Историја и утопија

30.03.2018 12:48
Историја и утопија

Ако во идеален случај може да се владее, а при тоа да не се чинат злосторства, не постои случај во кој може да се владее, а при тоа да не се чинат неправди. За луѓето да ви простат треба да знаете да глумите гнев или лудило, да создавате впечаток дека сте од небрежност свирепи, да подготвувате ужасни подметнувања кои ќе ги извршувате со доброќуден израз на лицето.

Не е така лесно да се држи во свои раце неограничената власт; во тоа се истакнуваат луѓето кои знаат да ставаат маски, да лажат, а кои се всушност убијци од голем формат. Гледано од перспектива на актуелните граѓани кои го живеат тој миг на владеење, никој не заслужува поголем восхит, но гледано од историско стојалиште, никој не делува покутро од тиранинот чијашто одлучност ја ослабнала неговата морална обзирност.

'А народот?', ќе запраша можеби некој. Мислителот или историчарот, кои овој збор го употребуваат без иронија, се исклучуваат себеси од секоја сериозна расправа. Многу добро се знае за што е 'народот' предодреден: предодреден е да ги поднесува 'настаните' и хировите на управувачот, согласувајќи се на планови кои му ја исцрпуваат силата и претставуваат тешко бреме за него.

Секој политички опит, колку и да е 'напреден', се одвива на негова штета, во еден миг се свртува против него: по божја или демонска одлука, народот врз себе го носи жигот на ропство, особено кога некој му пропагира преродба! И, можеби затоа, бесполезно е да го сожалуваме: неговата битка е однапред изгубена. Нации и кралевства се создадени благодарение на неговата согласност на неправда на која токму тој е жртва.

Ама, заслепен од тиранинот, тој се согласува со неправдата. Не постои ниту еден шеф на држава ниту, пак, освојувач кој не го презира; но народот се помирува со тој презир и од него живее. Кога би престанал да биде слаб и да ја игра улогата на жртва, кога би ја изневерил својата вокација, општеството би исчезнало, а со тоа и историјата во најопштата смисла на зборот.

Да не бидеме преголеми оптимисти – таков каков што е, народот претставував поттик за деспотизмот. Тој ги поднесува своите искушенија, понекогаш самиот е причинител на истите, и се крева против нив само за да би побрзал да им излезе во пресрет на новите искушенија, кои ќе бидат уште поужасни од оние старите. Бидејќи, револуцијата за него е единственото скапо задоволство кое може да си го допушти, народот влетува често во неа не толку за да би извлекол некоја полза, или за да ја направи својата положба поподнослива, туку за да го стекне правото на дрскост, што претставува обид да се најде утеха за постојаните несреќи... но за жал, тој го губи тоа право штом се укинат повластувањата на чувството на жртва. Бидејќи ниту еден режим не му озбедува спас, тој се прилагодува на секој и не се прилагодува на ниту еден. И така, единствено на што може да се надева, од времето на Потопот па сè до страшниот суд, е да има шанса да ја игра чесно својата улога на потчинет.

 

превод: Искра Гешоска

ОкоБоли главаВицФото