Aва Гарднер - босоногата контеса

24.12.2016 12:51
Aва Гарднер - босоногата контеса

На денешен ден, на 24 декември 1922 година, е родена Ава Лавинија Гарднер, една од најголемите актерки од златното доба на Холивуд и една од најубавите жени на сите времиња.

Ава Гарднер е родена во Северна Каролина како најмлада од седумте деца. Имала двајца браќа и четири сестри, во семејство кое одгледувало памук и тутун. Нејзината мајка имала шкотско-ирско потекло, додека нејзиниот татко бил мешавина од ирец и Тускарора индијанец. Додека децата сè уште им биле многу мали, семејството Гарднер ја изгубило својата фарма, па морале да пронајдат други начини за преживување.

Кога Ава имала 13 години, семејството се преселило во гратчето Њупорт Њуз во државата Вирџинија, каде што нејзината мајка се вработила како управителка на гостилници. Две години подоцна, по смртта на нејзиниот татко, семејството се вратило во Северна Каролина. Така Ава Гарднер во градот Вилсон завршила средно училиште, и една година посетувала курс за секретарка.

Во 1941 година Ава отишла да ја посети својата сестра Беатрис и нејзиниот сопруг, фотографот Лари Тар. Тој ја фотографирал, и сликата ја закачил на на излогот на своето фотографско студио. Таа фотографија ја забележал Бернард Духан, кој лажно се претставил како трагач по таленти на MGM, и побарал од Tар адреса на убавицата од фотографијата. Тар одбил да му даде податоци, но го испратил нејзиното портфолио во МGM, по што студиото ја поканило на разговор. Истата година, Ава Гарднер пристигнува во Холивуд, во придружба на својата сестра Беатрис.

Од студиото прво ѝ бил испратен учител по дикција, бидејќи зборувала со силен јужен акцент. Следната година, на само 19 години, Ава Гарднер се мажи со Мики Руни, кој веќе бил голема ѕвезда. Бракот трае само една година. Подоцна, кога Ава Гарднер станува секс симбол, Руни имал обичај да го воздигнува нивниот краток брак до небото, особено во сексуална смисла, но Гарднер на таквите приказни реагирала остро и категорично:

„Тој можеби уживал во сексот, но, јас го немав тоа задоволство.“

Се чини дека ништо повеќе не ја импресионирал ни вториот сопруг, познатиот џез музичар Арти Шо, со кого била брак од 1945 до 1946 година. Исто така, со години ја прогонувал ексцентричниот милионер Хауард Хјуз, но Гарднер постојано го одбивала, иако осатанале пријатели до крајот на животот.

По првите неколку филмови, во 1946 година ја добива улогата во филмот The Killers, во кој дебитира во тоа време сè уште непознатиот Берт Ланкастер. Гарднер во овој филм одигрува мистериозна femme fatale типична за ноар филмовите од тоа време (филмот делумно се базира на еден расказ на Ернест Хемингвеј, а сценариото го напишал Џон Хјустон). Од тој момент големата ѕвезда била родена: сите, и публиката и критичарите биле импресионирани од нејзината интерпретација на неодолива и опасна жена, но Гарднер не сакала да остане само femme fatale во текот на остатокот од својата кариера.

Сепак, секогаш барала, и добивала, улоги на одлучни и самосвојни жени. Така, во 1951 година го снима величествениот мјузикл Showboat од 1952 година. Потоа следуваат Снеговите на Килиманџаро, 1952, и Могамбо од 1953, за кој добива и номинација за Оскар.
Работното искуство со Џон Форд, Гарднер го опишува вака:

„Тој е најлошиот човек на светот. Сосема е зол. Го обожавав!“

Aва Гарднер во филмот The Killers

Ава Гарднер влегува во брак со Френк Синатра, кој подоцна во својата автобиографија ќе ја опише како љубовта на својот живот. Синатра својата претходна сопруга Ненси ја напушта за Гарднер, и тоа, заедно со нивниот статус на ѕвезди, целата романса ја доведува до насловните страници на сите весници. Тогаш сè уште прилично конзервативниот Холивуд на Синатра не му го простува лесно тоа што го напушта семејството поради една фатална жена, така што првите неколку години брак Синатра ги поминува во сенка на својата сопруга.

Во 1953 година, Гарднер го искористува своето тогаш многу големо влијание во Холивуд, за да му обезбеди улога во филмот „Одовде до вечноста“ (1953), со кој Синатра се враќа на сцената и освојува Оскар.

Кога подоцна го опишувала својот однос со Синатра, Гарднер изјавила:

„Во кревет бевме сјајни. Проблемите обично почнуваа на патот до бидето. “

Во текот на овој брак, Гарднер забременила двапати, но ги абортирала и двете деца. Подоцна, оваа своја одлука ја објаснува вака:

„Ние не бевме во состојба да се грижиме ни за самите себе. Како би се грижеле за дете?"

Ава Гарднер и Френк Синатра

Во 1954 година го снима филмот „Босоногата контеса“, кој многумина го доживуваат како делумно автобиографски филм, меѓу другото, и поради тоа што Ава и во реалниот живот обожавала да оди боса, но и поради тоа што приказната на филмот за девојката од село која станува меѓународна ѕвезда, но не паѓа во блескавите мамки кои ја опкружуваат, во голема мера ја одразувала и нејзината животна приказна.

Многу добро ја памтиме од еден од првите холивудски постапокалиптични филмови On The Beach снимен во 1957 година, истата година кога се распаѓа и бракот со Синатра. Во 1964 година, ја игра веќе нешто постарата, но сè уште
силна и способна Максин Фалк во „Ноќ на игуаните“, покажувајќи како навистина знае и да глуми, а не само да изгледа убаво.

Во 1968 година, Гарднер се сели во Лондон, но продолжува да снима, иако поретко од претходно. Тогаш ја одигрува австриската царица Елизабета во Мајерлинг, а во седумдесеттите години се појавува и во некои тогаш популарни филмови за катастрофи, од Earthquake до Cassandra Crossing.

Ава Гарднер во „Босоногата контеса“

Но, според нејзините зборови, снимањето филмови не било нешто што особенo би ѝ недостигало. Како што и самата рекла, таа филмовите ги снимала за „плен, срце, за плен.“
Нејзиното повлекување од светот на филмот медиумите често го толкувале како одраз на внатрешни проблеми, одбивајќи да прифатат дека некој со здрав разум едноставно може да биде незаинтересиран за статусот на ѕвезда и животот во Холивуд.

Последниот филм Regina Roma, Ава Гарднер го снима во 1982 година. Четири години подоцна доживува два последователни мозочни удари по кои останува делумно парализирана. Френк Синатра ја замолил да плати лет до САД во медицински опремен авион, и организирал специјална посета на специјалисти, но не можеле да ѝ помогнат: Гарднер страдала од емфизем и лупус, и се вратила во својот дом во Лондон.

На 25 јануари 1990 година, на 68-годишна возраст, Ава Гарднер на својата домаќинка Кармен ѝ рекла: „Толку сум уморна“, и ги затворила очите засекогаш.

Извор: Voxfemiane

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото