Власта ќе мора да се смени за да се сочува системот!

30.08.2016 12:31
Власта ќе мора да се смени за да се сочува системот!

Седнав да пишувам колумна за „Слободен печат“ и еве ме два дена заглавен во бистрење на прашањето дали е посмешна идејата од ад-хок телото за медиуми да се произведе крунски аргумент во прилог на тезата дека се исполнети условите за фер и демократски избори или е тоа идејата дека избори нема да има ако телото не се конституира!
Во каква ментална кондиција треба да биде една нација за да дозволи да ја заебаваат на ваков окрутен начин!?

Не знам, но знам дека има стручњаци што тврдат дека тоа што нам ни изгледа како заебавање на нацијата, самата нација си го доживува како врвна мазохистичка хармонизираност со самата себе!

Почитувани читатели, дали го забележавте моментот во кој политичката криза беше решена само врз основа на идејата за ад-хок телото? Јас дури добив впечаток дека самата можност телото да се формира во некој рок по решавањето на кризата, е пуштена во домашната медиумска и политичка вселена, имено, како сугестија дека кризата е решена, дека идејата за телото е клучниот дел од тоа решение, а дека самото конституирање и бескрајно бесмисленото функционирање, ќе бидат, просто, технички детали на новата политичка хармонија во Македонија. Иста работа како и со договорите од Пржино, од Клубот на апашите и од другите вагони за полнење на легените со помија за политичките свињи.

Тоа решавање на кризите преку утврдување рокови за пробивање на роковите во кои треба да се решат некои енормно глупави или помалку глупави, понекогаш и паметни, детали, не е глупава работа од аспект на политичката структура на која сме ѝ дозволиле да се занимава со нашите работи. Не, таа конфигурација од идеи, детали, хиперактивности, преговори, посредништва, варијанти, варијации и опции, сè е тоа еден убав вентил низ кој таканаречената елита пушта да му тече времето на народот и на тој начин да се ослободува притисокот во македонската барокомора, а таа да формира корпус што ќе може да го внесе во својот работен лист. Не е идејата да се дојде до решение на проблемот туку да се обезбеди трајно решавање на проблемот. Решавањето е битно, а не решението!

Втората слика што ми паѓа на ум е мртвото тело на Македонија на кое рибарите од политичките партии произведуваат бели црви за своето омилено хоби. Или, ајде, да бидам помалку црн - обична селска кокошка што ја черечат манијаци камуфлирани во политички лидери.
Можностите кои во ваква констелација се пружаат пред таканаречената политичка елита и бескрајно добродушниот и наивен народ, се бескрајни: некој може да дојде на идеја да се формираат две тела или, дури, четири ад-хок тела, за секоја поголема партија по едно тело, еве ја Агенцијата за аудиовизуелни комуникации бара да нема никакво ново тело, бидејќи тие се тоа тело што веќе ја врши работата што би требало да ја врши ад-хок телото, со право, реагираат луѓето во однос на оваа дуплирање на телата и функциите, со тоа што во Агенцијата забораваат да кажат дека не е проблемот во телото за контрола на медиумите туку во монструмот од медиуми кои под таква сеопфатна контрола во меѓувреме се родил, јас дури мислам дека се родил како таков монструм, имено, зашто породот бил убаво контролиран од политичкиот фактор.

Сакам да кажам дека сè во Македонија, од Панорамското тркало, до поплавата, од изборите, до кредитите, од оклопните транспортери за бесмислената армија, до желките на Чафкоф, од глупавите медиуми на Срчан, до Уставниот суд на Гошева, сè е тоа одредено од битката за репродукција на системот повеќе отколку од битката за власта. Власта, сакам да кажам, нема да се смени ако смената го загрозува системот, затоа што системот е приоритетен. И обратно, смената на власта може да биде - и најчесто е - елемент на одржување на системот, нужен елемент кој наскоро мора да се случи, не зашто така сака СДСМ и не зашто така сака мнозинството здраворазумни граѓани, туку затоа што тоа го бараат принципите на одржување на системот.

Бев почнал да се сомневам во мисијата на Специјалното јавно обвинителство. Ми се чинеше дека покажува превисок респект кон политичкиот контекст. Респект кој според моето мислење беше над нивото на кое СЈО можеше да работи во реалниот свет и истовремено да го чува својот интегритет. Можеби фуриозниот почеток на специјалните дами и на нивните колеги и соработници беше моментот околу кој се формираа очекувања кои, всушност, не можеа да бидат испорачани во овој период, имено, поради политичкиот контекст. Очекувања дека постапувајќи во својот правен домен ќе придонесе и реално и симболички, да се помести политичкиот контекст во правец што го посакуваа луѓето што бараа правда и слобода во своите маршеви низ улиците на Скопје и ширум Републиката. Но и покрај тоа, мене ми се чинеше дека нивните активности во меѓувреме или не беа доволни или не беа доволно добро искомуницирани со јавноста. И, дека, особено, не беа насочени кон премавнување на политичките ограничувања макар на нивото на кое тие ограничувања се респектираа. Наместо тоа се добиваше впечаток дека во погонот на СЈО се одржува температурата само колку главната машина да не престане да работи. Сèличеше на напор целата инсталација да се довлечка некако до изборите од кои се очекува во врвовите на власта да исфрлат политички сили што правото ќе го третираат над таканаречената народна волја и политичката арбитрарност како основни идеолошки одредници на сегашната власт.

Таквата профилација се појави како дел од општиот, неразбирлив на прв поглед, стремеж на опозиционата политичка структура да ја прекине ескалацијата на општиот конфликт и да почне кон него да се однесува како противпожарна бригада кон оган на отворено. Во таа низа на замочувања и пожарогасителни акции е потпишан договорот за таканареченото решавање на таканаречената политичка криза, кај што опозицијата на олтарот на компромисите остави и важни аспекти на борбата за реафирмација на правото ( специјален суд или специјален оддел во Основниот суд итн) во надеж дека компромисот ќе овозможи избори на кои тие ќе победат па од позиција на власт ќе му се вратат на правото.

Во тој контекст е родена актуелнава тешка би рекол депресија, раширената резигнација и очај. Чувства што произлегуваат од немоќта на луѓето да си објаснат како и зошто беше испуштена историската иницијатива и разбудениот дух, слободоумноста и спремноста да се вложи сериозен напор во името на општото добро.

Мислам дека и позиционирањето на Специјалното обвинителство и на Социјалдемократскиот сојуз беше детерминирано од идејата битката против власта односно против криминалот да не ги пробие рамките на системот. Мислам дека идејата и целта на борбата мора да биде системот бидејќи криминалот во Македонија не е деформација во рамките на системот туку системот е сам по себе криминален, како што и битката против власта, за да се добие како таква, мора да ја има над себе идејата за борба против системот кој е неправеден, бесправен, недемократски, не само зашто вмро е злосторничка организација туку затоа што имаме систем во кој секој е по малку и злосторник.

Се надевам дека од СЈО ќе ми ја растурат скепсата на почетокот на септември кога се очекуваат првите обвиненија. При што, многу важен елемент ќе биде нивната спремност да го согледаат злосторството во Македонија како злосторнички потфат не само на поединци туку и на организација на вмро како злосторничко здружување.
Ме фасцинира кога во светската политекономска наука, еј, ќе налетам на анализи во кои можам да ги препознаам теориските основи на македонската општествена, културна и државна свињарија во продукција на чипираните идиоти на вмро со помала или малку помалку мала соработка со другите играчи на политичката сцена. Понекогаш, дури, помислувам дека чипот на првите носи одредени пораки на глобалните тенденции што светот го водат директно у курац!

Не знам дали светот ги има чипирано за да може врз кожата на живите луѓе во една питома балканска провинција, да посматра какво реагира човекот на интенциите на новите поробувачки и обсправувачки форми.

Еве, земете го Коскениеми, човекот тврди дека правото во услови на глобализираниот свет се трансформира во три фази: фрагментација, деформализација, империјализација, со тоа што во првата фаза правото се појавува во режимот со кој управуваат стручњаци, во деформализацијата правото се трансформира во административни компромиси меѓу различните интересовни групи, а во последната фаза правото се сведува на доминација.

Како што може да се забележи, ние сме меѓу втората и третата фаза, повеќе во третата отколку во втората. Нели е правото кај нас потиснато од договорите меѓу политичките партии и лидери, нели е потиснато од договорите меѓу власта и владејачките партии и одредени бизнис-групации, меѓу власта и медиумите, меѓу власта и одредени центри во таканаречениот цивилен сектор, во безбедносниот сектор, исто така. Имаме ли ние империјализација на правото односно сведување на правото на доминацијата на една партија, односно на нејзиното најтесно раководство. Систем во кој политичката арбитрарност е над правото, во кој одговара не тој што е одговорен според законот туку тој за кој во штабквартирата на вмро ќе се каже дека е одговорен. Итн.

Со други зборови имаме општество кое е под владение на луѓето, а не на правото, имаме цинизам на моќта, го имаме правото како курва на моќта.

Затоа е важно - го повторувам ова макар што се сомневам во смислата на самата идеја - опозицијата да излезе од нивото на политичката борба во која се репродуцира системот и да влезе во борба против системот. Во тешка битка - бидејќи таа самата е дел од тој систем и таа битка ќе значи дека ќе треба да се бори и против самата себе. Но тоа е предизвикот на историскиот момент. Не е сè во власта и во парите!
Слики: Pawel KUCZYNSKI
Извор: Слободен печат