Шарена Македонија

02.06.2016 16:28
Шарена Македонија

Некни, во саботата, на струшкиот концерт на Кирил Џајковски (придружуван од извонредниот ромски Серчук Оркестар), малку подлабоко во плексусот сфатив дека шарена Македонија е многу подобра од еднобојна Македонија.

Таквите констатации обично се тривијални: подобро да си среќен отколку несреќен, подобро здрав отколку болен, подобро да добиеш на лото отколку да скршиш нога, подобро сто години богаташ отколку една недела бедник итн.; затоа ќе се обидам да објаснам зошто мултикултурна Македонија е подобра од некаква ариевска држава со која командува најстарата светска нација, таканаречените Антички (тоа име почна да се пишува со голема почетна буква) Македонци.

Најпрвин, шарената Македонија е подобра зашто нејзиното јадро е рамноправноста на граѓаните, а не приказните за чистотата, древноста, идентитетот, етногенезата... Зашто демократијата и дијалогот во шарената Македонија не се некакви бенчмаркови пропишани од злобни бриселски бирократи туку клучни вредности кои токму го сочинуваат „идентитетот“ на таа земја.

Можеби е малку парадоксално, но ми се чини дека шарената Македонија е подобра од еднобојната и во поглед на чувањето на магијата на зборот „Македонија“. Ајде да си дозволиме малку ирационалности и трансценденции: суштинската „Македонија“, барем по моето сфаќање, е широчина и хетерогеност, а не дувло кајшто се расплодуваат чистите гени на едно племе. Оттаму, отворените и мешаните Македонци се многу повеќе „Македонци“ од монокултурните Грци. Станува збор за логика сосема спротивна од онаа на Паско Кузман и водството на ВМРО ДПМНЕ; токму бегството од античките приказни, токму отфрлањето на бесмислените на(р)цистички потраги по етногенезата ни даваат многу поголемо право да го делиме зрачењето и значењето на зборот „Македонија“. Обидувајќи се да им се спротиставиме на расистичките Грци ние прифативме да станеме исти такви етно-расисти. Со тоа не само што длабоко го извртуваме сопствениот комплексен идентитет (комплексен како и секој друг) туку во политичка смисла земјата ја доведуваме во ќорсокак.

Шарената Македонија, значи, е подобра од еднобојната уберменш раса на Античките и затоа што веќе постои една слична надраса отаде нејзините јужни граници; таа грчка надраса (голема и силна како Александар, а подревна од Египет) не може да се делегитимира доколку не се напушти нејзината опсесивна приказна за единствен наследник на целото античко наследство. Шарената Македонија може да биде нормален партиципиент и во споделувањето на најстарите идентитети на овие простори; за разлика од карикатуралната квазитевтонска еднобојна Македонија предводена од александриските крстоносни фаланги.

Настанот во Струга, инаку, под името „Под исто сонце - мултиетнички хепенинг“, на четврти јули оваа година беше организиран од фондацијата Институт отворено општество Македонија, а во неговото финансирање учествуваше и Европската комисија во Македонија. Слични зборови во прилог на мултикултурна и разнобојна Република Македонија на отворањето на настанот изрекоа и Ерван Фуере и Владимир Милчин. Во кампот „Ас“ беа собрани неколку десетици невладини организации од сите краишта на нашата земја, а настаните ги проследија неколку илјади луѓе. Посетителите имаа можност да се запознаат со културата и традицијата на различните заедници во нашата земја. Беа претставени народни носии, ракотворби, традиционални јадења и фолклорни игри од различни градови во Македонија.

На крајот на денешната колумна, ќе го спомнеме Амин Малуф, писателот и светскиот патник, Французинот со либанско потекло. Малуф често го прашувале дали повеќе се чувствува како Француз или Либанец. А одговорот на Малуф секогаш одел во насока да докаже дека идентитетот не се распоредува, не се дели ни на половинки ни на третинки. Она што прави јас самиот да сум јас е токму мојата позиција на размеѓето меѓу две земји, меѓу повеќе јазици, повеќе културни традиции, вели тој. Малуф поставува реторичко прашање: дали ќе бев поавтентичен да можев да ампутирам еден дел од себе? Не, се разбира, одговара самиот. Тој не дозволува да биде роб на „аурата на филијацијата“ (како што ја нарекува Р. Коен), роб на минатото и на верувањето во заедничкото потекло кое станува поважно од се’. Малуф не ги сака прашањата за тоа што се наоѓа „во најголемата длабочина на твојата душа“, бидејќи тоа подразбира некаква неменлива вистина која еднаш засекогаш ги одредува настаните. А човечката слобода е над тоа. Макар ја нарекувале и идеја за слобода, нешто што се спротиставува на фаталните предодредености. Дури тогаш, чувствувајќи го на хоризонтот ветрот на слободата, ние можеме да ги развиваме посуптилните континуитети со минатото коишто Рикер ги нарекува: творечка верност на втемелувачките настани.

Се чини дека политичката борба меѓу приврзаниците на еднобојната и оние на шарената Македонија е најважното прашање околу кое се прекршува иднината на сите нас. Тоа е онаа борба за која Ивица Боцевски во својата оставка како министер за евроинтеграции вели дека е генерациска борба: задача токму на нашата генерација е да ја интегрира Република Македонија во ЕУ и со тоа потрајно да ја заштити, и од внатре и од надвор.

Утрински весник, 06.07.09.

Фотографии од Шарената револуција 2016: Ванчо Џамбаски