Изложба што можат да ја доживеат и слепите луѓе

15.07.19 10:16

Во детството преживеал тешко оштетување на видот, но тоа не го спречило да црта и да ваја со глинамол и пластелин.

„За мене, уметноста е оној подобриот дел од животот. Тоа е она што на човек му дава внатрешен оган, да функционира, светот да го прави подобар“, вели Борис Дончиќ, уредник на библиотеката при Сојузот на слепи на Србија.

Тој со студентите на Факултетот за ликовни уметности и со кустосите на Музејот на современа уметност, ја подготви првата белградска изложба што може да ја доживеат и слепите луѓе.

Изложбата „Во допир со“ опфаќа 12 дела од збирката на Музејот во Белград, која може да се истражува и доживува со сите сетила - со допир, мирис и звук.

„Ние, луѓето со инвалидитет, па и слепите честопати се бориме со тоа прашање, како нешто не можеме да направиме. Општеството ни го поставува тоа во разни ситуации: дека нешто НЕ, дека нешто не е за нас. Овде имавме слична ситуација, каде се собраа луѓе, иницијатори на оваа изложба, па всушност се занимавме со тоа - како нешто да биде ДА, како нешто да направиме. И тоа е прашањето што секогаш треба да се поставува“, вели Дончиќ.

Секоја интерпретација на изложбата е проследена со опис на Брајева азбука, аудио дескрипција, а со помош на технологијата „QR" кодови, корисниците на апликацијата „Guide Me", можат да го активираат аудио записот на мобилните телефони.

Извор:BBC на српски