Томаш и Паулина

09.02.2018 09:59
Томаш и Паулина

Собата на Томаш беше осветлена со розеви неонки. Беше доволно светло за да си ги гледаме лицата, но доволно темно за да не си гледаме изразите. Бевме десетина луѓе и здрвено застанавме крај ѕидовите. Имаше високи дрвени закачалки на кои висеа перики, маски и палта. Во едниот ќош имаше шарен тотем. Томаш ни објасни дека го градел со години и од таму го црпел џанот. Во другиот ќош имаше ковчег со додатоци во сите бои на животот. „Земете што сакате од ковчегот“, ни рече Томаш. Неколку луѓе се приближија и извлекоа по некое парче. Јас земав пердувеста розова марама и ја завиткав околу вратот. Томаш седна на големиот брачен кревет над кој беше закачено неонско срце и диско топка:

„Ова е креветот каде спиеме јас и мојата партнерка, Паулина. Дојдете поблиску, душички, седнете на креветот или каде сакате низ собата. Најдете си свое место. Сакам да се чувствувате безбедно. Ова е и ваша соба.“

Луѓето едвај се помрднуваа. „Опуштете се. Нема да ве ебам, добога!“ – пробуваше да нé омекне. Неколку луѓе се насмеаја и почнаа да наоѓаат место за седнување. Јас седнав долу, на килимот. Беше мек но малку валкан.

„Затворете ги очите. Сите до еден затворете ги очите и препуштете им се на другите сетила. Чувствувајте. Во собава можете да бидете кој било... која било. Ова е вашиот простор за љубов. Тука никој не ве осудува.“

Томаш зборуваше сè потивко. Не можев да издржам да мижам и ѕирнав со едното око. Сите седеа со затворени очи, додека Томаш го вклучуваше звучникот до креветот. Нина Симон почна да ја гали собата. Повторно ги затворив очите.

„Ова е мојата хероина. Знаете, на нејзиниот прв концерт, на 12 години, нејзините родители биле принудени да седат на крајот, за да отстапат место за белците. Нина одбила да свири додека не им дозволиле да седнат напред. На свои 12 години! Слушајте го гласов. Слушајте ја бојата на гласот! Магично, не?“ - се слушна деликатно движење и шушкање во собата. „Знаете, никој не може да ви каже кои сте вие. Да ви каже што имате и што немате. Никој не може да ве поседува. Господари сте на своето тело! Господари сте на својот живот, на вашата слобода, вашиот дух...Господе, каква песна!“ Го попушти звукот и почна да пее. Речиси сите во собата почнаа да шушкаат заедно со Томаш и Нина, „I got life“!

„Отворете ги очите душички“ – ни прошепоти Томаш при крајот на песната. Полека ги отворив очите барајќи го човекот кој досега ни зборуваше и пееше, но сега на креветот седеше Паулина со прекрстени нозе и високи, циклама штикли. На лицето имаше светки и огромни вештачки трепки кои ѝ прилегаа. Единствено ја издаваше истиот црн издраскан капут, смешниот бастун кој го користи како моден додаток, и истиот длабок но сепак сензуален глас.

„Подај една цигара, драги“ – му дофрли на еден дечко кој седеше на масата. Ја зема и ја запали цигарата, долго вовлекувајќи. Целата соба пулсираше со молк и сексуална тензија. „Ајде, души, сега излезете во светот и направете го подобар...“ – кажа и си ја почеша густата брада. „Јас ќе останам тука, уморна сум. Следниот пат ќе разговараме повеќе.“

Збунети и несигурни почнавме да стануваме и да ги враќаме реквизитите во ковчегот.

„Не, не не... Тие се сега ваши. Носете ги гордо.“ – ни кажа Паулина веќе лежејќи на креветот.

Почнавме да ја напуштаме собатата, речиси лебдејќи. Бев една од последните.

„Драга“ – ме викна Паулина, „изгаси го светлото, те молам.“

Го изгаснав розевото светло, оставајќи го само срцето да свети над креветот на Томаш и Паулина. Ја затворив вратата, ги префрлив розовите пердуви преку рамо и побрзав да ја стигнам групата.

Lora Mathis

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото