МОМА протестира против Трамп изложувајќи дела на уметници од муслиманските држави

07.02.2017 02:00
МОМА протестира против Трамп изложувајќи дела на уметници од муслиманските држави

„Пророкот“, Парвиз Танаволи

 

Како дел од досега најсилните протести на една од најзначајните културни институции против извршната наредба на претседателот на САД Трамп која се однесува на имиграцијата, Музејот на модерна уметност во Њујорк, повторно изложи дел од својата постојана колекција на дела од уметници од муслимански држави на чии граѓани им е забрането влегувањето во Соединетите Држави.

Седум дела од уметници како што се суданскиот сликар Ибрахим ел-Салахи, архитектката Заха Хадид, со потекло од Ирак и од иранската видео-уметница што живее и работи во Лос Анџелес, Тала Мадани, биле поставени минатата недела, во текот на ноќта, на петтиот кат на галериите на МОМА. Овие дела беа изложени на местото на седум дела од Пикасо, Матис и Пикабиа и други западни уметници.

Покрај секое дело на ѕидот е поставен и текст, во кој јасно се кажува намерата на музејот: „Ова дело е на уметникот од нација на чии граѓани им се забранува влез во САД, според извршна наредба на претседателот издадена на 27 јануари, 2017 година. Ова е едно од делата од колекцијата на Музејот претставени на петтиот кат на галериите за да ги афирмира идеалите на добредојденост и слобода, кои се од витална важност за Музејот, како што се за САД“, пишува покрај секое дело.

„K+L+32+H+4. Татко ми и јас“, Чарлс Хосеин Зендеруди

Освен Хадид и Ел-Салахи, сите други уметници се родени во Иран или се со иранско потекло. Се работи за Мадани, скулпторот Парвиз Танаволи, цртачот Чарлс Хосеин Зендеруди, фотографката Ширана Шабази и сликарот Маркос Грегоријан. Покрај тоа, голема скулптура од алуминиум и челик од Сиа Армајани, американски уметник роден во Иран, беше поставена во лобито, со стаклени ѕидови, со поглед на градината.

Овие промени во поставката на петтиот кат претставуваат прекинување на традиционалната приказна за западниот модернизам пред 1945 година. МОМА многу ретко ја има прекинувано својата поставка на уметнички дела од пост-имресионизам до кубизам, дадаизам и потоа, поставка која сè уште ја рефлектира модернистичката визија на првиот директор на МОМА, Алфред Бар. Тој имал визија да направи колекција на дела од поствоената и современа уметност. Музејот планира и во наредните денови да го продолжи протестот со изложување на нови дела.

„The Peak Project, Хонг Конг, Кина“, Заха Хадид

Исто така, за овој месец, МОМА закажа и четири проекции на филмови на режисери, кои се жртви на забраната за влез во САД. Меѓу филмовите се: „Al-Yazerli" (1974), експериментално дело германскиот режисер со ирачко потекло Каис ал Зубаиди и „Ѕвезди среде бел ден“(1988), од Осама Мухамед, сириски режисер кој живее во егзил во Париз.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото