Дали растенијата се движат

27.07.2016 14:00
Дали растенијата се движат

Венерина муволовка (Dionaea muscipula)

Пред десет години група американски биолози се обиде да објасни зошто покажуваме скромен интерес за растенијата. За таа прилика смислиле и посебен термин – слепило за растенија (plant blindness), за да ја опишат неспособноста на повеќето луѓе не само да го објаснат животот на растенијата туку дури и да го забележат нивното постоење околу нас.

Од опширното тестирање студенти, наставници по биологија, но и поширока публика, биолозите согледале дека репутацијата на растенијата е диспропорционално слаба со оглед на нивното значење како живи организми. Според мислењето на една од школите, овој феномен може да се објасни со психолошки причини: човечкото око добива околу десет милиони информации во секунда, но нашиот мозок и нашето внимание се фокусираат само на неколку, само десетина. Ваквиот несвесен избор на само мал дел информации се случува бидејќи човечкиот мозок е фокусиран врз три карактеристики на објектите од нашето опкружување: движење (растенијата се бавни и најчесто денес изгледаат како што изгледале вчера), силни бои (иако цветовите несомнено го привлекуваат нашето внимание, се појавуваат само периодично) и потенцијална опасност (кој се плаши од растенија?). Со други зборови, растенијата се објекти што ги гледаме, иако не им придаваме особено внимание. Тие едноставно не ја побудуваат нашата љубопитност. Меѓутоа, има и исклучоци кои дополнително ја потврдуваат оваа теорија. Токму како што не е вест дека куче каснало човек, туку дека човек каснал куче, постојат и видови растенија кои со своето однесување успеале да поттикнат исклучителен интерес.

На пример, такви се растенијата што се движат. Додуша, треба да се каже дека сите растенија на овој или оној начин се движат, без разлика дали станува збор за движење кон изворот на светлина, отворање цветови или продирање на коренот и дека тоа не е нешто невообичаено. Единствено што нивните движења најчесто се толку бавни што остануваат под радарот на нашата перцепција.

Но, овде не станува збор за нив, туку за растенијата кои според брзината се споредливи со животните. За некои од нив може да се каже дека во одредена мера ги нарушуваат основните постулати на биологијата на растенијата. Намерно велиме во одредена мера, бидејќи нивното однесување, како што ќе видиме, сосема добро може да се објасни еволуциски, а како што кажа големиот биолог Теодосиус Добжански, „ништо во биологијата нема смисла освен во светлината на еволуцијата“.

Срамежлива мимоза (Mimosa pudica)

Ужината

Еден од најпознатите претставници на ова необично семејство е Венерината муволовка (Dionaea muscipula), мало растение со висина од 3-4 сантиметри, кое потекнува од мочуриштата на источниот брег на Северна Америка. Станува збор за вид растение кое расте на неплодно земјиште и кое своите нутритивни потреби мора да ги задоволи со фаќање инсекти во стапица составена од две поврзани челусти. Всушност, станува збор за листови кои нормално ја вршат фотосинтезата во отсуство на жртва. На внатрешната страна од овие листови се наоѓаат три сензорни влакна распоредени во облик на триаголник. Кога невнимателниот инсект ќе слета на челуста и ќе допре едно од влакната, нема да се случи ништо. Меѓутоа, ако во рок од 15 секнди повторно го допре истото или друго влакно, стапицата ќе почне одеднаш да се затвора. Оваа биолошка замка е нечувствителна на еден допир, или, пак, на два или повеќе допири меѓу кои поминале повеќе од 15 секунди. Александар Волков од Универзитетот Оквуд (САД) покажал дека електрицитетот предизвикува затворање на Венерината муволовка така што со помош на чувствителните електроди, без директно допирање, ја насочува струјата кон отворените челусти на растението.

Чичок (arctium lappa)

Заплашување

Уште поинтересен случај е Срамежливата мимоза (Mimosa pudica). Станува збор за исклучително сензитивно растение познато по тоа што со брзи движења на листовите реагира на допир. Долго се сметало дека ова растение има нерви и ткива слични на оние кај животните, меѓутоа, денес се знае дека, како и кај Венерината муволовка, движењата ги иницираат електрични сигнали кои од местото на контактот се пренесуваат до основата на листот, активирајќи ги „пумпите“ во одредени ќелии кои доведуваат до циркулација на водата и моментално движење на целокупниот лист надолу. Иако станува збор за сличен механизам, адаптивната вредност на ваквото однесување не е исто како кај месојадците. Ваквите движења ги заплашуваат инсектите кои слетале на ова мало растение за да се хранат со нејзините листови. Мимозата реагира исто како и човекот кога неговата кожа ќе ја допре здодевна мува.

Некои делови од растенијата ги користат животните како превозни средства. Семките или плодовите со леплива површина или куки можат да се закачат на крзното на животното или за пердувите на птиците и на тој начин да поминат долг пат. Велкро материјалот (добро познатата „чичок трака“; зборот настанал со спојување на француските зборови velours /сомот/ и crochet /кука/), лепливата лента со малечки куки и бројни начини на примена, ја измислил еден швајцарски планинар кој бил доволно љубопитен под стереоскоп да ја погледне површината на досадниот плод кој упорно се закачувал не неговите панталони. Дури и ако еволуцијата не ги опремила со никакви посебни помагала, семките на растенијата, благодарение на нас, можат без никакви проблеми да совладаат оддалеченост од неколку километри. Доколку чекорите по кал, на крајот од прошетката исчистете ги чевлите и ставете го во саксија. Многу брзо ќе дознаете дека прошетката не е корисна само за срцето, туку и за сеење семиња.

Глуварче (Taraxacum)

Чадорите, падобранците и хеликоптерите

Има растенија кои како да се конструирани од врвни инженери. Тие произведуваат плодови или семки опремени со механизми за лебдење во воздухот. Глуварчето има семе што личи на чадор, див тутун што личи на чадор со прамени од свиленкаста коса, а семето на јаворот неодоливо потсетува на крила на хеликоптер. Семињата не се пренесуваат само благодарение на ветерот. Има и такви кои го преферираат водениот сообраќај. Кокосот ги користи морските бранови за да се префрли од еден на друг тропски остров.

Некои растенија активно земаат учество во расејувањето на сопственото семе. Плодот на Дивата краставица има еластични ѕидови и толку е наполнет со вода што внатрешниот притисок достигнува десет атмосфери, што е импресивна величина, доколку знаеме дека притисокот во автомобилската гума е два до три пати помал. Најслабата точка е местото на кое плодот е поврзан со стеблото. Најнежен допир или силен ветер ќе биде доволен да ја напукне мембраната на плодот и тој како катапулт да го расфрла семето неколку метри наоколу, во склад со сите закони на балистиката.

Релативно малку е познато дека Чарлс Дарвин во доцните години речиси исклучиво се посветил на изучување на растенијата за кои помеѓу 1862 и 1880 година напишал неколку книги. Една година пред смртта, со синот Френсис, ја објавил Моќта на подвижноста кај растенијата, книга во која се опишани бројни интересни експерименти, а на самиот нејзин крај се нашла една подоцна често цитирана забелешка: „Без претерувања, може да се каже дека врвот на коренот, обдарен со сетилност и способност да ги насочува движењата на деловите со кои е поврзан, се однесува како мозок на некои понеразвиени животни.“

Извор: Елементи, часопис за промоцију културе, бр. 1, лето 2015, Београд