Напредок

24.05.2016 02:29
Напредок

Порано имаше цел,
слушам: имало Бог.

Сѐ беше некако позначајно
и го имавме одговорот

што го баравме.
Непобитната вистина.

Ни даде причина да сме љубезни и правични,
оправдување за бесилката

со која грешникот го пративме во грешната земја
та ни олесна на сите

од сознанието дека праведните
засекогаш ќе бидат во право.

Порано постоеше религија,
и си владееше. Не ни беше лесно.
Се залажувавме за да заспиеме ноќе:
Ова е Ова, а Тоа е Тоа.
И ако моралот некогаш влезеше во виор,
не гледавме подалеку од Светиот Збор.

Но подоцна осетивме притисок
и тоа ни стана најголемиот товар.

Без Бога војните изгледаа посурово,
животот поцрн. Уметноста смешна.

Смртта беше почудна од кога било.
Зошто постои човечкиот род? Каков ужас

нѐ заплисна кога разбравме
дека нема поента, никаков возвишен план.

Сѐ што ни остана е да живееме од ден на ден.
Работи. Јади. Спиј. Еби се. Умри.

Без стравот од божја казна
си најдовме слобода во задоволствата

но го изгубивме чувството за заедништво
што нѐ држеше заедно.

Ни требаше нешто ново за да ја пополниме
празнината што растеше,

а зарем има подобра убеденост
од изеди-колку-што-можеш Слободата!

Од радоста да бидеме она што сме
преку облеката што ја купуваме.

Од сонот доволно да се збогатиме
за да излеземе од обичните животни рамки.

И сега не постои никаква цел
надвор од нашите потреби.

Сега имаме идолопоклонство
кон конфорот и брзината.

Трчаме во кругот,
водиме натпревар меѓу милоста и алчноста.

И сѐ што имаме е вишокот,
уште повеќе од потребното,

додека нашите бесчувствителни сирачиња
ги храниме најдобро што можеме.

Потоа кога ќе пораснат им се чудиме
дека знаат само за она што им е во раце.

Го имаме Екранот,
и супер ни е.

Децата ни се занавек приклучени на Него,
воодушевени од неговото богатство.

Паровите ги јадат вечерите
во отсјајот на неговите зраци,

зјапаме сѐ додека не ги научиме
сите тајни на светот.

Тинејџерите се запознаваат со светот на идолите.
Идолите лапаат жешко свинско и гледаат спорт.

Реалноста врти пред нашите очи за потсмев и плачење –
еве го моралот конечно! Нѐ гледа стуткани

во боја, во висока дефиниција.

Види – инвалид отишол на љубовен состанок.
Види – млади луѓе се заебуваат во Магалуф,

види – мајка плаче над мртвиот син, саштисана е,
види – славна личност јаде глупости и пее ко дебил.

Порано ги горевме жените со епилептични напади,
ги стававме на колец и ги прогласувавме за вештерки.

Сега

ќе ги ставиме на екран ако имаат добри цицки,
но ќе бидат сотрени ако си дозволат мала грешка.

Ќе нацртаме црвени кругови околу свиснатите им делови.
И ќе ги вртиме сликите дур грицкаме чипс.

Можеш да бидеш или убавица или ѕвер или кучка,
можеш да бидеш или кул или чудак или кич.

Порано

ќе беше осуден за работите што си ги направил,
или ако не живееш како другите од селото.

Сега

даден ти е калапот и речено ти е – вклопи се во ова.
И можеби еден ден навистина сосем ќе успееш.

Снимка од зад сцената
на славната последна свирка.

Зголемен кадар од
последниот грч на пејачката во бекстејџ.

Пред да го извади пиштолот
и да се упука.

Светот е твоето игралиште,
оди прави си ги кејфовите,

сѐ додека не си сиромашен
или грд или болен.

Не видовме дека ова доаѓа,
така е со најдобрите трикови.

Порано имавме страв,
сега имаме адитив.

Превод: Ивана Галапчева


Оригиналната песна

Кејт Темпест (1985), британска музичарка, писателка и поет. Ја започнува кариерата како раперка, а потоа продолжува со пишување драми. Самостојно издава збирка поезија. За епската наративна поема Храбрите нови предци ја добива наградата за нова поезија „Тед Хјуз“. Во 2014 година објавува деби соло албум, фален од критичарите, а добива и номинација за наградата „Меркјури“. Во 2016 излегува од печат нејзиниот прв роман Циглите кои ги изградија куќите. Живее во Лондон.

ОкоБоли главаВицФото