Предавање на Бранислав Димитријевиќ, перформанси на Мишел Теран и на Христина Ивановска на КРИК фестивал

26.11.2016 15:56
Предавање на Бранислав Димитријевиќ, перформанси на Мишел Теран и на Христина Ивановска на КРИК фестивал

Дали современата уметност е сосема комодифицирана и потребно е повторно да се преиспитаат нејзините идеологии, кои се насоките во кои се развива во иднина, беа некои од прашањата што ги постави Бранислав Димитријевиќ, еден од најистакнатите теоретичари на уметноста од Белград, синоќа на На КРИК фестивалот за критичка култура. Тој одржа предавање со наслов „Насилство на информациите и апликациите: „Современата уметност нa затворање“.

- Јас бев еден од оние кои во 90-тите години, во овие наши локални средини, учествував во институционализација на современата уметност. Во тоа време имавме два идеолошки непријатели: прво, тоа беше онаа културна пракса која им припаѓаше на националните, традиционалните атавизми кои се појавија во периодот на колапсот на социјализмот и кои, на некој начин беа причина за сè она што се случи, тие застапуваа еден пред-модерен концепт на култура. Вториот идеолошки непријател беа оние кои застапуваа еден модерен концепт на култура, базиран на идејата на автономија на уметничкото или на автономно уметничко дело, што во тоа време, го доживувавме како некој вид на естетизам. Тоа беше некоја форма на празно, аполитично естетизирање, кое тогаш во време на војните, одигра регресивна општествена улога на маскирање на вистинските општествени проблеми. Сметавме дека воведувањето на критичката современа култура е начинот на борба против тие два идеолошки непријатели, рече Димитријевиќ.

Според него, она што го подразбираме под современа уметност сосема е утилитизирано и затоа треба да се размислува за пронаоѓање на други форми и концепти на мислење на уметноста.

По предавањето се одржа разговор со Димитријевиќ кој го водеа Бранка Чурчиќ од Нови Сад и Славчо Димитров од Скопје.

Во рамки на програмата на фестивалот КРИК беше промовирана и книгата „Домашна змија“ на еден од најзначајните современи албански писатели Аријан Лека. Овој роман, на македонски јазик го издаде „Готен“, а го промовираше академик Луан Старова. Лека е автор на над петнаесет поетски и прозни книги, што се преведувани на италијански, англиски, германски, француски, романски, бугарски, хрватски, македонски и други јазици. Во 2004 година Аријан Лека го основа Меѓународниот поетски и книжевен фестивал „Поетика“, чијшто е и главен и одговорен уредник, што денес се смета за најзначајно во Албанија.

Познатата канадска уметница Мишел Теран го изведе својот перформативен разговор „Испрекинати сесии“ со кој се креираше сцена за јавно читање на разговорите водени помеѓу психолог и четири жени од Мадрид за нивните лични искуства со присилно иселување. Транскриптот, кој е преведен на англиски и француски од шпански јазик, е сведоштво за секојдневната реалност на современата криза, на тој начин пренесувајќи ги личните искуства во една универзална тема околу социјалните распади и дезинтеграцијата на домот.

Македонската уметница Христина Ивановска го изведе перформансот „Документот што недостасува“. Нејзиниот истражувачки интерес и уметничка практика се испреплетуваат околу прашањето за потчинувањето, контролата и конструкцијата на колективната меморија во однос на женските стратегии на отпор и политика. Сведено на лично ниво, кое започнува со прашањето „Која сум јас?“, Иваноска го пронаоѓа својот пандан во улогата на Роса Плавева, револуционерка од почетокот на ХХ век, која е заборавена во архивите од минатото. Перформансот, што Ивановска го изведе е фантазмагоричка интерпретација на претпоставеното испрашување на Роса Плавева кое се случило најверојатно во 1951 година.

„Како би можело да изгледа – кон политички и историски теми преку видео“ е видео презентацијата на Зилке Витиг, со дела од  n.b.k. Видео форумот.

Вчера започна и дводневната работилница Дигитална библиотека/Моја архива: од корисник до аматер-библиотекар со Марсел Марс и Томислав Медак од Хрватска. На работлиницата може да се научи како се дигитализираат книги, списанија и архивски документи, каде може да се најдат електронски книги, списанија и документи, најдобриот начин да се организира електронска колекција. Потоа како се одвива процесот на дигитализирање, создавање и споделување на дигитална колекција и организирање на истражувачкиот процес со дигитални документи и архиви.

Денеска на КРИК фестивалот, во Чифте амам, во 19,3 часот, Бранимир Јовановиќ ќе одржи предавање „Економско насилство - несвесни за него, иако секојдневно со него“, а потоа ќе има разговор во кој ќе учестуваат Петар Гошев и Кристина Ампева.

 

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики во соработка со: Мултимедијалниот институт (Загреб), kuda.org (Нови Сад), Контрапункт (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб), ве повикува да бидете дел од КРИК (критика – реакција – идеја – конфронтација) – фестивал за критичка култура. КРИК – фестивал за критичка култура е соработничка платформа помеѓу Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и Есперанца – светски културен центар. Оваа платформа е отворена за соработка со сите заинтересирани организации, неформални групи и поединци.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

КРИК – ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање на општествените процеси.