„Браво, 50 педери помалку!“

16.06.2016 15:01
„Браво, 50 педери помалку!“

Нападот во геј-клубот „Пулс“ во Орландо, во кој загинаа 50 главно млади луѓе и уште толку беа сериозно повредени, ја откри хомофобичната страна на Македонците. На социјалните мрежи, под објавите за масакрот во Орландо, деновиве може да се прочитаат голем број коментари полни со омраза кон геј-популацијата.

„Нема врска ова со терор! На човекот му се згадило да гледа и трпи педери! Му пукнал филм и им влегол! Нека се множат. Да било терор, ќе влегол на обично место, а не на педерско!“; „Ајде сега почнете да се боите со американско знаме, пишувајте јас сум ЛГБТ, јас сум ОРЛАНДО, одете на Кале да му изразите сочувство на Бејли“; „Треба и кај нас да го направат истото“; „Браво, 50 педери помалку“; „Господ почна со чистењето на ѓубрето“ - ова се само дел од коментарите, кои се најдобра потврда за хомофобијата што владее во Македонија.

Новинарката Сашка Цветковска изрази вчудовиденост од ставовите на одредени колеги, кои сметале дека медиумите, известувајќи за масакрот во Орландо, не требало да нагласуваат оти станува збор за геј-клуб. „Не требало медиумите да пишуваат за масакр во геј-клуб, туку само масакр, демек масакр си бил масакр. Изненадувачки од колку новинари ова го чув. Причината за овој масакр е омразата и оттука не може тоа да е нерелевантно. Каква морална хипокризија, душа ги болело за масакрот, ама што морало овде сега сексуална припадност да се мешала“ - напиша Цветковска на Фејсбук.

Со реакција и осуда за нападот во геј-клубот во Орландо, веднаш се јавија македонскиот ЛГБТ-центар за поддршка, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и Хелсиншкиот комитет, кои оценија дека ваквиот напад е резултат на општественото, политичкото и на културното насилство.

„Го изразуваме нашето сочувство кон сите пријатели, партнери и семејства на загинатите, кон сите нехетеросексуалци во Орландо и САД, кои по среќа на случајот не се најдоа во ‘Пулс’, но кои во овој напад го гледаат одразот на долгоодржуваната омраза и насилство врз сексуалните и родовите малцинства. Трагедијата што го шокираше светот мора да биде именувана со вистинските зборови и разбрана во нејзината комплексност и историја. Станува збор за напад кој е одраз на историски и глобално креираната и одржувана хомофобија. Слика на долготрајните процеси на дехуманизација што го прават можен лудачкиот чин на ладнокрвно убивање на 50 луѓе, и пукање во уште толку други. Исход, не само на радикалната страна на религиозното и фундаменталистичкото насилство, туку и на државното и системско насилство, со кое се соочуваат нехетеросексуалците во Америка и речиси секаде во светот. Ова е првенствено хомофобичен напад. И не смееме да заборавиме, хомофобијата не е ментална болест, хомофобијата е исход на историјата на општествено, политичко и културно насилство на цел еден систем, кое слободно можеме да го наречеме хетерофашизам“ - се наведува во нивното заедничко соопштение.

Од Владата, но и од Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, досега не се испратени официјални соопштенија. Осуда за масакрот во Орландо и писма со сочувства до американската амбасада изразија единствено лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски.

„Овој ужасен терористички чин е сериозен напад врз основните човекови права и слободи како врвна универзална, цивилизациска вредност. Универзалните вредности на современата цивилизација и почитувањето на човекови права, слободата, еднаквоста и солидарноста се посилни од теророт и убеден сум дека САД ќе излезе уште посилна од овој терористички чин, кој, за жал, однесе многу невини животи. Нашите мисли и молитви се со Вас“ - се вели во телеграмата на Заев.

Величковски во телеграмата до американскиот амбасадор Џес Бејли порачува: „Со жалење ги примивме вестите за ужасниот чин на терор во Орландо, кој одзеде педесет животи. Длабоко сме засегнати со загубата, особено имајќи предвид дека животите се одземени во акт на радикализам и омраза. Посакуваме брз закрепнување на сите повредени жртви“.

 

За дискриминација казна од 100 евра, за навреда на политичар - 600!


Се подготвуваат измени во Законот за спречување дискриминација со кои предвидува казна од 70 до 110 евра за секое лице што по некаква основа ќе предизвика дискриминација. Ова, според професорката Мирјана Најчевска, е смешно, бидејќи е неспоредливо со казните за навреда на претседател, кои достигнуваат и до 600 евра.
Според неа, законите што треба да ги штитат човековите права и слободи, пропишуваат ниски казни наспроти оние што треба да ги штитат политичарите и јавните личности.


Со автоматска пушка на Фејсбук се заканува дека ќе пука во шарените револуционери

Дека во Македонија има омраза кон сè што е различно, доказ се и одредени лица, кои преку социјалните мрежи шират омраза кон Шарената револуција. Омразата оди дотаму што тие се закануваат со убиства. Така, на пример, Н.П. од Скопје, на својот фејсбук-профил објавил фотографија со автоматска пушка и полни долги магацини, под која напишал: „Сè е спремно, се чека моментот!! Ќе ве шарам од глава до пети!!! Ќе ви дадам и шарена револуција и протестирам...“ Во коментарите некои се надоврзуваат и порачуваат: „Треба да има за сите“.
Ваквите отворени закани со оружје кон групи луѓе е кривично дело во Македонија, а она што останува нејасно е дали овој профил е вистински или лажен.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото