Дали мора да се биде среќен?

28.09.2016 00:23
Дали мора да се биде среќен?

Медиумите во голема мера се заситени од идејата за среќата како врвно достигнување на поединецот. Дали светот отсекогаш имал ваква цел?

Ако го поставите прашањето „што е среќа“, ќе добиете онолку одговори колку што ќе поставите прашања. Меѓутоа, доколку прашате колку е важно да се биде среќен, одговорите ќе бидат поизедначени: поголемиот дел од припадниците на општества кои функционираат според моделите на западната цивилизација ќе ви одговорат дека среќата е еден од најголемите идеали, практично вредност која самата по себе се подразбира.

Постои правец, така да се каже, индустрија на литературата наменета за достигнување на среќа и само-исполнување. Себепронаоѓањето или само-актуелизацијата има корени во термините на хуманистичката психологија на дваесеттиот век, онаа која го зазема местото на раните доминантни, повеќе детерминистички школи. Така таа го освежи верувањето за природата на човековата личност, внесувајќи елемент на самоизградба, за разлика од верувањето дека личноста е одредена од своите рани искуства, особено оние од детството.

Индустрија на среќата

Работата на себе и исполнувањето на своите потенцијали во јавната култура го надминаа својот првобитен концепт, и формираа автономен мотив за постигнување на среќа и активно чувство на задоволство со самиот себе. Терминологијата исполнета со овие искуства значи и проактивност, оптимизам, „позитивна енергија“, а промотори на овој вид на животен стил се т.н. „тренери за животна обука“ (анг. life coach). Меѓутоа, и надвор од овие официјално формирани активности – медиумите, маркетингот, па дури и уметноста, во голема мера се заситени од идејата за среќата како врвно достигнување. Со фрлање на само еден бегол поглед на насловните страници на списанијата, рекламите, на билбордите или телевизијата, може да се воочи речиси постојано присуство на содржини кои упатуваат на среќа и задоволство, а кои често ги придружува и мотивот на безгрижноста.

Сепак, светот отсекогаш немал ваква цел, ниту пак е во сите свои аспекти и денес насочен кон таков систем на вредности. Значењето на среќата се менувало историски и меѓу културите: многу историчари се согласуваат дека во старите времиња зборот „среќа“ значел дека некого го „следи добра среќа“, додека во денешното американско општество е доминантно среќата да се третира како нешто со кое се управува. Во стара Грција, за среќа се користел зборот „eudaimonia“, што разделено значи „eu“ - добар и „daimon“ - Бог, дух, демон. Сложенката на тој начин зборува за тоа дека секој кој е среќен го има „добриот дух“ на своја страна, односно дека нечија среќа е под влијание на боговите.

Меѓутоа, дури и античките филозофи се разминувале во дефинирањето на поимот, па така Аристотел во „Никомаховата етика“ напишал дека за еудимонија се неопходни надворешни услови и ресурси, додека сопред Платон самото постоење на доблестите кај една личност значело да се биде среќен. Визијата за среќата како поклопување на среќните околности била доминантна низ вековите, а трансформацијата на значењето започнала во средниот век, под влијание на религиското учење. Тома Аквински ја истакнал важноста на вложувањето труд во процесот на еудемонија, како и тоа дека во земниот живот среќата делумно може да се достигне и преку милосрдие, надеж и верба. Така, во однос на античките мислители, концептот на среќа се променил во смисла на тоа дека неа може да ја достигне секој кој е „божествено надарен“, додека кај старогрчките филозофи еудемонијата била „резервирана“ само за мал број исклучително талентирани поединци.

Ерата на просветителството во XVIII век прави вистински пресврт од религиското прашање „како да бидам спасен?“, кон секуларното „како да бидам среќен?“. Декларацијата за независност од 1776 година го вклучила и тврдењето дека тежнеењето за среќа, заедно со животот и слободата, е неотуѓиво право на поединецот. Забрзаната индустријализација и економскиот напредок кон крајот на деветнаесеттиот век ја пренасочиле причината за среќа од нешто што е надвор од личноста, кон нешто што е лично и може да се достигне.

Многу историчари сметаат дека масовната култура настанала во дваесеттите години на дваесеттиот век во САД следејќи ја урбанизацијата, трендовите во маркетингот и појавата на потрошувачкото општество. Дотогаш негативните конотации на среќа кои ги одржувале моралните и религиозни догми, веќе целосно исчезнале. Така, среќата станала нешто што е достапно секому, нешто што може да се насочува и контролира.

