Илустраторот Benjamin Lacombe

22.11.2010 16:02
Илустраторот Benjamin Lacombe

За изложбата дознав откако ја видов поканата на која имаше прекрасна илустрација од млада вештерка со магичен, малку студен амбиент во позадина. Во истиот момент посакав да ја посетам изложбата и да видам повеќе дела од овој илустратор.

Всушност, пишувам за Benjamin Lacombe, роден во Париз 1982, една година постар од мене. Уште како студент во ENSAD, Париз, илустрира неколку книги со неговите илустрации и станува познат во кругот на луѓе заинтересирани за илустративна уметност. Издава за Walker Books (USA), a исто така e номиниран и за престижната награда на Time Magazine. Со неговиот стил на цртање дури прва доаѓа неговото време, ако се земе предвид дека во моментот соработува со најуспешните издавачи во светот како: Albin Michel, Barefoot Books (САД), Edelvives (Шпанија), Hemingway Korea (Кореја) итн.

Делата/илустрациите на Бенџамин можеме да најдеме изложени во најпознатите светски центри како Њујорк, Париз, Рим, Токио...

Мистичен, езотеричен, но исто така и суптилен, наивен, но со силен авторски порив. Смиреност во портретите, длабочина во нивните очи, како сите овие портрети да ја кријат тајната на светот. Надреалност во нивните погледи.

Амбиентот кој го работи е како под театарски рефлектори, драма во повеќето композиции, внатрешен дијалог помеѓу субјектите, а другите елементи што ги користи само ја надополнуваат приказната во рамките време, простор.

Безвремена илустрација за приказни од историјата, за најобичните и оние малку поважни, бајки, готика, приказни испреплетени меѓу себе, оние кои ги знаеме и некои нови, откриваат животи на поети, композитори, танчарки, дечиња, нивните приказни од земјите на чудата итн.

Овој стил на илустрирање сè повеќе и повеќе е провокативен и интересен за публиката, а Benjamin Lacombe е еден од оние кои најубаво ги открива визурите на овој мрачен, но очигледно близок свет до нашиот.

Изложбата која јас ја посетив во изложбениот простор l'Espace Invitro во градската библиотека во Thionville, носеше наслов како една од неговите книги: Portraits de sorces. На изложбата беа изложени повеќе од 30-тина илустрации исто како и примероци од книгите со негови илустрации и приказни, летоци, постери и најразлични рекламни материјали со негови принтови.

Одличен уметник/илустратор кој е сè уште млад и уникатен во својот стил на работа, со силна порака во своите илустрации. Среќен сум што ја посетив изложбата!

Повеќе за овој илустратор ќе најдете на неговата страница,  исто како и на неговиот блог. Доколку сакате да ја следите неговата работа на facebook, ова е неговиот fan page.

На неговата страница видов дека се занимава и со анимиран филм, па ова е кратко анимирано видео за неговата приказна.

Извор: dzamski.blogspot.com