Трагедија е она што се случува со нашите библиотеки

09.06.2021 11:50
Трагедија е она што се случува со нашите библиотеки

Трагедија е она што се случува со библиотеките ширум државава. Не само што се премалку, не само што не се доволно снабдени ниту имаат соодветен кадар, туку и буквално се распаѓаат.

Огромна болка ми е ова уште од студентските денови.

„НУБ последен пат добил средства во износ од над 270 илјади денари во 2018 година. Оттогаш до денес, во буџетите за 2019 и 2020 година не биле предвидени средства за проекти за реконструкции, санации или адаптации на овој објект.“

Над 270.000 денари?! Тоа не се ни „над“ 4.500 евра. За цел НУБ!! И повторно аргументи за погрешни аплицирања, внатрепартиски препукувања и кланови... Или нешто сосем четврто. Во меѓувреме, објектот си тоне ли си тоне - не само физичкиот објект, но објектот како склоп од мноштво пракси, знаења, историско-културни контексти, дискурси, етос, потенцијалност. Сето тоа гние во неговите ходници.
Не се работи за обид за зачувување „мртва култура“. Не се работи за мумифицирање на предмети (книги, манускрипти, ракописи и сл.). Тоа, вака или онака, веќе се случува, еве гледаме.

Се работи за пракса, пред сè, за некаков процес, одвивање, случување – односно, мноштво од пракси, процеси на читање, слушање, гледање, разговарање, разменување, правење итн. Книжевноста сама по себе не постои. (Или каков и да е културен артефакт, објект, дело.) Постои во одреден контекст кој ја создава и ѝ дава значење. И читателите тука се најважни. Праксата на читање, слушање, давање нови значења – тоа е она што одново и одново ја „оживува“ книжевноста, знаењето. И она што е културното во културата, книжевното во книжевноста, уметничкото во уметноста, е пред сè соочувањето со другоста. Одговорот што го даваме на неа, исто така. Предизвикување хаос во умот, обид да се среди тој хаос. Доаѓање до нешто ново, досега непознато. Негово запознавање. И сè така.

И самиот поим „пракса“ (praxis), од Аристотел па до марксистичките учења, има многу битен дел во етиката (етиката како правење, како активност на слободниот човек, а не како слепо следење на веќе зададени морални норми) и во обидите да се смени едно општество, и не само да се смени (со друга догма, друг поредок, друга идеологија), но постојано да се менува во однос со приликите и актуелните потреби на луѓето и општо живиот свет што го сочинува.

Оттаму, како сакаме да имаме однос кон какво било културно наследство или културна продукција, кога немаме пракса, односно не култивираме пракса на читање, на окнижевнување, културализирање, поуметничкување – кога не култивираме однос кон културните случувања – било да се минати или сегашни – на кои самите треба да им даваме значење, одново и одново, да ги преиспитуваме со веќе постоечки алатки, но и да ги надминуваме тие алатки, постојано.

За мене, библиотеките се едни од најважните такви места, ако не и најважни. Пред сè затоа што, во основа, се многу подемократски, многу послободни, многу подостапни и класно отворени/недискриминирачки отколку било која друга образовна и културна институција/објект.

Нема минимум квалитетна наука без соодветни библиотеки, без постојано обновувани ресурси, без разговор, без грижа, без отвореност кон новини, без размена која тие ја овозможуваат.

Како ќе продолжуваме да ја правиме културата - култура преку полу-распаднати објекти кои стануваат мумии и одамна веќе го имаат изгубено своето значење?

Не гледам друг начин освен ако самите не засукаме ракави и не иницираме некакви локални борби и активности (grassroots).

Фотографии: Вечер прес

ОкоБоли главаВицФото