Меѓукултуралните истражувања укажуваат на тоа дека значењата на среќата се разликуваат и денес, во зависност од регионот и јазикот. Во едно истражување, група научници од САД, Велика Британија и Португалија го анализирале значењето на зборот „среќа“ во речници од триесет земји. Се покажало дека дури во 24 земји овој збор содржи надворешни одредници: добра среќа, добри услови за живот, судбина. Само во речниците на САД, Шпанија, Аргентина, Еквадор, Индија и Кенија воопшто немало никакви објаснувања во врска со факторите кои поединецот не може да ги контролира.

Во масовната западната култура, иницијативата да се постигне среќно расположение е секојдневно присутна во рекламиите, на пакувањата, на обвивките на книгите. Дејството на „среќните“ пораки сосема се разликува од личност до личност: додека некои луѓе ја преземале животната филозофија на секојдневните афирмации, некои други повремено користат стратегии за подобро расположение, или се незаинтересирани, а друг дел од луѓето ваквиот став го доживуваат како проблематичен, или дури го трпат неговото негативно влијание.

Така, кога нешто ќе стане норма, тогаш секое отстапување може да доведе до чувство на неадекватност и незадоволство од себе, или да предизвика критики и етикетирање од страна на другите. Парадоксално, барањето упатено кон себе, нужно и обавезно да мора да се обезбеди чувство на задоволство, во случај на неисполнување доведува до незадоволство, потоа до несреќа – спротивно на тоа барање.

Социјалните мрежи се покажаа како исклучително ефикасен медијатор на концептот на среќата (и обратно). „Пинтерест“ и „Инстаграм“ уште со својата концепција на содржината и формата (обработка на слики преку филтер) претставуваат селективност на темите, односно модулација на реалноста. Фејсбук немал ваква примарна намена, но се покажало дека перцепциите на другите луѓе, во помала или во поголема мера се искривени во однос на степенот и видот на информации кои некој ги споделува за себе: најчесто се прикажуваат среќни моменти со драгите личности, пријатели на забава, патувања, или други состојби кои не се дел од секојдневието.

Истражувањата покажале дека вклученоста во тие содржини е директно пропорционална на депресивноста на набљудувачот - се претпоставува дека голем број луѓе преку профилите на другите личности во себе создаваат впечаток дека нивните животи се исполнети исклучиво со среќа, радост и задоволство, а бидејќи себеси не се гледаат така, почнуваат да се чувствуваат промашено, помалку способно и, конечно, депримирано. Психијатарот Џон Шарп препорачува дека луѓето не треба да се споредуваат со другите во однос на тоа како тие изгледаат на сликите, и објаснуваат зошто тоа е погрешно: „На овој начин вие ги споредувате своите внатрешни доживувања со нечија појавна надворешност“.

Професорката по психологија на Калифорнискиот универзитет, Соња Љубомирски смета дека преголемото фокусирање на достигнување на среќа носи спротивни ефекти. Таа ја степенува среќата на скала од 1 до 10, и наведува дека вредностите меѓу двете крајности се можни и чести: ако според природата сте некаде на бројот 6 или 7, не е потребно да одите кон повисоко ниво. Исто така, да не се биде во најголема мера среќен, не значи дека сте депресивни – има многу луѓе меѓу овие крајности, вели Љубомирски.

Императив на среќата

За императивот на среќата можат да се прочитаат статии и блогови за оние кои одбиваат да се согласат со нормативноста на еден стил на размислување. Станува збор за прифаќање на сите видови емоции – и оние непријатните, токму како и оние пријатните: секоја од нив треба да се прифати и интегрира во искуството и личноста. Се истакнува и дека секој ден не можеме да бидеме подеднакво задоволни и самоуверени, и дека на тоа треба да се присилуваме, а во случај на неуспех да се обвинуваме.

Со тоа е поврзано и позиционирањето на локусот на контрола: древната мудрост која кажува дека не можеме да влијаеме на сè и сè да исконтролираме, нè води кон прифаќање на можноста да се случи нешто на што не можеме да влијаеме, и нè потсетува дека можеме да се чувствуваме и лошо, обесхрабрено, или исцрпено, а притоа да не упатуваме остра критика на својот ментален апарат. Во тој контекст, нереалните притисоци водат до еден маѓепсан круг, кој делумно зависи од конкретниот карактер, но другиот дел од заслугите сосема оправдано ги носат трендовите на „среќност“ и значењата како оние кои целата своја одговорност ја припишуваат на поединецот.

Невропсихолошките истражувања покажуваат дека нивото на чувството на среќа во еден дел е и вродено, што значи дека им припаѓа на оние фактори кои се надвор од индивидуална контрола. Научникот од оваа област, Алекс Корб, вели дека мозокот не функционира идентично кај сите луѓе, па така кај едни повеќе реагира на позитивни содржини, а кај други на негативни. Тоа практично значи дека на органско ниво постојат разлики, и дека тоа е нешто природно и легитимно, што треба да се прифати како различност.

Една студија од 2012 година ги има изнесено заклучоците дека околу 33 проценти од варијациите на животно задоволство можат да се објаснат со генетика. Иако и претходните истражувања покажале дека основното расположение во значително голем дел е наследено, авторите на оваа студија го поврзувале субјективното доживување на среќата со 5-HTTLPR полиморфизмот на гените за серотонински транспортер. Заклучиле дека личностите со поефикасен генотип известуваат дека се позадоволни и посреќни во животот.

Од друга страна, истражувачите од областа на клиничката психологија од Колеџот „Велесли“, Џули Норем и Едвард Ченг, наведуваат дека позитивната психологија ја занемарува психолошката реалност која укажува на тоа дека луѓето меѓусебно се разликуваат, и дека еден ист модел не може да се примени на сите личности. Тие го воведуваат поимот „одбранбен песимизам“ (со „стратешки оптимист"), како стратегија на преиспитување на задачите: додека „стратешките оптимисти“ поставуваат високи очекувања и затоа активно избегнуваат премногу да размислуваат што сè може да се случи, „одбранбените песимисти“ на свој начин управуваат со анксиозноста, со цел да бидат делотворни. Тие ги намалуваат своите очекувања до таа мера во која би можеле да се подготват за најлошото, а потоа во мислите поминуваат низ сите лоши ситуации кои би можеле ненадејно да им се случат.

Иако тоа можеби делува како нешто што води кон депресија, всушност е обратно: одбранбениот песимизам им помага на несигурните личности да се оградат од своите стравови и чувства на неприпаѓање, за да можат ефективно да делуваат. Двете стратегии се делотворни доколку ги користат оние на кои им одговараат, во спротивно – доколку се најдат во ситуација во која не можат да се прилагодат на своите пристапи на решавање на проблемите, личностите од двете групи развиваат чувство на вознемиреност, наведуваат авторите врз основа на истражувањата. Тие исто така нагласуваат дека форсирањето на позитивен став, доминантно во американската култура, често е штетно, и дека резултатите од одбранбениот песимизам можат да одведат токму до она што е цел на позитивната психологија, а тоа е личен раст и развој, преку успешно совладување на препреките.

Природно е и логично да се стремиме да бидеме среќни, но со дозвола да бидеме и она што сме – човечки битија, со своите несовршености, грешки во размислувањето и моменти на појава на чувства кои не се пријатни. И овој момент на разбирање и простување на себеси е содржан во позитивната животна филозофија, по пат на примена на некои психотерапевтски начела и услови, но она што е карактеристично е дека и понатаму крајната цел е среќата, додека различните состојби се нешто што треба да остане минлива, несакана состојба, која што побрзо или поефикасно треба да се надмине. На крајот, на тоа се надоврзуваат успехот и успешноста, како награда за трудот вложен во градењето на среќата и хармонијата: се подразбира дека тоа е единица мерка и доказ за ефикасноста на стремежот кон среќата како активно избрана лична филозофија.


Зошто Русите не се смеат?

Често за насмевката се зборува како за универзален јазик кој секој може да го разбере. Меѓутоа, на овој израз на лицето влијаат многу општествени фактори за кои често не сме свесни, па така и насмевките се разликуваат меѓу културите. На пример, доколку на интернет на англиски јазик го внесете зборот „зошто“ и „Руси“ сосема сигурно ќе добиете голем број текстови на тема „Зошто Русите не се смеат?".

Имено, во руската традиција насмевката не е симбол на љубезност, учтивост, па дури ниту знак дека некој ви е драг. Насмевката е исклучиво израз на личното расположение, па на голем број луѓе им било необично кога странските компании ги учеле своите продавачи да бидат насмеани во интеракцијата со клиентите. Повеќето луѓе во Русија сметаат дека продавачот може да биде љубезен и без да се насмее, а неговиот израз на лицето нема да го доживеат како однос кон купувачот, туку како гест кој е во склад со моменталното расположение. Од друга страна, сосема е во ред да се биде нерасположен и уморен, како и тоа да немате потреба да се смешкате на сосема непознати луѓе.

Интересно е тоа што во Русија луѓето одговараат на прашањето „Како си?“. Додека на нашите простори како да постои само еден одговор, "добро", во рускиот јазик се одговара градациски. Можеби толку често нема да слушнете „лошо“, но одговорот „никако" (ниту добро ниту лошо,) и „нормално“, не треба да ве изненадуваат бидејќи тоа објективно и се доминантни расположенија. Од друга страна, ако соговорникот ви вели дека е добро, најчесто не морате да размислувате дали навистина така се чувствува.

(Текст: Јована Николиќ)


Слики: Mark Whalen

Извор:elementarium.cpn.rs

ОкоБоли главаВицФото