За некои недоследности и стилската некохеренција во преводот на ,,Даблинци”

21.05.2020 16:23
За некои недоследности и стилската некохеренција во преводот на ,,Даблинци”

  
  Низ петнаесетте раскази од збирката Даблинци (1914 год.), Џејмс Џојс, еден од татковците на модерната проза, нè запознава со ирското општество од почетокот на минатиот век, прекршено низ призмата на специфичната свест и сетилноста на неговите ликови. Низ навидум секојдневни проблеми, ликовите, а со нив и читателот созреваат и растат преку општествените и животните пречки со кои се соочува и секој од нас. Темите од ова дело се теми и на денешницава, оние кои никогаш не згаснуваат и се секогаш актуелни. Токму затоа, многу лесно и едноставно ликовите на Џојс може да ги пресликаме околу нас или, погледнете подобро: тие се веќе тука. Секој расказ говори за по еден аспект, а сите заедно ја даваат целината на општеството за кое Џејмс посветува толку голем дел од неговиот творечки опус. Иако илјадници километри од родната земја, тој низ текот на целиот живот и’ се навраќа и од матичниот простор црпи инспирација за своите дела.

Џојс го пишува ова дело на разговорен, реалистичен и лесен начин за следење. Стилот, всушност е јазикот на обичниот народ, природен и секојдневен. Но, да го погледнеме и македонскиот превод на Даблинци од Ивана Илковска од 2017 година и како преведувачката се справила со предизвиците на преведувањето, а уште позначајно, дали е пренесена суштината на оригиналното дело.

На корицата од ова издание од Нампрес може да се воочи дека транскрипцијата на името на авторот е Џемс Џојс. Според македонскиот Правопис (2017), англискиот глас (/eɪ/) се пренесува со звуковно најсличниот глас во македонскиот јазик (e+ј). Оттаму, и двете опции се прифатливи, но изговорот на Џејмс е посоодветен според комбинациите на гласови. Понатаму, следат насловите на расказите коишто се сосема во ред, но проблемот се јавува кај расказот ,,Araby” преведен како ,,Арабија’’. Araby е име на базар во истоимениот расказ, карактеристичен за културните прилики од дадениот временски период, па нејасно е зошто преведувачката се одлучила за името Арабија, што асоцира на Арапскиот полуостров. Од друга страна пак, во магистерскиот труд на Весна Продановска-Попоска го среќаваме овој расказ под името ,,Араби“, како едноставно и посоодветно решение. Кога сме кај насловите, тука може да се вброи и расказот ,,Clay’’ (глина) преведен како ,,Иловица’’. Иловица е точен вид на смолеста глина, но при самото читање на расказот не наидуваме на поткрепа за овој избор.



На самиот почеток од првиот расказ, но и низ речиси сите други наидуваме на впечатлив контраст при изборот на зборови во однос на стилскиот регистар. Илковска користи разговорен стил со кој го „снижува“ стилскиот регистар дури и кога ни Џојс не го прави тоа, па така:

“There was no hope for him this time: it was the third stroke.” (Џојс 7)
,,Сега веќе немаше никаква надеж за него, третпат го удри дамла.” (Илковска 7)

“I crammed my mouth with stirabout for fear I might give utterance to my anger.” (Џојс 9)
,, Ја наполнив устата со каша, зашто стравував дека ќе ми шикне јадот.” (Илковска 9)

“She is on the turf now.” (Џојс 63)
,,Сега е камењарка.” (Илковска 9)

Од друга страна пак, веќе во следните реченици, по овие стилски снижувања до колоквијал, се среќаваме со избор на зборови од повисок регистар што отскокнуваат од оној на Џојс : почна енергично да ги лустосува лачените чевли (he flicked actively with his muffler at his patent-leather shoes), претпочитав (I liked), бесмислици (rubbish), сметиште (ashpit), предава пари (give her money), пагубно (погубно?) дело (deadly work), присојната страна на улицата (the sunny side of the street). Во оваа смисла, се наметнува потребата за придржување кон еден стил на помали, микро-единици на текстот – или разговорен или „повисок’’, литературен. Стилската кохеренција на микро-единици на текстот е пресудна и за оригиналот, и за преводот. Во дијалозите пак, и покрај некои отстапки, Илковска одлично се справува со преводот и тие звучат природно, како и на јазикот на изворникот.



Македонскиот е богат јазик и по однос на англискиот нуди многубројни алтернативи (стилски варијанти) за еден збор. Да видиме дали во преводот е искористена оваа можност: така, sole ornament of mantelpiece кај Илковска е преведено со ламба од бел абажур, white china shade со бел порцелански абажур, green shades for Tom’s eyes со зелени абажури за Том. Илковска се одлучила за зборот абажур во различни ситуации, иако во македонскиот има едно значење: штит на ламба. Тука недостасува играта со зборови, перифрастичниот превод, како и сликовитиот опис. На сличен начин, во македонскиот превод го среќаваме зборот гостилница без разлика дали во оригиналот се зборува за bar, boarding-house, public-house, shop. Уште еден ваков пример е опиен за англиското drunk дури и кога се мисли нa „начукан“, „нашминкан“, „ќутук“. Мето Јовановски во „Крстот камбаната знамето“ (1990), нуди едноставно, но впечатливо решение: ,,Сигурен бил дека овојпат ќе се налока словенска крв.” И во овој случај, повторно се јавува проблематиката на задржување на еден стил при преведувањето.

Неизбежно е да се спомене дека на места преводите звучат чудно затоа што се користат лексички решенија кои не се „одомаќени“, а наспроти нив, во нашиот јазик имаме соодветни термини. Или, како што вели Огнен Чемерски, преведувачот не смее да се лиши од можноста да се поигра со можностите на сопствениот јазик. При читањето на овие и вакви места, се создава дилема на што точно мисли преведувачот:

“A crape bouquet was tied to the door-knocker with ribbon.” (Џојс 10)
,,На алката од вратата беше приврзана китка цвеќиња со флор.” (Илковска 9)

Каква „алка од вратата“? Тоа решение е доста воопштено и семантички неопределено, со ниска значенска резолуција. Затоа и кај читателот се јавува двосмисленост околу значењето. Македонскиот збор за door-knocker е клепало или клепалка, додека пак ribbon во овој контекст значи украсна лента. А бидејќи знаеме дека се работи за цвеќиња, може се употреби и панделка во овој контекст.

“He was standing at the gate, his peaked cap pushed back on his head and his hair tumbled forward over a face of bronze” (Џојс 43)
,,Тој стоеше на влезната врата, со шилеста шапка зафрлена наназад на главата, додека косата му го покриваше бронзеното лице.” (Илковска 33)

Ова е навидум соодветен превод, но при читање и интерпретација на расказот, како и по мало истражување, доаѓаме до сознание дека онаа „шилестата шапка“ не е ништо друго туку морнарска капа, а неминовно е да се спомне дека влезната врата е порта од двор. Ова може да се извлече од смислата на целиот расказ (од внимателно читање и херменевтиката), па затоа е многу важно да се земе предвид целиот контекст, а не само одделни реченици.



Морам да издвојам и еден пример од она што јас го нарекувам роботски превод односно директно преведување од изворниот јазик: ,,шеташе горедолу низ Даблин” (walking up and down Dublin). Преведувачот треба да ја има опцијата да нурне подлабоко во македонскиот јазик и да се понуди друго решение својствено за нашиот јазик. Моите предлози се: „Се шуткаше низ Даблин“, „Го мереше Даблин вдолж и попреку“, „Се врткаше и шуткаше по цел Даблин“.

Имам и една мала забелешка околу имињата на различните видови објекти и предели. Речиси во секој расказ има по неколку имиња на барови, кафани, продавници, паркови... Кој го читал Џојс знае за неговиот деталистички стил и може да согледа колку минуциозно овој автор ги опишува локациите и дејствата. Па така во македонскиот превод на неколку места Илковска се одлучува за превод на истите (Scotch House- Куќата на вискито), а од друга страна наидуваме само на транскрипција, која на места може да биде збунувачка, бидејќи за некој кој не го говори англискиот јазик ќе биде сосема безначајно кога ќе прочита Пиџин Хаус (Pigeon House). Сепак, најсоодветно би било, во случаи кога македонскиот јазик го дозволува тоа, да се изнајде решение кое го доближува читателот до оригиналот. Илковска го прави тоа успешно со Бјули, а во фуснота објаснува дека тоа е синџир на кафулиња.

Џојс ја постигнува својата уметничка и раскажувачка цел: Даблинци е огледало на општеството, прекршено низ огледалото на свеста на неговите ликови. Општо земено, македонскиот превод го пренесува духот на оригиналот и покрај издвоените недоследности, бидејќи не е лесно да се преведува Џојс. Тој само навидум пишува на едноставен јазик, кој можеби е најтежок за превод: преведувачот мора да користи културни единици и кодови и од културата на својот народ, но и од културата и времето на Џојс. Или, како што вели Михајловски: ,,Вградувајќи го во преводот начинот на намислувањето на оригиналот, преведувачот му овозможува поживот на текстот, на делото во кое ќе се наѕира или ќе одекне оригиналот, а со тоа му се овозможува живот и на јазикот’’.

Фотографиите во прилогот се од „Џојсовиот Даблин“, направени меѓу 1895 и 1910.
 

ОкоБоли главаВицФото