„Платформа 2016“: Манифест за смртта и воскреснувањето на Македонија!

24.08.2016 02:42
„Платформа 2016“: Манифест за смртта и воскреснувањето на Македонија!

Се ближи крајот на август.

Имаме ли услови за фер и демократски избори!?

Јас мислам не, но лидерите на политичките партии имаат меѓународно спонзорирани апарати за компјутерска томографија и магнетна резонанца и сè ми се чини дека нивните снимки на општественото тело ќе покажат дека - има! Така мислам затоа што знам дека тоа се модерни апарати, кои даваат такви резултати какви што ќе им се порачаат.

Но, независно од перформансите на тие машини и од изобретателството на политичките лидери, сите ние, па дури и тие, ќе знаеме дека снимката што ги покажува кондициите за фер и демократски избори е лага!

Тоа е многу важно!

Особено е важно за опозицијата!

Опозицијата не смее да заборави дека снимајќи го на тој фалсификаторски начин општеството, се снима себеси. И дека тоа селфи нема да биде лажно. На него ќе се види болеста и на општеството и на опозицијата.

Тврдењето дека има услови за фер и демократски избори не е обична лага. Тоа е свесно произведена лага со предумисла. Како тврдењата на Буш и на Блер за оружјето за масовно уништување на Садам Хусеин. И драматичното излагање на Колин Пауел во Советот за безбедност!

На едно општество чија драма е втемелена во лагите за себе, за својата историја, за политичка репрезентација и за светот околу себе и чие спасение е во императивното напуштање на тој свет, низ лагата за условите за фер и демократски избори му се сервира идејата дека спасот е во уште една лага.

Тоа тврдење не е само еден технички или политички компромис, како што сакаат да сугерираат некои опозициски и провладини кругови, тоа не е неопходна закрпа на дупката на нашиот пат во светлата иднина. Не, почитувани, тоа е филозофско, онтолошко, дури, би рекол, прашање, а таа, мислам, спремноста, по сето пропаѓање, кога луѓето што тонат веќе немаат воздух, да им се каже дека спасот е во уште некое метро нуркање, да им се тврди дека има услови за фер и демократски избори, тоа е модар печат со кој се одбиваат сите барања за помилување на Македонија како страшен заточеник на Историјата.

Од моментот кога Шекеринска и Тодоров решија да ја решат политичката криза, ситуацијата е влошена. Поплавата на драматичен начин го покажа степенот на распаднатоста на државата. На државата во која, можеби нема повеќе политичка криза, но има сè помалку држава. На ад-хок телото му е непријатно од самото себе, реформата на избирачкиот список е криминален акт за кој еден ден некој ќе треба да одговара, директорот на мртв во вакви околности е тотално ирелевантна позиција.

Ова е само еден пример што илустрира дека играта што ја игра политичката елита е нешто сосема различно од длабинските процеси што се случуваат во општеството. Политиката, мислам и на злосторниците од власта и на опозицијата, тера некоја своја салонска агенда, спонзорирана од меѓународниот фактор, се разбира, во суштина, таа цело време се занимава со себе, нешто сосема различно од темите, проблемите и предизвиците што ги наметнува животот.

Власта и опозицијата се солидарни во одбраната на системот од растечките чувства на бес, очај, избезуменост и исфрустрираност, кои, според Управата за политичка метеорологија, можат да резултираат со појава на олујни невремиња, проследени со грмотевици и поплави!

Тоа се легитимни позиции на политичка елита.

Проблемот е во тоа што се неодржливи затоа што ние во Македонија се соочуваме со една неомарксистичка ситуација во која напрегнатоста на општествените односи и конфликтности ги пробива рамките на системот, тоа е просто една физички и ментално и енергетски, историски, ако сакате, зададена ситуација што не може да се менува со различни интерпретации, арбитражи, спинови и слично.

Дали тоа пробивање на системот ќе заврши во револуција и насилство па врз тие основи во некаков нов почеток, во нов систем или ќе заврши во агонија и сеопшто скапување, во тешка и непоправлива контаминација на просторот и на живиот свет, зависи од многу нешта и е прилично неизвесно, но сосема е сигурно дека овој политички свет каков што го знаеме и каков што функционира од почетокот на транзицијата ќе отиде по ѓаволите заедно со најмонструозното чудовиште што се јави во финалето на еволуцијата на тој злосторнички систем: вмро-дпмне!


Остварувајќи ја таа приоритетна цел, политичките елити водат дебата и остваруваат нестварни конфликти, судири кај кои на прв поглед се гледа дека не се спонтани, дека не се плод на вистинските чувства на актерите, туку се научени, од некаде сугерирани поведенија, без хемија, како да се плод на некаква свест за тоа како и што нешто треба да се каже за да изгледа драматично и истовремено да се препознава дека не е, се испраќаат одредени кодови дека конфликтот се игра како игра. Тука се во однос на животот бесмислените и банални соопштенија, бескрајно банални, со остри зборови чија острина виси во мекоста на конструкцијата или на контекстот, фразетини кои се вадат од фиоките и се бутаат во некаков повод, „призна“, „му тече низ ногавици“, „парите од тука да се дадат тука“, „го открија своето вистинско лице“, „да си дадат оставка“, „бараме итна седница“, „собираат евтини политички поени“, „ја користат несреќата на луѓето“, „во паника се“, итн.

Дрндрн јариња!

Тоа се вика селска олимпијада во натсерување!

Тие ги лажат и ги силуваат луѓето, а ја силуваат и историјата, обидувајќи се конфликтот да го држат во рамките на системот, кој, пак, во очите и на најнеписмените не може да ја издржи повеќе таа забава.

Проблем претставуваат и таканаречените протоколи на меѓународниот фактор, кои ѝ наложуваат на светската политика, политички организираниот криминал во тотално криминализираната држава, да се користи за контрола на луѓето во врвот на власта и политиката и по таа линија да се држи под контрола стабилноста, а не да се корне, санкционира и елиминира криминалот и по линија на тоа чистење да се оди на формирање на нова, стабилна стабилност!

Сакам да кажам дека меѓународниот фактор секогаш ќе биде со елитите, особено ако се тие солидарни во одбрана на системот. Дотолку повеќе што општата определба е против промените.

Така што, господине Заев, вие имате одговорност до крајот на месецот, можеби веќе при договорената средба со убиецот на Македонија, со Ханибалот од Македонија, да ја соопштите вистината за состојбата на нацијата. И политички да ја формулирате.

Не мислам дека „Платформа 2016“ може да се подготви во рамките на СДСМ, а и да може, не би било добро, вие само треба да бидете иницијатор, некаков важен фактор, се разбира, на општественото јадро кое ќе ја подготви таа „Платформа 2016: Манифест за смртта на Македонија и за нејзиното воскреснување!“

СДСМ мора да се жртвува како партија во името на општото добро, во името на спасот на Македонија, така што ќе се стопи или барем безрезервно ќе се интегрира во таа Платформа, така што ќе ги урне основите на фаталниот двопартиски судир. И ќе прогласи сеопшта битка против Злото: политичка, правна, културна, а кај што ќе биде неопходно и физичка борба.

Таа Платформа треба да биде фактор во односите со меѓународниот фактор, а не „четворицата јавачи на апокалипсата“, тој срамотен формат за општеството е мртов.

Се разбира, вие можете да се определите за лагата. Можете, сакам да кажам, да одите на избори. Но, ние имаме граѓанска обврска да ве одвраќаме од тие самоубиствени намери.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски