Крави

23.01.2018 15:30
Крави


Секој ден, кога ќе се појават од насока на подалечниот крај на шталата, тоа е како следен чин, или почеток на некоја сосема нова претстава.

Влегуваат во видното поле гегајќи од насока на подалечниот крај на шталата со својот достоинствен ритмичен од, и тоа наликува на свечена пригода, небаре почеток на парада.

Понекогаш втората и третата крва излегуваат во достоинствена процесија бидејќи првата застанала и мирно стои и ѕури.


Или кога утрински ќе ги отвориме завесите тие се веќе тука, на раното сонце.

Бојата им е налик на мастило, темноцрна. Онаа црна што голта светлина.

Телата им се сосема црни, но врз главата имаат и малку бела боја.

Две од нив на главите имаат крупни бели пеги, како маска. На главата на третата, на челото, се гледа само малецка пега во големина на париче од еден долар.

Неподвижни се додека повторно не тргнат, нога пред нога ‒ предните, задните, предните, задните ‒ и застануваат на некое друго место, повторно стоејќи сосема мирно.

Кога сите три стојат заедно во оддалечениот агол на полето крај шумата, формираат темна маса со неправилна форма со дванаесет нозе.


Често стојат близу една до друга на големо поле. Но понекогаш, кога ќе легнат, се оддалечуваат една од друга, рамномерно распоредени по тревата.


Денес, две се појавија зад шталата, допола, и не мрдаат. Минуваат десет минути. Сега се сосема излезени, и не мрдаат. Минуваат уште десет минути. Сега и третата е излезена и сите три стојат, една до друга, и не мрдаат.


Третата доаѓа до полето одејќи зад шталата додека другите две веќе ги избрале своите места, на подалечните краеви. Може да избере да ѝ пријде на која било. Одлучно тргнува кон онаа во подалечниот агол. Дали повеќе ѝ се допаѓа да биде во нејзино друштво, или тој дел од полето повеќе ѝ се допаѓа, или станува збор за нешто покомпликувано ‒ дека тој дел повеќе ја привлекува баш поради присуството на таа крава?


Нивното внимание е потполно, додека посматрааат нешто отспротива: Неподвижни се, и со лицето стојат спрема нас.

Само зашто се толку мирни, се чини дека имаат филозофски став.

Најчесто ги посматрам од кујнскиот прозорец, преку живата ограда. Видикот од двете страни ми е ограничен со разлистените дрвја. Изненадена сум со тоа што кравите толку често се наоѓаат во мојот видокруг, оти делот од живата ограда преку која ги гледам е широк околу еден метар и, што уште повеќе ме збунува, ако ја испружам раката рамно пред себе, моето видно поле во кое тие пасат има должина од само половина прст. А покрај тоа, тоа видно поле покрива дел од ливадата на која пасат, а која има површина од неколку стотици квадратни метри.

Нозете на една се мрдаат, но оти е свртена со лицето спрема нас, делува како да стои во место. Сепак, бидејќи се зголемува, секако се движи кон нас.

Една од нив стои пред другите две кои се потаму, во позадината, на половина пат меѓу нејзе и шумата. Во моето видно поле, тие ја заземаат истата површина во средината колку зазема и едната која стои сама напред.

Поради тоа што се три, едната секогаш може да посматра што прават другите две заедно.

Или, поради тоа што се три, две можат да се грижат за третата, да речеме, онаа што лежи. Се грижат иако таа често лежи, и покрај тоа што сите често прилегнуваат. Сега двете загрижени, секоја од своја страна, стојат со муцките спуштени спрема нејзе сè додека и таа не стане.

Приближно имаат иста големина, иако една е најкрупна, една средна, а една најмала.

Една од нив помислува дека има причини со одлучен од да отиде до другиот крај на полјаната, но другата така не мисли, и затоа стојат во место.

Најпрвин останува на местото каде што се затекнала, додека првата брзо заминува, но тогаш се предомислува и трга по нејзе.

Трга по нејзе, но тогаш на полпат застанува. Дали зашто заборавила поради што тргнала на таа страна, или зашто изгубила интерес? Таа и другите две стојат паралелно во однос една кон друга. Гледа право пред себе.

Колку често стојат така неподвижни и полека ја разгледуваат околината како никогаш порано да не биле тука.

Но сега, во налет на емоции, претрчува неколку метри.

Крај оградата гледам само една крава. Додека ѝ приоѓам на оградата го гледам и другиот дел од кравата: едно уво кое стрчи од страна низ вратата на шталата. Знам дека наскоро ќе се појави целата глава, и дека ќе гледа кон мене.

Не сме ги разочарале, или не се сеќаваат дека некогаш сме ги разочарале. Ако некогаш и немаме што да им понудиме, ако го изгубат интересот и заминат, до утре ќе заборават дека биле разочарани. Го знаеме тоа, оти кога и да се појавиме тие ги подигнуваат главите и не го вртат погледот.

Понекогаш приоѓаат во група, во мали размаци.

Едната се охрабрува од другата пред нејзе и таа тргнува неколку чекори напред, и само малку ја претекнува. Сега најоддалечената станува храбра поради оние пред себе па таа тргнува напред и оди сè додека не стане предводница. И така, на овој начин, меѓусебно храбрејќи се, напредуваат тие, како група, кон необичната ствар пред нив.

Поради ова, делуваат како целина и не се неслични на малото јато гулаби кои понекогаш ги гледаме над железничката станица, како без престан се вртат и вртат на небото, и брзо носат групни одлуки на која страна ќе тргнат понатаму.

Кога им приоѓаме поблиску, стануваат љубопитни и ни приоѓаат. Сакаат да нè видат и помирисаат. Пред да нè помирисаат, снажно издувуваат воздух низ ноздрите, да ги прочистат патиштата.

Сакаат да лижат работи ‒ нечија шака или ракав, или глава, рамо или грб на друга крава. И сакаат кога нив ги лижат: додека ја лижат, таа стои сосема неподвижно, со главата малку наведната, со снажно концентиран поглед во очите.

Една од нив може да биде и љубоморна на онаа што ја лиже другата: таа ја подметнува својата глава под испружениот врат на лижаната, и ја бутка додека лижењето не престане.

Две од нив стојат близу една крај друга: сега во ист момент тргнале во спротивни правци, па пак застануваат, точно во ист момент, како да следат упатства на некој кореограф.

Сега се помрднуваат така што на секој крај стои по глава и два грозда згуснати нозе во средината.

Бидејќи некое време стојат збиени на куп, едната трга кон подалечниот дел од полето: во тој миг делува како да има сопствена волја.

Додека лежи, гледано отстрана, со подигната глава, со нозете свиткани пред себе, формира долг остроаголен триаголник.

Нејзината глава, отстрана, има облик на еднокрак триаголник, со тапиот агол таму каде што ѝ е муцката.

Во момент на осаменичка леснотија на постоењето, додека оди прва преку полето, еднаш ја занишува главата а потоа тргнува во кас.

Две од нив започнуваат жизнерадосна игра на закачкање со главите а потоа поминува автомобил и тие престануваат за да гледаат.

Едната трза со главата, укочено клатејќи горе-долу. Тоа другата ја поттикнува со нејзе да се судира. Кога престануваат со тоа, едната од нив ја спушта муцката надоле како и порано, а другата неподвижно стои, гледа пред себе како да се прашува што правела до пред малку.

Видови игри: судирање со глави; наскокнување, било однапред или одзади; самостојно каскање; каскање во група; самостојно закачкање и трзање со глава; спуштање на трупот и главата на земја додека тоа не го забележат другите и не потрчаат до тебе; кружење на едни околу други; заземање положба за судирање со глави, па откажување од тоа.

Таа мука во правец на пошумените брда зад себе и звукот се одбива назад. Мука и друг пат со висок фалсет кој е мошне нежен за едно огромно, црно животно.

Денес стојат точно една зад друга, во линија, опаш глава, опаш глава, нанижани како автомобили во авто-воз, првата гледа право пред себе, како фарови на локомотива.

Обликот на црната глава кога се посматра однапред: гладок црн овал, поширок при врвот, кој се стеснува при дното и завршува со сосема тесно продолжение, налик на солза.

Додека збиени стојат свртени една кон друга со задниот дел, покажуваат три од четирите страни на светот на компас.

Понекогаш некоја ќе заземе положба за дефекација, коренот на опашот издигнат и свиткан како рачка на бунар.

Утрово како да се во исчекување, но станува збор за комбинација на две нешта: чудната жолта светлина пред луња и нивниот напрегнат израз додека слушаат еден мошне гласен клукајдрвец.

Рамномерно раздвоени по бледозелената трева на доцниот ноември, првата, и втората, и третата, толку се мирни, со толку тенки нозе во однос спрема телото што, кога ги посматраме отстрана, тие изгледаат како копја и како да се забодени во земја.

Колку е само прецизна, и колку свитлива: со задната нога (папок) може да досегне сосема напред за да почеша едно место во увото.

Поради наведнатата положба на главата таа изгледа дека е помалку благородна од коњот, да речеме, или од еленот кога ќе го изненадиме в шума. Поточно, поради наведнатата глава и наведнатиот врат. Кога стои мирно, врвот на главата ѝ е во рамнина со грбот, или нешто пониско, па главата малку виси поради што изгледа како да ѝ е непријатно, дека се срами или дека е малодушна. Постои макар навестување за понизност и тапост. Но сите такви навестувања се погрешни.

Тој ни вели: Тие не прават баш ништо.

А потоа додава: А всушност, што и би правеле.

Достоинственоста на одот, која подобро се гледа кога ги посматраме бочно отколку од напред. Кога ги гледаме од напред, додека чекорат, се гегаат многу малку, од една на друга страна.

Кога одат, со предните нозе прават подостоинствени движења отколку со задните кои изгледаат повеќе укочено.

Предните нозе делуваат подостоинствено од задните, оти при подигнувањето се свиткуваат во лак, додека задните нозе се подигнуваат згрчено, во линија која личи на блесок на молња.

Но можеби задните нозе се, иако личат помалку достоинствено, поелегантни од предните.

Сето тоа е поради начинот на мрдање на зглобовите: Додека двата долни зглоба на предните нозе се свиваат на ист начин, така што при подигнувањето ногата се свива, двата долни зглоба на задните нозе се свиваат во спротивни правци, така што ногата при подигнување формира два различни агла, понизок, блажен, свртен кон напред, и повисок, поостар, свртен кон назад.

Сега, бидејќи е зима, не излегуваат на пасење туку само стојат мирно и ѕурат, или повремено малку се шетаат.

Мошне студено зимско утро, едвај да е малку над нулата, но сончево е. Две од нив стојат неподвижно, глава во опаш, долго, приближно во смерот исток-запад. Веројатно за со своите пошироки страни да бидат свртени кон сонцето, да се згреат.

Ако најпосле се помрднат, дали тоа ќе биде зашто се згреале или зашто се укочиле, или им е досадно?

Понекогаш се само маса од црни ковчести облици, со по глава од секоја страна и многу нозе под.

Или кога трите, гледано бочно, сите ќе се свртат во ист правец, една зад друга, изгледаат како една дебела крава со три глави, две подигнати и една спуштена.

Понекогаш, она што го гледаме наспроти снегот се испакнатини ‒ испакнатини таму каде што се ушите и муцката, испакнатини од ковчестите бокови, или острата коска на врвот од главата, или нивните рамења.

Веќе некое време снегот упорно паѓа, и уште не престанува. Кога ќе отидеме до нив, близу до оградата кајшто стојат, на грбовите имаат слој снег. Слојот снег е и на нивните лица, па дури и на влакната околу устите се гледа тенка линија од снег. Снегот на лицата на кравите е толку бел што белите пеги, оние кои наспроти нивните црни лица се чинеа толку бели, сега се жолтеникави.

На снежната позадина, во далечина, додека доаѓаат, секоја засебно, раздвоени, со главата кон напред, личат на широки, црни потези со перо.

Зимски ден: Најпрвин едно момче си игра на снегот на истото поле со кравите. Потоа, надвор од тоа поле, три момчиња со грутки гаѓаат четврто кое покрај нив поминува на велосипед.

Во меѓувреме, трите крави стојат една до друга, допирајќи се, налик на силуети од хартија.

Сега момчињата со грутки ги маваат кравите. Еден сосед вели: „Тоа беше само прашање на време. Мораа да почнат со тоа.“

Но кравите едноставно заминуваат потаму од момчињата.

Толку се црни на белиот снег, и стојат толку близу една до друга што не знам дали се тука сите три, или само две ‒ но на тој куп секако има повеќе од осум нозе?

Малку потаму, една од нив се спушта во снегот; другите две тоа го набљудуваат, па тргаат кон нејзе, а потоа потрчуваат.

Во најоддалечениот крај на полето, во близина на шумата, чекорат од десно кон лево, и поради тоа што се такви, нивните црни тела наполно исчезнуваат наспроти мрачната шума во позадината, додека нозете им се уште видливи поради снегот ‒ црни стапчиња кои светкаат наспроти белото тло.

Често изгледаат како некаков математички проблем: 2 крави што лежат во снег, 1 крава која стои и гледа кон брдо, заедно се 3 крави.

Или: 1 крава лежи во снег, плус 2 крави кои стојат и гледаат преку пат, се 3 крави.

Денес сите три лежат.

Сега, среде зима, тие минуваат многу време лежејќи во снег.

Дали едната легнува, оти другите две легнале пред неа, или сите три лежат, оти чувствуваат дека е вистински момент да се легне? (Рано попладне е, денот студеникав, ранопролетен, со наизменични периоди на сонце и снег.)

Дали обликот на нејзиното тело, додека лежи, посмаран отстрана, е најсличен на потковица кога се гледа озгора?

Тешко е да се се поверува дека животот може да биде толку едноставен. Тоа е живот на тревопасник, заштитен домашен преживар. Кога би добила теле, животот би ѝ станал покомпликуван.

Кравите во минатото, сегашноста и иднината. Беа толку црни наспроти бледозелената трева во ноември. Па беа толку црни на белиот снег зиме. Сега се толку црни наспроти жолтеникавата треваво рана пролет. Наскоро ќе бидат толку црни на темнозелената трева во лето.

Две од нив веројатно се бремени, и веројатно се бремени повеќе месеци. Но тешко е со сигурност да се каже, оти се толку големи. Нема да знаеме сè додека телето не се роди. А откако телето ќе се роди, и иако ќе биде големко, кравата и понатаму ќе изгледа огромна каква што и била.

Посматрана отстрана, додека пасе, кравата ги има овие агли: еден, од ковчестите колкови до рамењата, со многу постепена, едвај воочлива стрмнина; потоа уште еден, од рамењата до врвот на муцката спуштена во трева, мошне стрм агол.

Ставата, или самиот облик на кравата што пасе, кога се гледа отстрана, е достоинствена.

Поради што толку често пасат свртени бочно кон мене, а не фронтално или одзади? Дали е тоа за да можат да ги набљудуваат и шумата од една страна, и патот од другата? Или сообраќајот на патот, колку и да е слаб, одлево надесно и оддесно налево, влијае на тоа да пасат во положба паралелнаво однос на патот?

Или можеби и не е точно дека најчесто пасат бочно свртени кон мене. Можеби јас само повеќе внимание обрнувам на нив кога така стоја. Конечно, кога стојат сосема бочно, гледам најголема површина од нивните тела; штом аголот ќе се промени, гледам помалку, а кога кон мене се свртени со главата, или опашот, гледам најмалку.

Полека напредуваат ваму и таму по полето, и само нивните опаши прават решителни замави. Наспроти нив, малите јата пици ‒ црни како што се и тие ‒ полетуваат и се спуштаат во непрекинати бранови зад и околу нив. Птиците се движа со радост и восхит, барем нам така ни се чини, а заправо е тоа само решеност да се улови пленот ‒ мувите кои само полетуваат од кравите, па повторно слетуваат на нив.

Нивните опашки не фиукаат и не камшикуваат, и не свиркаат, оти не се слуша таков звук. Она што се гледа е замав и лак, со мало стресување на разлетаните праменчиња на самиот крај.

Главата ѝ е спуштена, и таа пасе во темниот круг на сопствената сенка.

Баш како што нам, во нашата градина, ни е тешко да престанеме да го корнеме плевелот оти секогаш го има, можеби и нејзе ѝ е тешко да престане да пасе, оти секогаш има уште некој бусен свежа трева, веднаш тука пред неа.

Ако е тревата ниска, би можела да ја зафати меѓу забите и усните; ако е тревата повисока, би можела најпрвин да ја опфати со јазикот, бочно, за да ја земе в уста.

Нивните големи јазици не се розикави. Две од нив имаат делумно сиви јазици. На третата, најтемната, јазикот ѝ е темносив.

Една од нив се отелила. Но нејзиниот живот заправо и не е покомпликуван од порано. Стои мирно додека телето цица. Таа го лиже.

Само во текот на часовите на самото телење тој ден (на Голема Недела) животот бил многу покомпликуван.

Денес, повторно, кравите се наредени симетрично низ полето, но сега на тревата меѓу нив се гледа една темна трака ‒ телето што спие.

Порано имаше три хоризонтални испакнатини во полето кога легнуваат да се одмораат. Сега се три и уште една многу мала.

Наскоро и тој, три дена стар, почнува да пасе, или да учи да пасе, но толку е мал што ми се чини, одовде од каде што стојам и гледам, дека понекогаш го затскрива дури и гранче.

Кога стои неподвижно, минијатура, со муцката спрема тревата како неговата мајка, поради тоа малецко тело и тенките ноџиња, личи на тешка црна спојувалка.

Кога поттрчнува по неа, се клати како дрвено коњче за јавање.

Понекогаш и ќе се побунат ‒ кога немаат вода, или кога не можат да влезат во шталата. Едната од нив, најтемната, почнува да мука во совршено правилен интервал дваесет и нешто пати по ред. Тој звук се одбива од брдата, како кога сирената за тревога оддекува од правец на пожарната.

Во таквите моменти, звучи авторитативно. Но авторитет нема.

Се роди и второто теле. Од другата крава. Сега малата црна испакнатина во тревата е пстарото теле, а уште една малецка црна испакнатина е новороденото теле.

Третата крава не може да раѓа, оти одбива да се качи на приколка за да ја однесат кај бикот. А потоа, после неколку месеци, сакаа да ја однесат на кланица. Сепак, сеуште е тука.

Другите соседи одвреме навре и ќе заминат, но кравите се секогаш тука, во полето. Или, ако не се во полето, во шталата се.

Ако се во полето, и ако отидам до оградата од својата страна, тие, трите, порано или подоцна, ќе дојдат до оградата, од својата страна, за да се сретнат со мене.

Тие не знаат за зборовите особа, сосед, гледање, па дури ни за зборот крава.

Приквечер, кога дневната светлина се уште влегува во нашата куќа, не можеме да ги видиме, иако се тука, во полето наспроти. Ако го изгасиме светлото, и гледаме во квечерината, постепено пак ќе можеме да ги видиме.

И понатаму се тука, пасат во квечерина. Но како што квечерината се претвора во мрак, иако небото над брдото е виолетовосино, станува сè потешко да се воочат нивните темни тела на замраченото поле во позадината. Тогаш воопшто не можат да се видат, иако се и понатаму тука, пасат во мрак.


Превод: П. В.
Извор: Lydia Davis, Can't and Won't (2014)

 

ОкоБоли главаВицФото