Американскиот амбис (1)

05.10.2020 12:54
Американскиот амбис (1)

 

Сурфање по брановите на непознатото

Во летото 2016 ги пишував последните поглавја од книгата насловена Futurability: The Age of Impotence and the Horizon of Possibility (Футурабилност: Ерата на импотенцијата и хоризонтот на можностите) каде ги исцртав шансите за некакво разграничување: или општествената солидарност и свесната субјективност ќе бидат реконструирани или светот ќе биде повлечен во нова форма на глобален фашизам. Во тој контекст, морав да се соочам со претстојните американски избори со оглед на тоа што, после Брегзит во јуни истата година, победата на Доналд Трамп стана можна. Овие два настани беа симптоми на психоза што широко се распространуваше и го обземаше глобалниот ум.

Таа книга не се однесуваше посебно на Америка, ниту на изборите, ниту на Трамп. Сепак, разгледувањето на американското сценарио беше клучно за да се разберат трендовите во човековата еволуција.

Сега, летово 2020, изгледа како Трамп да се дави, но тешко е да се процени што ќе се случи следно. Човекот има уште многу трикови во ракавот, и покрај тоа што неговата победа станува помалку веројатна. Тој веќе праќа сигнали за својата неволност да ги прифати резултатите од изборите; веќе алудира на измама од страна на Демократската партија; и, што е најопасно, на своите следбеници неколкупати им обрна внимание на Вториот амандман, што, просто речено, е закана за поттикнување бран вооружено насилство. 

Знам дека е опасно да се пишува истовремено со настани што никој не може прецизно да ги предвиди, кои можат само бледо да бидат насетени. Но единствениот начин да се размислува за настанувањето на психосферата е да се претрка брзината на катастрофата. Мојата работа не е да ја предвидувам иднината, па затоа нема да навлегувам во предвидувања на резултатите на американските избори; но поентата ми е, што и да се случи во ноември, во САД е разгорен голем пожар кој ќе носи сѐ повеќе насилство и можеби ќе доведе до експлозија на федералната држава, со незамисливи геополитички импликации.

Разнебитувањето на САД

Според мене, главна историска нишка во последните дваесет години светска историја е не баш бавното распаѓање на САД. Секако, нападите од 11 Септември претставуваат почетна точка на овој запрепастувачки процес. Се работи за убедливо најмоќната земја во историјата на светот, највооружената, најагресивната, најтешко достапната, заштитена со два океани. Единствениот начин да се уништи овој џин е тој да се сврти самиот против себе.

Токму ова го постигна стратегијата на Бин Ладен. Под неинтелигентното водство на Дик Чејни и Џорџ В. Буш, џинот влезе во процес на самоуништување.  Прво кашата со Авганистан а потоа кашата со Ирак предизикаа еден вид себеуништувачки бес во американскиот мозок.

Салман Ружди со доза на предвидување го раскажа овој себеуништувачки бес во книгата„Бес“ објавена во 2001.

Потоа настапи финансискиот колапс од 2008 и изборот на црн претседател. Барак Обама во Белата куќа претставуваше шок за инстинктот на белечката надмоќност, длабоко вкоренет во американската историја и во психата на белиот Американец.

Издигнувањето на Трамп треба да се гледа како последица на белечката реакција на долгата листа перципирани понижувања: порази во две војни, осиромашувањето на средната класа по финансиската криза од 2008-та, и една софистицирана, елегантна, црна личност која танцува во собите на Белата куќа.

Четирите години на Трамп речиси го финализираа процесот на дезинтеграција на структурите на САД. Во 2020 овој процес беше речиси целосен пред да избие пандемијата и да ја опфати земјата.

 

Што  е следно? Јасно е дека не знам, но забележав дека, по серијата политички застои, Трамп се претвори во водач на луѓето на Вториот амандман. Кога неодамнешните Black Lives Matter протести се раширија низ земјата, и претходно кога група трамписти влегоа вооружени во Зградата на законодавното собрание на Мичиген, излезе на виделина веројатниот изглед на следните пет години.

Трамп ја повика армијата да ги сузбие бунтовите, а армијата одби, спротиставувајќи се на зборовите на претседателот. Потоа тој прати федерални војници во Портланд, што го поттикна бесот и ги засили бунтувањата. Дали Трамп насочува кон целосен судир токму пред изборите?

„Маскираните против немаскираните“ е насловот на прилог од мај 2020 објавен во Њујорк Тајмс од страна на еден либерален, умерено прогресивен, високообразован новинар – всушност, мојот омилен американски новинар, Роџер Коен. Насловот ветува нешто енигматско, но текстот е многу јасен, од првите редови:

Еден сосед во Колорадо ми вели дека е време либералите да ги „подготват оружјата“. Вели, другата страна е вооружена и нема да запре пред ништо. Што ќе им кажеме на внуците кога Иванка Трамп ќе стане 46-та Претседателка на САД во 2025 и ќе ги укине ограничувањата на мандатот? Дека пробавме со зборови, секакви зборови, но дека  тие имаа пушки.

Секако, Коен веднаш додава дека не се согласува со својот сосед и дека американската демократија нема ништо заедничко со унгарската демократија. Не сум сигурен дека неговиот оптимизам е здраво заснован.

 

Дури и ако Виктор Орбан е фашист и унгарската демократија е во многу лоша форма, жал ми е што морам да кажам дека американската демократија е уште полоша бидејќи претставува израз на американскиот народ, а тој е производ на векови геноцид, депортација, ропство и системско насилство.

Американската демократија беше лажна уште од почетокот, кога робовласниците кои ја пишуваа Декларацијата за независност запреа за миг да ја земат предвид можноста да напишат нешто околу проблемот на ропството, но наместо тоа решија таквите дискусии да ги одложат на неопределено.

Не треба да мислиме дека Трамп претставува аберација на американскиот дух, или дека тој е исклучок во една земја на разумни луѓе: тој е совршена репрезентација на белечкото несвесно, оптоварено од очајното чувство на вина поради геноцидот на домородните населенија, насилното внесување милиони Африканци, долготрајната опресија над црните робови, воената агресија против безброј заедници, нуклеарното збришување на Хирошима и Нагасаки, убивањето на милиони Виетнамци, уништувањето на Чилеанската демократија, убиството на Салвадор Аљенде и на триесет илјади луѓе после 11 септември 1973... Да не го споменуваме и фосфорното бомбардирање на Фалуџа и небројните жртви на катастрофалните војни во Авганистан и Ирак.

 

Благодарение на неговото незнаење и морална абјектност, Доналд Трамп ја претставува вистинската душа на Америка, на население оформено од бескрајна низа експлоатација, опресија, насилништво, инвазии и гнасни злосторства. Ништо друго освен ова. Не постои алтернативна Америка, како што многумина мислеа во 1960-ите и 1970-ите. Постојат милиони жени и мажи, главно небелци, кои страдаа од американското насилство, и особено во еден период во шеесеттите и седумдесеттите се бореа да ја реформираат Америка за да ја направат почовечна. Тие потфрлија во тоа, бидејќи не постои начин да се реформира нација на биготи и убијци.

Сега повеќе од кога било е возможно да се замисли можноста за уништување на Америка – не за нејзино реформирање. А тоа е можно бидејќи Америка самата се уништува. Осама бин Ладен успеа во својот обид да ја сврти најголемата воена сила против самата себе. Провокацијата од 11 Септември успеа да го вовлече џинот во војна против хаосот. Оние кои водат војна против хаосот се осудени на пропаст, бидејќи хаосот се храни од војна.

Кога во 1992 Џорџ В. Буш на првиот самит за климатските промени во Рио де Жанеиро изјави дека за стилот на живот на американскиот народ не може да се преговара, увидовме дека планетата е соочена со дилема од која зависи нејзината иднина: ако Америка не се скрши, човештвото нема да преживее.

Во американската книжевна свест можеме да најдеме безброј траги од оваа ужасна, очигледна судбина, и во следните параграфи би сакал да се навратам на некои од нив. Отпрвин размислував да пишувам за книгите на Џојс Керол Оутс, посебно за American Martyrs (Американски маченици), или за Октавија Батлер, посебно за дистопиското претчувство во The Parable of the Sower (Параболата за сејачот). Наместо тоа решив да зборувам само за бели мажи, со цел амбисот да биде опишан однатре: Кормак Меккарти, Џон Штајнбек, Филип Рот и Џонатан Френцен. Знам дека ова е дискутабилен избор, и некои може да ми префлат за тоа. И самиот си префрлам за изборот, но се оправдувам со многу лична причина: маж сум, бел сум, стар сум.

Знам што зборувам.

 

Внатрешна темнина

Вториот роман на Кормак Меккарти, Outer Dark (Темнината надвор) објавен во 1968, може да се чита како метафорично патување назад кон изворната душа на белата Америка. Времето и местото на приказната се матни: дивина, отсуство на историски референци и истрајно чувство на нејасност.

Некаде во Апалачија, отприлика на преминот на 20 век, жена по има Ринти раѓа дете од својот брат. Братот, Кула, го пушта безименото дете во шумата да умре, и ѝ вели на сестра си дека бебето умрело од природни причини. Жената не му верува и заминува, во темнината, во потрага по детето.

„А синовите на царството ќе бидат исфрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби“, вели Евангелието според Матеј. Опресивното присуство на библискиот Бог е во заднината на книгата: сенките на вината опсесивно ги прогонуваат ликовите во романот, но од нивните дејства и зборови не произлегува никаква свест.

Откако го напушта детето, Кула оди во потрага по работа (а што друго?), наоѓа работа и оружје, убива благородник, потоа наоѓа нова работа, па бега од полицијата.

Ништо нема смисла. Дејствата на Кула се како фрагментарни сеќавања на кошмар.

Последната епизода од неговото патување е најапсурдната и најморничавата: Кула паѓа во река, ја крши ногата и излегува од водата за да се сретне со тројцата што го следат. Овие тројца мажи го носат неговиот син, детето што Кула го напушти. Детето е ужасно повредено, со расечено око. Мажите го обвинуваат Кула дека му е татко на детето и дека го напуштил. Тогаш еден од тројцата го убива детето.

Крајот на романот е обвиен во надреалната светлина на лудилото: откако ги преживува морничавите авантури Кула се спријателува со еден слеп човек. Гледа како  слепиот чекори кон едно мочуриште: сигурна смрт. Романот завршува со мислата на Кула: „Некој треба да му каже на слепец пред да го пушти натаму“.

Лажната величина на колонизацијата на Западот тука е раскажана како кошмар, како магловито нишање помеѓу насилство и страв и абјектност.

(продолжува)

Карикатури: Bill Bramhall

Избор и превод: Ф. Крушкаровска

Извор: e-flux


Франко Берарди, aka „Бифо“, е основач на славнoто Radio Alice во Болоња и важна фигура во италијанското движење Autonomia. Писател, теоретичар на медиумите и активист.

Слични содржини

Свет / Книжевност / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото