медиуми“, “се потпира на два столба, кои меѓусебно постојано се испреплетуваат: сопственичката структура на медиумите и финансирањето на медиумите преку владините рекламни кампањи“.

Во вакви констелации, и покрај добрите намери на Центарот за граѓански комуникации преку создавањето на Мрежата на медиуми и НВО-а за борба против корупција и потпишувањето на 7 февруари 2012 година на Заедничката декларација на претставниците на медиумите и на невладините организации за меѓусебна соработка во борбата против корупцијата, сѐ уште постојат, забрзано еволуираат и се развиваат елементи, случаи, серии, низи од коруптивни акти за кои укажува и „Транспарентност Македонија“ во својот Билтен 2, каде во делот „3. Состојба со медиумите“, издвојуваме: „јавниот радиодифузен сервис во државата, Македонската радио-телевизија, и во март продолжи со необјективното, неизбалансирано и непрофесионално информирање по повод политичките случувања во земјата, фаворизирајќи ги ставовите и активностите на власта, наспроти обвинувањата за тешки злоупотреби и криминал изречени и документирани од страна на опозицијата.“

НЕ СЕ СИТЕ МЕДИУМИ ИСТИ

Известуваа, иако парцијално, со/во поединечни напори, и неколку други организации, пред сè ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот „Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“, со свои стории како што се „Антикорупционерите со двојни аршини: борба или заштита на корупцијата?“ или, пак, „Министерски примања: Половина милион евра само за плати“. На ваква линија на дејствување е и последната анализа на МЦМС – Известувањето за корупција на високо ниво: Помеѓу јавниот интерес и заробените медиуми, на авторите Борјан Ѓузелов и Ангел Арнаудов, во која се анализира дали, колку и како печатените медиуми ја информираа јавноста за прес-конференциите на опозицијата на кои беа презентирани сериозни индиции за корупција, за обезбедување основна слика и споредба за известувањето за наводите за корупција од највисоко ниво, за да може да се подвлече важноста на професионалното и непристрасно известување во име на јавниот интерес.

Крајниот заклучок е повторно ист и ја потврдува претходно поставената теза во оваа анализа, т.е. дека има значајни разлики во застапеноста на објавите, дека постои селективност во известувањето за поединечни случаи, како и дека постои непочитување на основните стандарди за професионално и етичко известување, што укажува дека одредени медиуми наместо да го штитат јавниот интерес и професионално да известуваат за сомневањата за корупција од највисок ранг, со своето селективно и непрофесионално известување, го занемариле јавниот интерес и недоволно ја информирале јавноста. Таквата уредувачка политика, освен што е спротивна на јавниот интерес, укажува и на одредени ризици од корупција во самите медиуми!

Во заклучок, единствено што можеме да потврдиме е сознанието дека е оправдано што во редовниот извештај на „Фридом хаус“, сево ова не е ништо ново, ниту чудо. Како што наведува Аљоша Симјановски во своето Мислење во „Утрински весник“ од 10 мај 2015 година, „ова е само пресек – заклучок донесен врз основа на нашиот севкупен демократски, економско-политички, образовен, културен, но, пред сè, духовен поданички кодошки менталитет и степен на развиток, што во услови на глобално информациска поврзаност е едноставно и лесно изведен“ и изводлив!

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia)

Слики: Joseba Elorza