Култот на оптимизмот – смеј се или цркни

29.05.2018 00:22
Култот на оптимизмот – смеј се или цркни

Можеш ако веруваш дека можеш“ – е насловот на една во низата книги кои доминираат на полиците во нашите книжари. Култот на оптимизмот, не само што ги избрка сомнежот, иронијата, негативноста, туку доведе до тоа песимизмот со себе да носи одредена стигма. Стигма на ненормалност, неприлагоденост, неуспех и, најважното, слабост. Практично чувствуваме притисок да не ги вадиме розевите очила и да не изразуваме грижа, според принципот – „смеј се или цркни“, како што Барбара Ехренрајх живописно ја наслови својата книга.

Колку е минлива секоја идеологија сведочат поновите истражувања кои покажуваат дека оптимизмот во одредени услови може да биде погрешна тактика. Тоа е сосема спротивно на непресушните тврдења кои нè уверуваат колку позитивните мисли придонесуваат за менталното и физичкото здравје, ги зголемуваат продуктивноста и мотивацијата. Впрочем, повеќето податоци укажуваат дека тие врски се тенки и слаби.

Џули Норем, професорка по Психологија на личноста на колеџот Весли, испитувала класична, секојдневна ситуација, кога еден исфорсиран оптимист му сугерира на својот пријател, таканаречен хејтер, позитивно да гледа на нештата. Земала за пример дискредитирани дефанзивни песимисти кои се преплавени од стрес пред интервју за работа или ја преувеличуваат можноста да паднат на испит. Резултатите покажале дека колку повеќе се принудени да се опуштат и орасположат задачата ќе ја изведат полошо. Токму таквата, можеби непотребна анксиозност, за песимистите е научен стил за соочување со проблемите што ги наведува што подобро да се подготват за задачата и на тој начин колку што е можно повеќе да обезбедат успех. Таквиот начин на размислување воопшто не мора да биде спротивен на оптимизмот.

Основачот на „движењето“ Позитивна психологија, Кристофер Петерсон, уште 2000 година во текст јасно го разликуваше реалистичниот оптимизам, кога се надеваме на најдобар исход, но сепак сме свесни за потенцијалните закани, од нереалистичниот оптимизам, кога таквите закани едноставно ги игнорираме.

За нереалистичниот оптимизам сè уште се зборува како за вид позитивна илузија, систематска тенденција кон формирање лажни, погрешни и пристрасни уверувања. Луѓето склони кон нереалистичниот оптимизам длабоко веруваат дека успехот ќе се случи сам по себе, преку ноќ, така што универзумот ќе ги погледне и ќе ги награди. Мартин Селиџмен исто така предупредуваше дека оптимизмот „понекогаш може да нè попречи јасно да ја видиме реалноста“.

Значи, оптимизмот може да биде корисен единствено ако е реалистичен. Ако замислиме континуум на чија средина е реализмот, додека на краевите се оптимизмот и песимизмот, јасно е колку не е добро да се оди во екстремите од која било страна.

Нашите мисли и погледот на секојдневните ситуации па и животот воопшто, се културно условени. Така, британскиот психолог Оливер Џејмс покажа дека Кинезите се пореалистични од Американците, дури и тежнеат кон песимизам. Заклучил дека неговите наоди секако не значат дека Кина е емоционално нездрава земја, туку дека Америка поддржува лажна самодоверба. Џејмс тврди дека реалистичниот оптимизам е знак на ментално здравје. Нереалистичните оптимисти ги потиснуваат своите проблеми и без оглед на реалноста инсистираат дека сè ќе тече како мед и млеко.

Оваа позитивна илузија ја подразбира и тенденцијата да веруваме дека мала е веројатноста токму нам да ни се случат лоши нешта, а поголема низ животот да нè следат убавите работи. На пример – нашиот брак нема да заврши со развод, нема да заболиме од рак на градите иако пушиме, нема да ни се случи сообраќајна несреќа – сето тоа им се случува на некои други луѓе. Од друга страна, ќе живееме исклучително долго (ако не и вечно), ќе имаме прекрасна професионална кариера, ќе бидеме здрави, а ако се разболиме, ќе се излекуваме. Тоа важи специјално за нас, но и за луѓето што ги сакаме. Не важи за некој случаен минувач или странец кој седи покрај нас во градскиот превоз. Неговата судбина е непозната и зад аголот може да го дочека што било.

Во својот TedTalk на тема позитивни илузии, Тали Шарлот, професорка по когнитивна невронаука на Универзитетот во Лондон, вели дека покрај проценката на иднината, генерално поголемиот дел од нас себеси се ставаат над просекот, дури и по прашањето за тоа колку сме шармантни или интересни, што е статистички невозможно зашто не можеме сите да бидеме подобри од другите. Таа го цитира истражувањето на психологот Маргарет Маршал и Џон Браун кои проучувале студенти со високи и ниски очекувања. Се покажало дека студентите со високи очекувања поврзани со успехот истиот евентуален успех им го припишуваат на своите особини („јас сум гениј, па добив десетка, што значи дека и во иднина ќе добивам десетки“), додека неуспехот го оправдуваат со надворешните фактори („не паднав зашто сум глупав или неподготвен, туку професорот не беше фер“). Студентите со ниски очекувања реагираат сосема спротивно. Го положиле испитот зашто бил лесен, паднале зашто се глупави.

Шарлот особено ја интересирал фактот дека луѓето склони кон позитивни илузии не ги менуваат своите уверувања кога ќе се сретнат со негативни или спротивни информации. Да речеме, ако им се наведе веројатноста да заболат од одредена болест со додавање на претходно непознати фактори на ризик и натаму ќе сметаат дека мали се шансите да им се случи таа болест. Затоа, во своето истражување ја споредила мозочната активност на најмалку и најмногу оптимистичните испитаници.

Се покажало дека клучна област на мозокот во овој случај е инфериорниот фронтален гирус, дел од фронталниот лобус. Ако некому кажете дека веројатноста да заболи од рак е 50 проценти, а потоа се корегирате, па му соопштите дека заправо е 30 проценти, левиот инфериорен фронтален гирус реагира силно – без разлика дали сме оптимисти или песимисти и склони сме да ја промениме својата проценка на ризикот кон подобро.

Од друга страна, ако ја зголемите веројатноста на 70 проценти, очекувано е да реагира десниот инфериорен и фронтален лобус, што е случај кај помалку оптимистичните, но не и кај нереалистично оптимистичните. Наместо зголемување, кај нив е забележан пад на активноста во оваа област на мозокот. Едноставно кажано, нивниот мозок ги игнорирал информациите за депресивната реалност и веројатноста дека ќе им се случи нешто лошо во животот. Мозокот го одбранил оптимизмот и го направил отпорен на промени, така што селективно реагирал на информациите.

„Се покажало дека оптимизмот е поврзан со намаленото кодирање на несаканите информации за иднината во областа на фронталниот кортекс (десниот инфериорен фронтален гирус) која е идентификувана како чувствителна на погрешна проценка.“

Истражувањето на Шарот е во согласност и со другите претходни студии кои докажуваат дека постои сферна асиметрија во обработката на позитивните и негативните информации.

Можеби на почетокот бевме премногу остри кон оптимистите, зашто факт е дека нереалистичниот оптимизам може да им се случи на сите, особено кога имаме предвид дека е поддржан со неуспехот на нашиот мозок да ги кодира грешките во проценката. „Никој не е имун на овој вид уверување, оптимистичните илузии се дел од човечката психологија“, заклучува Лин Јансен, еден од водечките автори на оваа тема.

Референци:

Jefferson, A. et al. (2017). What is unrealistic optimism? Consciousness and Cognition, 50.

Sharot, T. et al. (2011). How unrealistic optimism is maintained in the face of reality. Nature neuroscience, 14(11).

Слики: "Fragments", Ileana Hunter

Извор: http://www.psihobrlog.com/

ОкоБоли главаВицФото