Бранко Прља и Роберт Алаѓозовски на Меѓународниот Саем на книгата во Лајпциг

24.03.2017 10:37
Бранко Прља и Роберт Алаѓозовски на Меѓународниот Саем на книгата во Лајпциг

На Саемот на книга во Лајпциг, кој почнува на 23 март и ќе трае до 26 март, во организација на издавачката куќа Готен, во партнерство со европската мрежа за литература и книги Традуки, ќе настапи младиот македонски писател Бранко Прља, во програмата, „Ниту исток ниту Запад, алхемијата на Балканот“. Бранко Прља, еден од нашите најиновативни и експериментаторски автори, ќе се претстави преку тематски разговор заедно со Маша Дабиќ, а под модераторство на Амир Камбер. Мотивот за поврзувањето на овие двајца автори е во фактот што и Маша Дабиќ и Бранко Прља го напуштиле Сараево 1992 година, кога изби војната во Босна и Херцеговина. Бранко Прља се преселува во Македонија. Маша Дабиќ во Австрија. Разговорот ќе се фокусира на нивната авторска поетика и трагите од нивната судбина во заднината на нивните дела.

На манифестацијата ќе биде претставен каталогот „Свежа крв“ што за оваа пригода беше специјално подготвен од Издавачката куќа Готен, во која со кратки одломки, биографски податоци и рецезентски белешки, на германски јазик се претставени седум млади автори од Македонија. Нивните дела и кариери се во нагорна линија, а во каталогот ќе бидат претставени со нивните најнови или најнаградувани прози, авторски дела кои досега не биле преведени на германски јазик, ниту претставени пред германската публика. Во каталогот се застапени добитниците на наградата за литература на ЕУ, Лидија Димковска, Гоце Смилевски и Ненад Јолдески, добитникот на наградата Роман на годината, Петар Андоновски, финалистите на истата награда, Владимир Јанковски и Бранко Прља и Румена Бужаровска, една од нашите најпочитувани писателки во регионот.
Каталогот ќе им биде разделен на претставници на издавачките куќи присутни на саемот, на авторски агенции, книжевни агенти и други застапници кои посредуваат во објавувањето на авторските дела на меѓународниот пазар на книги. Публикувањето на каталогот е дел од проектот „Различна Европа: интеркултурни автори во дигитала и надвор“, поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија. Проектот е фокусиран на престижни европски автори кои освен врвниот книжевен квалитет, ја споделуваат и различноста како своја карактеристика. Тие или се од интеркултурно потекло или ја имаат културната различност како тема на своите дела.

За време на саемот Роберт Алаѓозовски, од издавачката куќа Готен, координатор на претставувањето, ќе оствари средба со раководните луѓе од мрежата Традуки и ќе разговара за можностите и Македонија да стане дел од ова партнерство. Членки на оваа мрежа се речиси сите земји од регионот, Министерствата за култура на Хрватска, Црна Гора, Романија, Србија, Албанија и Словенија, како и државни агенции од Австрија и Швајцарија и фондации за култура од Германија. Како дел од програмата за соработка Традуки освен што одобрува преводи на македонски автори, ја финансира книжевната резиденција во Скопје, поддржува програми за промоција во странство и разни книжевни манифестации во земјата. И покрај тоа што Македонија не е формален член од мрежата, издавачите и организациите од земјата се меѓу најуспешните во добивањето подршка. Членството во мрежата може уште повеќе да ги зголеми бенефитите за земјата и на посистематски начин да го подобри позиционирањето на македонската книжевна сцена во регионот и во германофонските земји. Партнерите од Традуки, којшто одлично го познаваат германофонскиот книжевен пазар велат дека континуираното присуство и соработка е клуч на успехот.

Меѓународниот Саем на книгата во Лајпциг е една од најзначајните книжевни манифестации во Европа која врши голема промоција на авторите кои се претставуваат на саемот и ги зголемува нивните шанси да бидат преведени на германскиот, но и на останатите јазици од светот и регионот. Токму промоциите во рамките на саемот поттикна конкретни договори за превод на дела на наши автори и овозможи и разни други форми на соработка.