За добар фудбал се потребни двајца

07.09.2017 11:25
За добар фудбал се потребни двајца

За немањето желба за подобрување на добрососедските односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, најдобар пример досега е синоќешниот фудбалски натпревар на двете репрезентации, што се одржа во Струмица. Изборот на местото сигурно дека не е случаен, и сигурно дека е направен за да се избегнат евентуални инциденти од навивачките групи, како и од општата еуфорија што би се создала доколку натпреварот се одржеше во Скопје.

Македонските Албанци во најголем дел навиваа за репрезентацијата на Албанија, што е разбирливо за Албанците, но е бесмислено, безобразно и уште многу работи за Македонците… Зошто е разбирливо за Албанците?

Затоа што до ден денешен никој не направи чекор напред во креирање на чувството на припадност на државата во која се родени, живеат, учат, работат, плаќаат даноци, и раѓаат нови поколенија. Исто како и Македонците. И не ми замерувајте денес што не ги спомнувам сите други што се еднакви на гореспоментатите, затоа што денешното е токму за нив.

Затоа што на Албанците им се сотре секоја желба за навивање за спортските репрезентации на нивната држава, Македонија, со експлицитни желби за нивна смрт на речиси секој натпревар во и вон земјата, и кога Македонија би се натпреварувала со, на пример, репрезентација од некој друг универзум.

Од друга страна, Албанците, и да сакаат да навиваат за Македонија, се плашат и се срамат тоа јавно да го изразат затоа што ќе бидат презрени и квалификувани како предавници на својот род, од своите сонародници ширум земјината топка. Ако се прашувате зошто, ќе ви објаснам многу кратко.

Затоа што народното единство на Албанците е јако, непрекинливо, свето, дадено од вселената, единствено во земјината топка, и во нашите полни усти со Албанство. Исто како Македонците.

Извор: civilmedia.mk 6.09.2017