Фрагменти на љубовниот говор (3)

09.03.2018 17:13
Фрагменти на љубовниот говор (3)

ERRANCE / ЛУТАЊЕ

Иако секоја љубов се доживува како единствена, и иако субјектот ја отфрла помислата дека негде другде би можел да ја повтори, понекогаш во себе открива своевидна дифузија на љубовната желба; тогаш сфаќа дека е осуден на лутање до смрт, од љубов во љубов.

 

Фантомскиот брод

1. Како завршува една љубов? ‒ Таа, значи, завршува? Искрено зборувајќи, никој ‒ освен другите ‒ за тоа никогаш ништо не знае; некаква невиност го прикрива завршувањето на таа работа сфатена, афирмирана, проживеана како вечна. Во што и да се изроди саканото суштество, да исчезне или да премине во областа на Пријателството, како и да е, јас никогаш не гледам како исчезнува: љубовта со која е завршено, преминува во другиот свет налик на вселенски брод чии светла престануваат да трепкаат: саканото суштество некогаш гласно одекнуваше, а сега сосема стивнало (другиот никогаш не исчезнува кога и како што очекуваме). Тој феномен произлегува од ограничувањата на љубовниот дискурс: не можам лично јас (како заљубен субјект) да ја конструирам својата љубовна приказна до крај: нејзин сум поет (нејзин бард) само во почетокот; крајот, мојата сопствена смрт, им припаѓа на другите; на нив е да ја преточат во роман, во надворешна, митска приказна.

 

2. Секогаш се однесувам ‒ упорно настојувам да се однесувам, што и да ми се каже и какви и да се моите лични обесхрабрувања, како љубовта еден ден да може да ми се исполни, како Највисокото Добро да е можно. Оттаму е чудната дијалектика која овозможува по апсолутната љубов да доаѓа друга без никаква мака, како, со љубовта, да влегувам во друга логика (во која апсолутното веќе нема обврска да биде единствено), во друго време (од љубов до љубов, ги живеам своите вертикални моменти), во друга музика (тој звук, без помнење, одвоен од секоја конструкција, кој го заборава она што му претходи и што му следи, тој звук самиот по себе е музикален). Барам, започнувам, се обидувам, продолжувам понатаму, трчам, но никогаш не знам дека сум при крај: за Феникс никогаш не се вели дека умира, туку дека само одново се раѓа (можам, значи, одново да се родам, а да не умрам?)
Од мигот кога не сум исполнет а сепак не се убивам, љубовното лутање е неизбежно. Самиот Вертер го искусил ‒ од „кутрата Леонора“ преминувајќи на Шарлота; тоа движење е, се разбира, прекинато; но, да преживееше, Вертер истите писма ќе ѝ ги пишуваше на некоја друга жена.

 

3. Љубовното лутање има своја смешна страна: потсетува на балет, повеќе-помалку жизнерадосен, зависно од брзината на неверниот субјект; но исто така е и голема опера. Проколнатиот Холанѓанец е осуден да лута по морињата сè додека не ја најде жената која занавек ќе му биде верна. Јас сум тој Летечки Холанѓанец; не можам да престанам да лутам (да сакам) поради еден древен белег со кој, во дамнешната доба на моето најрано детство, сум посветен на богот на Имагинарното и совладан со принудата на зборот (parole) која ме присилува, од пристаниште до пристаниште, да зборувам „Те сакам“, додека некој друг тој збор не го прифати и со истиот ми возврати; но никој не е кадарен врз себе да го преземе невозможниот одговор (неподносливо потполн), и лутањето продолжува.

 

4. Во текот на животот сите „порази“ на љубовта меѓусебно си личат (и со причина: сите произлегуваат од иста мана). Х и Y не можеа (не сакаа) да одговорат на моето „барање“, да ја прифатат мојата „вистина“; ни за сантим не го променија својот систем; за мене, првиот само го повторуваше вториот. Па пак, Х и Y не можат да се споредуваат; токму од нивната различност, моделот на една бескрајно повторувана различност, ја црпам енергијата сè да почнам одново. Вечната променливост (in inconstantia constans) која ме придвижува, не само што не ги уништува сите оние што ги среќавам како претставници на ист функционален тип (кој не одговара на моето барање), туку снажно го ремети нивното лажно заедништво: лутањето не воедначува ‒ тоа води кон прелевање на боите: она што проистекува, тоа е нијансата. Така одам понатаму, до крајот на таписеријата, од една до друга нијанса (нијансата е последната состојба на бојата, што не може да се именува; нијансата е Непристапното).

Слики: Marion Fayolle
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.

ОкоБоли главаВицФото