Шара-купот веќе не ни шара

22.02.2017 11:11
Шара-купот веќе не ни шара

„Се надевам дека 41-то издание на Шарпланинскиот скијачки куп ќе биде уште подобро“, изјави во 2013 година легендарниот Бојан Крижај, техничкиот директор на 40-тиот натпревар што беше во календарот на ФИС додека тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, цврсто го прегрнуваше шарпланинчето, заштитен знак и главна награда на Купот, пред да му го предаде на победникот.

На 70-годишнината од првиот натпревар нема абер за Купот. Се чини дека Крижај ѝ „удри крст“ на една од најстарите спортски меѓународни манифестации кај нас. Надежите на Словенецот, кој е вљубен во Попова Шапка, веќе четврта година по ред никако да се остварат. Ако дотогаш Шара-купот шараше, час го има, час го нема, денес не ни шара. Воопшто не се одржува.

Пред четири години Гоца беше многу силна. Бркањето на опозицијата и новинарите од Собранието беше тазе, немаше бомби, ниту СЈО, се фрлаа пари за пропаганда во секоја пригода, дури и на снег... Се најавуваа инвестиции од 30 милиони евра во ски-центарот и дека Шара-купот ќе стане дел од Европскиот куп. Денес ги нема ниту Гоца, ниту кутрето, ниту Купот.

Организаторите се обидуваат отсуството на Шара-купот да го оправдаат со изговорот „технички причини“, што е формулација за тоа дека нема доволно снег. Вистинските причини се тоталната запуштеност на ски-центарот, губењето на традиционалните врски во светот на скијањето, како и различните приоритети на „градежната компанија“, наречена Агенција за млади и спорт, иако сега има и дополнителни приходи поради финансиската инјекција за спортот со најновите законски измени. Додека Банско стана дел од светската мапа на ски-трки, ние ниту топовите за вештачки снег во Маврово не ги користиме (биле прескапи за одржување), а на Шапка ги нема воопшто.

Не е до снегот, туку до односот кон Шара-купот. Како кон ланскиот снег!

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото