Како навреме да се препознае ризикот од деменција?

27.08.2016 02:08
Како навреме да се препознае ризикот од деменција?

„Дали личноста станува возбудена, агресивна или афективна?“, стои во прашалникот. „Дали тој или таа има нереални стравови за своите моќ, богатство и вештини?“
А можеби станува збор за поинаква промена на личноста. „Дали нему или нејзе веќе ништо не им е важно?“

Доколку одговорот на некое од овие прашања е потврден, (или на некои други прашања од анкетата) и доколку промената на личноста или однесувањето трае повеќе месеци, тоа можеби е показател кој упатува на рана фаза на деменција, сметаат група невропсихијатри и стручњаци за Алцхајмерова болест.

Тие предлагаат нова дијагноза – благо нарушување во однесувањето. Замислата е да се препознае и процени она што, како што тврдат многумина, често се превидува: остри промени во расположението и однесувањето како претходници на проблемите во размислувањето и памтењето кои ги носи деменцијата.

Групата минатиот месец изнесе предлог на Меѓународната конференција на здружението за борба против Алцхајмеровата болест во Торонто, и претстави прашалник со триесет и четири прашања кои би можеле да се користат за препознавање на луѓето кои носат поголем ризик за оваа болест.

„Мислам дека нам вакво нешто ни е потребно“ – вели Нина Силверберг, директорка на Програмата на центарот за Алцхајмерова болест при Националниот институт за стареење во САД, која не учествувала во составување на прашалникот и предлогот на нова дијагноза. „Повеќето луѓе мислат дека Алцхајмеровата болест пред сè е нарушување на помнењето, но врз основа на повеќегодишни истражувања знаеме дека може да почне и како нарушување на однесувањето“.

Според овој предлог, благото нарушување на однесувањето би било клинички знак кој би претходел на благото когнитивно нарушување, дијагноза настаната пред повеќе од десет години за луѓе кои имаат некои когнитивни тешкотии, но и понатаму можат да извршуваат секојдневни работи.

Доктор Захинур Исмаил, невропсихијатар на Универзитетот во Калгари и член на групата предлагачи на новата дијагноза, вели дека студиите и настаните навестуваат дека промените на емоциите и однесувањето се „скриен симптом“, дел од процесот на деменција, а не издвоена појава.

„Она што ги нагризува помнењето и размислувањето кај деменцијата може да влијае и на мозочните системи за емотивна регулација и самоконтрола“ – додава тој.

Ако две личности имаат благо когнитивно нарушување, деменцијата брзо ќе се развие кај оној кој страда од промена на расположението и однесувањето“ – објаснува д-р Исмаил.

Болните од Алцхајмерова болест со овие симптоми со текот на времето „поминуваат сè полошо“. Обдукциите покажуваат дека мозоците им биле пооштетени.

Секако, тоа не значи дека сите промени во расположението на постари години значат идна деменција. Доктор Исмаил нагласува дека симптомите треба да траат најмалку шест месеци и дека промените мора да бидат „длабоки“ за да се воспостави дијагноза на благо нарушување во однесувањето. Сепак, некои стручњаци се грижат околу тоа дека именувањето и проверката на синдромот во толку рана фаза би можеле да карактеризираат голем број луѓе и кај некои да предизвикаат грижа дека ќе се разболат од Алцхајмерова болест, за која сè уште нема делотворен лек.

Постојат добри страни на поставувањето рана дијагноза и препознавање на луѓето за кои е поверојатно дека ќе заболат од деменција“ – вели д-р Кенет Ланга, професор по интерна медицина на универзитетот во Мичиген. Но, лошата страна е „хипердијагнозата“, етикетирање на пациентите и воведување на луѓето во клинички водопад во кој ќе им се спроведуваат тестови. Често им се прават снимки на мозокот, поминуваат повеќе време кај лекар и постојано се загрижени.“

„А доколку тоа стане рутинска постапка, сигурно ќе чини многу“ – додава тој. 

Други доктори, пак, се оптимисти. „Мораме да ја подобриме нашата способност да ги препознаваме ризичните пациенти“ – вели Артур Тога, невролог на Универзитетот во Јужна Каролина. Со текот на времето „ќе дојде до делотворно лекување“ – додава тој, „а за таа болест и онака малку се знае.“

Доктор Тога вели дека неговата мајка, наставничка во пензија, покажувала немоќен гнев и други емотивни промени кога влегла во седумдесеттите, неколку години пред да добие Алцхјмерова болест. Тој верува дека тие промени настанале од нејзиното очајување додека се обидувала да го сокрие она што семејството сè уште не го воочило, „својата сè послаба когнитивна способност во однос на зборовите“. Некои стручњаци ја поддржуваат новата дијагноза говорејќи дека, за разлика од повеќето когнитивни тешкотии, за промена на расположението и однесувањето постојат терапии и лекови.

„Можеме да им овозможиме подобро да спијат, можеме да ја ублажиме депресијата, можеме да му помогнеме на семејството да научи како да се справува со проблемите“ – вели д-р Мери Гангули, професорка по психијатрија, неврологија и епидемологија на универзитетот во Питсбург.
Доктор Исмаил вели дека безволноста е вообичаен симптом, но и дека видел и поостри промени. Некоја пациентка, стара над седумдесет години, станала сексуално неконтролирана „и од срамежлива жена се претворила во промискуитетна.“ Друг пациент, 67-годишен чесен граѓанин, „одеднаш почна да пуши крек“. Подоцна и двајцата заболеле од деменција.

Промените во расположението и однесувањето одамна се препознаени како рани знаци на фронтотемпорална деменција која погаѓа десет проценти дементни пациенти. Некои стручњаци веруваат дека корисноста на новата дијагноза е поголема од недостатокот, односно непотребното лекување на пациентот.

Докторката Гангули вели: „Не би смееле да ги занемаруваме симптомите и да ја чекаме појавата на когнитивни нарушувања, бидејќи на тој начин би ја пропуштиле можноста.“

Слики: Eckhard Feddersen

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото