Косовската синдикална беда

24.03.2017 11:00
Косовската синдикална беда

Работа без договор, прекувремена работа без плата, несигурност на работа: оние ретките на Косово кои имаат среќа да најдат работа се изложени на сето ова и на многу други прекршоци кои работодавците ги прават неказнето. Работните места во моменталниот однос на силите се простор на авторитарен презир кон правата на работниците. Растечките разлики помеѓу богатите и сиромашните и другите политички проблеми кои ја блокираа земјата не даваат никаква надеж за подобрување во скоро време. За жал, синдикатите не играат никаква позначајна улога во политичкиот и општествениот живот на земјата уште од раните 1990-ти, кога организираа штрајкови против укинувањето на автономијата на поранешната социјалистичка покраина.

По најголемиот од тие штрајкови, во септември 1990, режимот на Слободан Милошевиќ отпушти повеќе од сто илјади работници. Таа ситуација доведе до албански бојкот на институциите на Србија, но ја ослабе Унијата на независни синдикати на Косово (BSPK), единствената косовска синдикална конфедерација. Таа оттогаш всушност не игра важна улога во борбата против сè полошите работни и социјални услови во земјата, а крајот на војната во 1999 година дополнително ја ослабна во однос на другите актери. Впрочем, нејзините претставници седат во управниот одбор на Косовската агенција за приватизација, чии активности доведоа до затворање на најголемиот број косовски фабрики и создавање на армија невработени.

Кога во средината на 1990 е основана, BSPK има задача посебно да ги претставува етничките Албанци, за кои се сметаше дека не се адекватно застапени во официјалните синдикати. Денес ги претставува речиси исклучиво работниците од јавниот сектор. Мрежата на оваа конфедерација е сè уште разгранета: има дури 19 гранкови синдикати и пет регионални канцеларии во сите поголеми градови. Постојат синдикални организации на ниво на претпријатија и сектори, а конфедерацијата има функционални тела како управно собрание и претседателство. Но, тоа не значи дека овие структури не се зафатени од судири.

Постојана ерозија на влијанието

На пример, во декември 2011 година BSPK требаше да организира конгрес, но претседателот Хаџи Арифи имаше предизвикувач. Бидејќи не можеа да се договорат околу изборот, на крајот се одржани два конгреса. Оној одржан во Ѓаковица го избра досегашниот претседател Арифи, а вториот е одржан во Приштина каде за нов претседател е избран Али Шабанај. Судирот околу тоа кој е вистински претседател за малку ќе станеше и физички кога се сретнаа двете групи. Конфузијата околу овој конгрес доведе до заминување на два важни синдикати од конфедерацијата: оние за образование и полиција.

Синдикалната густина (процент на работници зачленети во синдикат), како и општата јавна присутност на синдикатите се постојано во пад. Уште во 2010 повеќе од 20% од работниците (главно од јавните служби) биле зачленети во некој од синдикатите на BSPK. До 2015 тој удел падна под 15%, односно на нешто помаку од 47 илјади работници. Фактор кој најмногу придонесува за намалување на уделот на работниците во синдикатите е процесот на приватизација, во кој BSPK учествува. Партиските судири во синдикатите дополнително ги ослабнуваат и онака скромните организациски капацитети и ги исцрпуваат финансиите. Најголем проблем секако останува фактот дека оној дел од работниците на кој најмногу му треба синдикална заштита воопшто не е застапен.

Во последно време најактивните синдикати на BSPK се оние во здравството, поштата и телекомуникациите и синдикатот кој ги вклучува работниците од фирмата Електрокосова. Но, општо најактивниот синдикат, оној за образование и наука, повеќе нема врска со конфедерацијата. Тој е особено ангажиран во борба против насилството во училниците, кое во последно време ескалираше. Претседателот на тој синдикат, Рахман Јашај, дури и се закани со штрајк поради овој проблем, кој „не погодува само поединци, туку претставува и напад на образовните институции“.

Потреба од обнова

Делотворноста на синдикатот постојано е изложена на остри критики како од стручњаците, така и од самите работници. Јавната поддршка на BSPK е изразито слаба за што придонесува и невештата комуникација со јавноста. Така, конфедерацијата денес главно е позната по благите изјави кои не кореспондираат добро со расположението на работниците. Сето тоа придонесе за обвинувања за корупција во врвот на синдикатот и општ впечаток дека основна функција на BSPK е да го подмири своето водство и да го задржи општествениот статус кво. Синдикатите обично се бранат со тврдењето дека е изразито тешко да се организираат работниците, што би требало да го објасни малиот број протести и штрајкови. Затоа и официјално основна цел на конфедерацијата е да учествува во „социјалниот дијалог“.

Тој, со учество на синдикатите во работата на Агенцијата за приватизација, се манифестира главно преку социјално-економското собрание, во кое освен синдикатите седат и претставници на државата и капиталот. Тоа е „дијалог“ кој неодоливо потсетува на ситуацијата во која волци и една овца дискутираат за тоа што ќе јадат за вечера. До душа, во одбрана на синдикатот, сепак треба да се каже дека има вистина во тоа дека е тешко да се мобилизираат луѓето на Косово околу прашањето на работничките и социјалните права. Но тоа е ситуација која само уште еднаш покажува колку силната синдикална инфраструктура ѝ е потребна на оваа земја. Неа би можел да ја изгради само новиот синдикален дух кој би го донела новата генерација работнички водачи, кои борбата за работнички права би ја повеле чекор понатаму.

Извор: Bilten

ОкоБоли главаВицФото