„Живите сликовници“ на Ана

27.07.2021 08:48
„Живите сликовници“ на Ана

 
  Необичните сликовници на Ана веднаш го освојуваат вниманието на децата. Меки како перничиња и полни со приказни, тие во секое џепче кријат тајни што ја предизвикуваат нивната љубопитност. Живите сликовници се нешто помеѓу книга и играчка. Составени се од разновидни материјали што повикуваат на допир и истражување и креативни дизајни што ги повикуваат децата самите да раскажуваат.

Во изминативе пет години Ана рачно изработила повеќе од илјада живи сликовници и секоја од нив претставува уникатно уметничко дело. Како педагог по вокација, таа секоја сликовница внимателно ја осмислува соодветно на возраста и индивидуалните интереси на децата.

Своите сликовници Ана ги гледа како спој помеѓу уметнички дела и развојни алатки:

„Постојат неколку причини за создавање на живите сликовници. Првата: децата учат низ игра; за да се креира нова синапса во детскиот мозок потребни се околу 400 повторувања на дадена активност, а низ игра доволни се 10 до 20 повторувања. Втората причина е ерата на компјутерска технологија, која придонесе децата од најмала возраст, за жал - а на воодушевување на родителите - да користат телефони и таблети, не земајќи ги предвид негативностите од нивно користење. Третата причина е развивањето читачка култура од најмала возраст, почнувајќи од сликовниците, за потоа да се создава навика за пишаниот збор.

Ова се главните причини за создавање сликовници во ваков облик. Поразлични од вообичаените. Нежни и меки за детските прстиња, со привлечни бои и мотиви кои овозможуваат ран едукативен и воспитен процес, како и побрз развој на говорот и мисловните процеси.“

Сликовниците се наменети за деца на возраст од 1 до 6 години. Иако, „за добредојде им ги подаруваат и на новороденчиња“, вели Ана. Тие се персонализирани и се изработуваат по желба на клиентот. Притоа, големо внимание е посветено на тоа активностите кои ги содржи една сликовница да бидат адекватни на возраста, полот и афинитетите на детето кому му е наменета сликовницата и да бидат соодветни со посакуваната цел.

„Некогаш сликовницата е креација на нарачателот, но почесто се остава на моето искуство и предлог кој одговара на возраста, полот и намената. Дел од сликовниците се наменети за лична употреба на дечињата, значи е подарок од родителот за своето дете, но дел се и подароци, најчесто роденденски, зашто станува збор за безвременски подарок кој останува како траен спомен. Бабите се редовни клиенти кои порачувајќи ваква сликовница велат дека сакаат да остават траен белег зад себе и тогаш кога ќе ги нема, тогаш кога нивните внуци ке бидат возрасни. И, верувајте, успеваат во тоа...“

Голем дел од сликовниците стигаат до деца насекаде низ светот: „Жалам што најголем дел од сликовниците одат во странство како подароци. А замислата ми беше да творам за нашите дечиња.“

Како дипломиран педагог Ана лесно може да ги одреди потребите, можностите и знаењата кои треба да ги поседуваат децата на одредена возраст. Па така, мотивите на сликовниците ги опфаќаат сите подрачја при воспитно-образовната работа, задржувајќи силна забавна димензија: областа на математиката (броеви на сметала, собирање, одземање, споредување на броеви), запознавање на природата и околината, различните белези на годишните времиња, овошни и зеленчукови градини, животни (домашни, диви и насекаде низ светот), морски свет, бои и форми, развивање на хигиенски и културни навики за редовно одржување на личната хигиена и навики при исхраната итн.

„Има и повеќе манипулативни активности наменети за развивање на ситната моторика на децата од мала возраст. При изработката се внимава материјалите и украсните елементи кои се користат да не се опасни за децата, освен ако клиентот не инсистира на некои детали.“

Ана истакнува дека секоја сликовница е приказна за себе: „Сликовниците се комбинација од повеќе области, но изработувам и тематски сликовници. Секоја сликовница е работена со голема љубов кон децата, голема посветеност и, што е најважно, секоја е индивидуализирана. Изработката на сликовниците, покрај доброто познавање на детскиот свет, познавањето на степенот на знаење за секоја возрасна категорија, бара и суптилно уметничко око и затоа секоја сликовница е уникатно уметничко дело.

Не правам две исти сликовници, иако трудот е сличен. Секогаш ми доаѓаат нови идеи за кои знам дека на децата им бидат корисни, интересни и привлечни. Изработката на сликовниците е рачна, така што за да се изработи една сликовница потребени се повеќе денови, некогаш и цела недела. Но, кога работата е задоволство, тогаш не е проблем и оптоварување.“

Силна мотивација и радост за Ана се токму позитивните критики и реакциите на воодушевување кои континуирано ги добива од своите клиенти.

„Најголема инспирација се децата. Тие се непресушен извор на идеи. Иако секоја сликовница е желба на нарачателот, реализацијата и креацијата е на мој единствен и оригинален начин. Креативноста ми овозможува секоја идеја од збор да ја преточам во уметност со помош на материјали, интересни, но и образовни и воспитни за дечињата.“

Сликовниците може да се погледнат и порачаат на Фејсбук страницата Ана живи сликовници  и на Инстаграм. Таму заинтересираните може да направат сопствен избор на активности од веќе приложените активности или да ја изразат сопствена идеја, која ќе биде преточена во сликовница од вештите раце на Ана.


Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот / Култура
Фотографија / Култура / Настан
Книжевност / Уметност / Настан
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото