Конкурс за расказ „Раскажувам фотографија“

24.08.2021 12:43
Конкурс за расказ „Раскажувам фотографија“

„Раскажувам фотографија“ е тема на вториот конкурс на Фондот на холокауст на Евреите од Македонија, кој ќе биде отворен на почетокот на септември.

Секоја недела на Фејсбук страницата Фондот на холокаустот ќе биде објавувана фотографија позврзана со животот на Евреите во земјава како лајтмотив за расказот. Во расказите треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото.

„Прифатливи ќе бидат раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази кои се бават со соочување со минатото, холокаустот, емпатија, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција“, соопштуваат од Фондот.

Конкурсот почнува со објавување на првата фотографија и тема, на 3 септември. Последната, десетта фотографија ќе биде објавена на 5 ноември. Сите автори ќе можат да праќаат творби до 15 ноември. Според пропозициите, расказите не треба да бидат подолги од 100 реда (три страници со новинарски проред или најмногу до 7.000 карактери).

Авторите може да пишуваат на македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски или англиски јазик, а расказите да не биле досега објавувани. Право на учество имаат сите полнолетни лица, веќе афирмирани, но и оние кои досега немаат објавувано. Секој учесник може да учествува на конкурсот со најмногу три раскази.

Ќе бидат доделени три награди, прва – 25.000 денари, втора – 15.000 денари и трета награда – 10.000 денари. Фондот го задржува правото за објавување на наградените. Најдобрите раскази, според жирито, ќе бидат објавени на Фејсбук страницата на Фондот на холокаустот. Сите учесници ќе добијат благодарница за учеството на конкурсот.

Ракописите треба да се испратат на: info@holocaustfund.org.mk со назнака: За конкурсот „Раскажувам фотографија“.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 10 декември, а на добитниците ќе им бидат врачени на 28 декември – Ден на возобновување на Еврејската заедница во Македонија.

Фотографија: Фонд на холкауст на Евреите од Македонија