Истражување: Алкохолот помага за разбирање на геополитичката ситуација во светот

16.09.2016 15:13
Истражување: Алкохолот помага за разбирање на геополитичката ситуација во светот

Нашиот тим со месеци ги посетуваше кафеаните за да може преку релевантен примерок да ги собере сите неопходни податоци. Резултатите што ги добивме недвосмислено покажуваат дека нашите сограѓани стануваат експерти за геополитика по неколку пијачки – вели Страшо Тегларов, главниот истражувач во тимот. Најголемиот број испитаници кои учествуваа во овој проект, веќе после неколку чаши алкохол, покажаа завидно знаење за политиката на големите сили, воените и економските аспекти на блискоисточната криза, новата улога на Русија, со посебен осврт на партнерството со Турција и последиците кои ќе ги има врз војната во Сирија. Притоа, знаењето што го демонстрираа е вчудоневидувачко. Податоците со кои располагаат и начинот на кој ги обработуваат претставуваат највисоки дострели на политичката анализа кај нас, а убеден сум, и во светот, тврди Тегларов.

Членовите на истражувачкиот тим не запреа со проучувањето на однесувањето на луѓето во кафеаните, туку своите хипотези ги тестираа и во рамки на „Институтот“.

Во теоријата, алкохолот ги отежнува когнитивните способности што нè наведе да помислиме дека имаме методолошка грешка во нашето истражување. Затоа последното тестирање го извршивме на себеси и ги потврдивме веќе добиените резултати. Уште по третото пиво открив дека знам речиси сè за историјата на меѓународните односи, моменталната бројна состојба на американската и руската војска, вооружувањето што го поседуваат и кој сè е финансиран од Сорос во земјата и светот, објасни Тегларов и додаде дека сепак треба да се има мерка во пиењето за дискусијата да се задржи на академско ниво и да се спречат соговорниците да не ја пренасочат темата кон фудбалот и улогата на селекторот во националниот тим.

Извор: http://www.njuz.net