Плукачки одред „Грујо југенд“

04.03.2017 14:42
Плукачки одред „Грујо југенд“

Бре, што храбри јунаци ова началнициве. Тие во папучи, со далечинскиот управувач дома, а на улица, како топовско месо – деца и малолетници во одбрана на криминалот на Фамилијата. Млади луѓе, средношколци, студенти, претворени во аватари на Пастирот, спроведувачи на наредбите кои доаѓаат по СМС, мобилен телефон, на состанок во партиски штаб, на социјални мрежи…

„Подлогата“ за ова се подготвуваше една цела деценија. Само за илустрација: комшија ми раскажува дека неговиот син е целиот фрлен во филмот „Александар Велики“ и Фалангата, сака мечови, штитови, шлемови, копја…. Во 21 век. Затоа што така ги воспитуваат децата во градинка. Друг комшија ми се жали дека наставникот по историја му го труе детето со глупости, кои тој потоа не може со денови и томови енциклопедии да ги „поправи“.

Верска, идеолошка, политичка, етничка индоктринација, сепарација, деградација на квалитетот на наставата и на наставната материја – тоа е она што го спроведе власта на МВРО во образованието, во изминативе години. И секако, безмилосна партизација, со што партиската книшка и припадност станува услов за вработување, напредок, оценки, стипендии…

Е, таа младина, денес ја гледате како плука и тепа новинари, истакнати интелектуалци, граѓански активисти… Играта е мошне перфидна! Ако реагирате онака како што треба, и се обидете да си го заштитите личниот, физички и морален интегритет, ќе испадне дека напаѓате некое дете или малолетник.

Сцените на акциите на „плукачките одреди“ на началниците се снимаат оддалеку, за да не се слушнат искажаните навреди и провокации. Потоа, „успешно изведената“ и снимена акција, се препраќа до однапред инструираните медиумски мегафони, кои ќе ја употребат за уште една демонизација и дискредитирање на жртвата, или пак, за да се претвори жртвата во насилник а насилникот во жртва, доколку акцијата е „неуспешна“. А, за една плуканица или шлаканица, како што слушнавме од Пастирот лично, во објавените „бомби“, се одговара прекршочно.

Прилично „итро“, нели ?!

Која е целта на овие „јунаштва“ на началниците, кои ги спроведуваат затруени деца и млади луѓе? Има две цели: да се охрабрат симпатизерите на власта во заминување, да спроведуваат слични „акции“ и со тоа да се подигне издишаниот морал на „патриотите“. Втора цел, секако, е – да се заплашат и „пацифизираат“ сите оние кои се против режимот, секако, преку удар врз оние кои се најгласни и највидливи во критиката.

Е, нема да пројде, бандити! Тоа што ги вадите децата и младите како „топовско месо“, само покажува дека крајот ви е мошне блиску. Ќе ве потсетам дека истото го правеше Хитлер, истото го прават сите диктатори кои се соочуваат со крајот. И Хитлер вадеше деца на барикадите на Берлин, но тоа не го спаси од неизбежната судбина…

Така ќе биде и со вас. И уште едно нешто да знаете: злосторничко здружување и ваквата злоупотреба на деца и малолетници, со цел да се спроведува насилство во земјава, не е само прекршочно дело.

Набргу ќе се уверите во тоа.

Извор: civilmedia.mk
Слика: ШкАрт