Поезијата како чин на бунт (2)

27.07.2016 13:14
Поезијата како чин на бунт (2)

Што и да каже поетот за својата работа, звучи како непотребно извинување.

Сакаш ли да бидеш блескав писател или блескав академик, буржујски поет или напален рад1?

Можеш ли да го замислиш Шели
во работилница за креативно пишување?

Па сепак поетските работилници можат да создадат заедници на поетско братство во срцето на Америка каде што многумина можат да се осетат осамени и загубени поради недостигот од сродна душа.

Ако мораш да предаваш поезија, замавни по школската табла со креда од светлина.

Не идеи, туку осети. Nihil in intellectu quod non prius in sensu.2

Ако сакаш да бидеш голем поет, дружи се со мисловните поети.
Но нив е тешко да ги најдеш.

Мисловната поезија нужно не ја исклучува екстазата.

Читај ги епските романописатели, поетите пророци, големите умови, големите раскажувачи.

Крстари по книжарите.

Што имаш на ум? Што настојуваш? Отвори ја устата и престани да мрмориш.

Не биди со толку отворен ум за наоколу да просипуваш мозок.

Стани нов ум и направи го уште понов.

Помети ја пајажината.

Култивирај ги спротиставувањето и критичкото мислење.
Првата мисла може да биде најлоша мисла.

Гони го Белиот кит, но не го гаѓај со харпуни. Попрво улови му песна.

Дозволи си себеси вртоглави узлети,
скокови на вртоглавата фантазија.

Надмини ги сечиите големи очекувања и најцрните предскажувања.

Ако сакаш да бидеш голем поет, биди свеста на расата.

Спротиставувај се повеќе, покорувај се помалку.

Провоцирај го капитализмот закамуфлиран во демократија.

Доведувај ги во прашање сите политички убедувања, вклучувајќи ги радикалниот популизам и хулиганскиот социјализам.
Проучувај го суфизмот, посебно неговата тантричка екстаза каде што поезијата од јазикот води кон срцето и сходно на тоа - кон душата.

Уживај победнички во песимизмот на интелектот и оптимизмот на волјата.

Не ги дувај меурите на очајанието.

Поезија се семето и пупките, не гранчињата.
Пуши ја да се напушиш.

Раѓај колективна радост, наспроти колективниот јад.

Потајум ослободи го секое суштество, го видиш ли в кафез.

Ослободи ги осиромашените и налути ги властодршците.

Испушти го својот варварски крик над покривите на светот.

Гракај го својот голем грактај!

Сеј ги своите песни со солта на земјата.

Стани за глупавите и мрзливите.

Согледај ја вечноста во животинското око.

Согледај ја вечноста не некоја ноќ, туку уште вечерва!

Искажи го неискажливото.

Не биди толку непристапен за човекот од улица.

Биди птица певица, а не папагал.

Биди канаринец во рудник. (Мртвиот канаринец не е само орнитолошки проблем.)

Биди исто така и петел, будилник на светот.

Со птичји пев пишувај кратки песни.

Птичјата песна не е производ на машина.
Окрилати ја песната за да ги досегне врвовите на крошните.

Не се упикувај, особено не на публиката, читателите, уредниците или издавачот.

Не му служи на просечниот ум на Америка, ниту на потрошувачкото општество.
Биди поет, а не торбар.

Не ги омаловажувај схоластичарите кои велат дека песната треба да ги одразува целовитоста, согласјето, одсјајот, вистината, убавината, добрината.

Одвези се кон хоризонтот со брод, или работи блиску до вода, и веслај го сопствениот чамец.

Зошто би ги слушал критичарите кои самите не напишале ремек-дела?

Не пишувај поезија капка по капка.

Не ги репризирај виртуелните реалитети.

Биди волк во јагнешката кожа на тишината.

Не се слизнувај на кората од банана на нихилизмот, дури ни кога ја слушаш риката на Ништожеството.

Исполни го мрачниот амбис што зева зад секое лице, зад секоја нација, зад секој живот.

Испиши нова песна од секое искуство и превладај ја кусогледоста на мигов.

Лови ги моментите, секоја секунда е отчукување на срцето.

Тргни го својот sell-phone и биди присутен овде и сега.

Во неприметното и минливото барај го трајното.

Непрестајно бранувај, не само над главите на отмените жени.

Не ги сукај мустаќите по залудни подруми редејќи неразбирливи идиотизми.

Зошто би живеел во сенка? Најди си себеси седиште во Сончевиот брод.

Не давај да ти кажат дека поезијата ти е срање.

Не давај да ти кажат дека поезијата ти е јад и беда.

Добро насмеј им се на оние кои ти велат дека поетите се неприлагодени или потенцијални терористи или државни непријатели.

Не давај да ти кажат дека поезијата ти е невроза којашто некои луѓе никогаш не ја надраснуваат.

Смеј им се на оние кои ти велат дека поезијата ти е плод на Светиот дух и дека ти си само заменски дух на писател.

Никогаш не верувај дека во мрачните времиња поезијата е ирелевантна.

Не давај да ти кажат дека поетите се паразити.

Смеј им се на оние кои ти говорат дека цената на поезијата е Социјалната неосигураност.

Не им верувај кога ти велат дека никој не купува ни најмала акција од поезијата на берзата на нашата казино култура.

Освен ако не чувствуваш потреба за пеење, не ја отворај устата.

Ако немаш што да кажеш, тогаш и не зборувај.

Не продавај памет на овој начин. Не вели: немој!

Исмејувај ги оние кои ти велат дека живееш во светот на сништата.
Сонувај ја сопствената реалност. Смести се на бреговите на стварното.

Смеј им се на оние кои ќе ти речат: „Пишувај проза, младичу, пишувај проза!“

Излези од плакарот. Таму е мрачно.

Осмели се да бидеш ненасилен поетичен герилец, антијунак.

Смири го со сочувство својот најтемпераментен глас.

Од грозјето на бесот прави ново вино.

Запомни дека мажите и жените се бескрајно екстатични, суштества полни со бесконечно страдање.

Ширум подигни ги ролетните, ширум раскрили ги завесите, подигни го покривот, тргни ги бравите од вратите, но задржи ги шрафовите.

Не го уништувај светот, освен ако во замена не нудиш нешто подобро.

Предизвикај ја Немезис, божицата на одмаздата, завидливата божица.

Посвети се на нешто надвор од себеси.

И биди страстен во врска со тоа.

Ако ја оттргнеш славата од пламенот, каде ќе одиш
со својот огнен лак, каде
со стрелите на копнежот, каде со џамлијата од оган?

Кога поетот ќе ги симне панталоните, неговата „арс поетика“
би требало да се укаже самата
и да доведе до лирски ерекции.

Класата на господарите ги започнува војните,
а пониската класа во нив се бори. Владите лажат.
Гласот на државата често не е глас на народот.

Проговори! Изјасни се! Тишината значи соучесништво.

Биди државен бумбар, но и светулка исто така.

И ако имаш два леба, постапи како Грците -
продај еден и купи сончогледи со законски платежни средства.

Разбуди се, светот гори!

Ти посакувам пријатен ден.

***

О ти кој ја собираш
   фината пепел на поезијата
      пепелта на префинитиот пламен
         на поезијата
помисли на оние што согореле
   пред тебе
      во толку белиот оган
На искушенијата на Китс и Кампана3
   Бруно и Сафо
      Рембо и По и Корсо
и на Шели додека горел на плажата
   во Виареџо
А сега во ноќта
   во огнена стихија
      и понатаму нè прождира
         белата светлина
нас малите кловнови
      со нашите тенки свеќи
         пружени кон огнот.

(прв дел)

1 Рад е мерна единица за апсорбирана доза зрачење
2 Nihil in intellectu quod non prius in sensu (лат.) е перипатетички аксиом: „Не постои ништо во интелектот што пред тоа не било во сетилата.“ Тома Аквински го преземал ова начело од перипатетичката школа на старогрчката филозофија, востановена од Аристотел.
3 Дино Кампана (1885-1932), италијански поет чија постхумна слава се темели на единствената визионерска збирка, Canti Orfici (Орфички пев). Поради дивата и непредвидлива природа го сметаат за италијански пример на „проколнат поет (poete maudit).

Lawrence Ferlinghetti (1919), поет, сликар, либерален активист и издавач, е последниот жив припадник на легендарната бит (beat) генерација. Ферлингети денес има големо влијание не само на современата американска литература, туку и на издаваштвото. Бил и прозен писател, преведувач, критичар, филмски наратор, а работел и во театар. Неговата најпопуларна и најпреведувана стихозбирка е Coney Island of the MInd (1958). „Кони Ајленд на Умот“ е преведена на девет јазици и продадена во повеќе од милион примероци. Иако во потполност не ја делел животната и естетската филозофија на битниците, покрај Гинзберг, Бароуз и Кероуак, се смета за еден од припадниците на најтесното јадро на движењето. Овековечен е во ликот на Лоренцо Монсанто во романот на Кероуак, Big Sur (1962).
За интегритетот на Ферлингети добро зборува една контроверзна случка од 2012 година, кога одбил да ја прими големата меѓународна награда за поезија „Јанус Панониус“ (паричниот дел изнесувал 50.000 евра) како израз на противење на десничарскиот режим на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој делумно го спонзорира тоа вносно книжевно признание.
Во продолжение го пренесуваме (во два дела, денес и утре) преводот на неговото дело Poetry as Insurgent Act (2007). „Поезијата како чин на бунт“ е збирка со афоризми, патемни забелешки и опсервации за природата и целта на поезијата. Започната е уште во 1950-ите кога Ферлингети го пронаоѓал својот препознатлив глас меѓу поетите на бит генерацијата и ја почнувал издавачката кариера втемелувајќи го книгоиздателството City Lights во Сан Франциско.

Превод: П. В.
Слики: Paco Pomet

ОкоБоли главаВицФото