Куртонизирање на рејтингот

23.08.2016 05:03
Куртонизирање на рејтингот

„ФИЧ потврди: Кризата што ја создаде СДСМ е причина за намалениот кредитен рејтинг“ - со вакви и слични бесрамно лажливи и кукавички извитоперени наслови, нашите куртонски портали се обидоа да им фрлат прашина в очи на своите читатели и да ја пласираат (и тампонираат) лошата вест - дека светски релевантната рејтинг агенција го намали кредитниот рејтинг на Македонија од и онака бедните ББ+ на крајно мизерни ББ.

Вистината е дека во образложението за скратениот рејтинг ФИЧ ја спомнува кризата, како и однесувањето на партиите кон Пржинскиот договор, и забрзаното задолжување и... Но, авторството на кризата (на СДСМ) е додадено од подмолниот куртонски ум - за него „се знае кој ја создал кризата“ - не оној што ги урива институциите, краде избори, мести тендери, не оној што безмилосно троши милиони евра на барок, не тој што систематски прислушува илјадници граѓани, туку тој што тие разговори ги објавил, и ја „создал“ кризата - значи СДСМ. Оттука ФИЧ, „мора да мислел на СДСМ“, па значи таму лежи и вината за паднатиот рејтинг! Ако некогаш некој рејтинг, па и да е најбезначаен, порасне, тогаш заслугите ќе бидат на власта и со нив ќе се почнуваат вести. Гниди!

Тоа само нè потсети дека, во злосторот што го спроведува кон сопствениот народ и држава, оваа власт не е сама. Таканаречените новинари, кои гледаат в земја кога ќе ги прашаш каде сега работат (слугуваат) и натаму упорно, со сите сили газат по својата професија, му го матат паметот на својот народ и со тоа имаат речиси еднаква вина како и сторителите на спомнатиот злостор.

Но, еднаш ќе мора да се погледнат во огледало, а ако Македонија ја има таа среќа да излезе од овој вртлог со пораз на нивните политички ментори, ќе мора да се најдат на столбот на срамот и да понесат одговорност за она што сиве овие години го „работат“.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото