Терористи ја презедоа одговорноста за српскиот на Канческа-Милевска

16.06.2016 12:42
Терористи ја презедоа одговорноста за српскиот на Канческа-Милевска

Скопје, 16 јуни

Лингвистичката терористичка група „Убиваќемо во поим“ ја презеде одоговорноста за изјавата на српски јазик на Елизабета Канческа-Милевска.

Од оваа терористичка организација велат дека и понатаму ќе продолжат да се грижат за одржување на нивото на јазичен израз на министрите од Владата, како и на другите функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа неформална школа за странски јазици е многу опасна, тие се маскирани како сосема нормални луѓе, честопати знаат да молчат и тешко е да се посомневате дека станува збор за јазични терористи кои се инфилтрираат во министерствата и државните институции“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Додека трае истрагата, во близина на Министерството за култура се зголемени мерките за безбедност: стотици граѓани кои мораат да поминат оттаму шетаат со тампони во ушите, а забележано е и присуство на професионални преведувачи од антитерористичките единици на МВР.

На својата веб страница, лингвистичката терористичка организација се пофали со својата акција и најави дека ќе следат уште вакви напади од министрите и функционерите на ДПМНЕ. Но, тие најостро се оградуваат од изјавите на претседателот Ѓорге Иванов.

„Ниту еден терорист од нашите редови не е способен за таква бруталност“, кратко велат од „Убиваќемо во поим.“

Слика: Александар Дојранлиев