За земјотресите во Охридско

04.07.2017 09:50
За земјотресите во Охридско

За земјотерсите во Охридско, нормално дека никој не може со 100% точност да предвиди кога, каде точно и со колкава јачина ќе се случат, ама треба да се знае дека: статистички, според историски податоци и реконструкции, во Охридското епицентрално подрачје силните земјотреси над 4М се многу ретки (на 50-100 години), со и над 5М се уште поретки (на 300-500 години), а со и над 6М на околу 2000-3000 години еднаш. Според геолошко-седиментолошки записи, најсилен земјотрес во охридско-коселската област во холоценот достигнал 6,1М (како скопскиот во 1963), а нешто послаб во VI век, со околу 5,8-6М.

Охридското епицентрално подрачје е значајно по тоа што сеизмичките бранови се протегаат (пропагираат) главно долж централната раседна линија (раседот во подножјето на Галичица и на север до Косел), а потоа кон рамката на Охридската депресија, односно кон северозапад и југ, додека послабо латерално кон исток и запад. Длабочината од мин. 10 км. е одговорна за големата регионална распространетост до радиус од околу 150 km. Шансите за посилен земјотес од 5М (во однос на максималните забележани, типот на раседите и локалните блокови) е многу мала, а нешто поголема е кон Св. Наум и Поградец, ама овој јазол моментално не покажува активност.

Проблем се големиот број постари асеизмички градени објекти во Охридско кои може да претрпат или претрпеле штета, иако карпестите маси кон стариот дел на градот се релативно „еластични“. Секако, нема никаква опасност од класична ерупција на Косел (освен зголемено исфрлање на гасови, без оглед на затрупаноста на каналите со шут), но можна е промена на режимот и издашноста на некои локални извори и како што наведовме, за очекување се десетина послаби земјотреси кои ќе следат во деновите, па и 2-3 месеци по овој пик од 5,1М. Уште помала е шансата за појава на мини-езерско цунами (тоа би можело само доколку се јави огромен одрон или свлечиште кон езерото, ама нема услови за такво нешто). Значи, според очекуваната дури и максимална магнитуда, типот на подлогата под Охрид, еластичноста на карпите и др., нема потреба од страв од некаков разорен земјотрес или поголеми штети. Единствено треба поголемо внимание ако се живее или се поминува покрај стари објекти без бетон и арматура и со издадени балкони, натстрешници, лимени и други додатоци, високи оџаци и др. и тоа особено во следните 2-3 дена, посебно во селските населби кон епицентралниот дел.

Авторот е професор на Институтот за географија во Скопје

Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото