Хор во задниот двор

17.09.2021 16:43
Хор во задниот двор

 

ПАПАГАЛОТ ВИЦКО

Има еден папагал баш чуден

Дење и ноќе нонстоп е буден.

Сите мислевме дека нема слух

(А тој да ти бил мајтапчиски дух).

 

Кога му велат: Ај речи „кокос“!

Тој брзо враќа: Ај сечи компот!

Кога му велат: Ај кажи  „диња“!

Тој повторува: Ај мажи свиња!

 

Му речеш ли: Кажи ни ја „Ленка“!

Тој си пее: Дај ми прво пченка!

„Не дослушува!“ – мислевме долго

 

Па го пративме кај психологот.

„Вицкаст е!“ – рече нашиот лекар

Па така го доби својот прекар.

 

 

 

СЛОН СВИРИ НА САКСОФОН

Се затрескал слонот Симе

Во слоницата убавица Симона.

Па како да ја освои се мислел

 

(А пусти Симе ни е најсилен

Ни највисок ни најбрз

А ни баш најличен слон).

 

Па се сетил Симе и засукал

Сурла и од неа направил

Најубав тенор саксофон.

 

Ене ја Симона по цел ден

Воздивнува дур Симе вешто

Свири песни од Нина Симон.

 

 

 

КОБИЛАТА МИЛА

Нема концерт на кој не била

Кобилата наша Мила.

 

За неа е баш тажно и пусто

Кога нема свирки на Вудсток.

 

Таа секогаш бис си бара

На Миланската скала.

 

Нашата кобила Мила била

И во операта на Бастилја.

 

Еднаш го гледала најубавиот ној

Како игра балет во Бољшој.

 

Го знае Мила како секој наш дол

Секое столче во Карнеги хол.

 

Од мала Мила весела е ко во штала

На концертите во Универзална сала.

 

 

 

БУРА В ТАМБУРА

Во тамбурата на тато

Влетаа две пчели

Еден мајски бумбар

И стотина мушички.

 

Додека се сетив дека

Вчера во отворот фрлив

скапана слива оркестарот од

бубалки однатре ги отсвири

 

Бумбаров лет

Кармина  Бурана

Калеш бе Анѓо и

Слушај кај шумат буките.

 

 

 

ХОР ВО ЗАДНИОТ ДВОР

Секоја пролет во задниот двор

Се собира голем птичји хор.

 

Ластовиците се прв глас

Чиј пој прв стигнува до нас.

 

Вториот глас го пеат врапците

Кои ги цивкаат на нотното писмо знаците. 

 

Третиот глас го џивкаат препелиците

Силно отворајќи ги вилиците.

 

Има и солисти во птичјиот хор

Ама тие пеат од предниот двор.

 

Од зори славејот солира

И напладне финишира.

 

Приквечер кукавицата кука

Со гласот џамови пука.

 

На полноќ бувот пее

По ѕвездите ноти сее.

 

Така големиот птичји хор

Везден реди музика и збор.

 

А кој е диригентот никој не знае

В пет смени кој го води хорот таен. 

 

 

 

Слики: ЗОРАН КАРДУЛА

Извор: Владимир Мартиновски и Зоран Кардула - Хор во задниот двор; Чудна шума, 2021

 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност
Пандалф Вулкански
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото