За духот и телото на провинцискиот интелектуалец

16.02.2022 16:00
За духот и телото на провинцискиот интелектуалец

Провинцијата e повеќе од географски поим и територијален опсег; таа е менталитет и ментална конструкција, некогаш свесна, некогаш несвесна.

Односот меѓу географијата и човекот е реципрочен. Како што индивидуата ја „составува“ географијата, така и географијата го „составува“ составувачот. Географијата е судбина. Географијата е фаталност. Провинцијата ве заробува. Во провинцијата не постои слобода – заробеништвото и фаталноста ѝ се својствени; таа се чувствува, но не е баш непосредно видлива, не може недвосмислено да се означи и да се покаже кон неа со прст; таа се живее под кожа.

Преселбата, бегството, остануваат единствен сон што го оспорува заробеништвото. Во провинцијата слободата е секогаш негде потаму, подалеку. Провинцијата е полуурбана и полурурална реалност, но и руралност закрпена со урбани парчиња. Таа претставува зандана со отворени врати во која човекот своеволно останува заробен, а залудно неговата усна болно ја изустува слободата. Останува како излишно оправдување и задушена некаде длабоко во личноста на човекот; останува и како концепт без суштина, но кој сепак, и таков, аморфен, предизвикува анксиозност.

Провинцијалецот е добро вклопен во провинцијата. Повеќе од географски факт, престојот во провинција го креира неговиот ментален склоп. Од друга страна, географијата за провинцијалецот е фаталност, само таа му дава идентитет и својства, таа е реалностa на која човекот ѝ се предава без отпор, своеволно покорен, без никаква желба и амбиција да ја промени ситуацијата.

Друга одлика на провинцијалецот: нема естетско чувство. Неговиот уметнички сенс извира од самиот крај на стомакот. Можеби ги насетува пофините и посензибилни работи, но тие се далечни и недостижни; наместо тоа биолошкото и моментното останува единствена реалност.

Провинцијалецот има и посебен карактер. На прв поглед тоа е неговата надменост, која кон другите изгледа како фалбаџиство и комплекс на инфериорност. Во суштина, тој е навистина горд на своите успеси (преживувањето), на своето потекло и на конспирацијата која често го убедува дека целиот свет е насочен против него, а тој сепак успева да опстане. Сирот провинцијалец!

Освен гордоста, тој ја развива и интелигенцијата – поточно, калкулантското размислување – повеќе од развивањето на мудроста и на стоичката етика. Се преправа дека е угнетен и со нетрпение го чека денот кога самиот ќе угнетува. Сирот провинцијалец!

Покрај сето ова, тој се доживува и како обична каста, како колектив што може лесно да се потчини и да манипулира. Тој е слабата алка, а опстанокот станува негова главна амбиција. Тој често пати се повикува на поентата: не сум сиромав туку ограбен. За неговиот неуспех го обвинува имагинарниот непријател. Овој замислен непријател е основата на неговото постоење. Да се биде потчинета каста за него е доблест.

Провинцијалецот го обвинува целиот свет за неговата состојба, лаже, измислува и заговара некој софистициран систем кој се бори против провинцијата. Социјалниот однос е проследен со малоумна и злобна корист, а единствениот критички инструмент е морализирањето. Секој феномен го коментира како недостиг или како претерување во доменот на моралот, а самиот морал главно е редуциран на секс и на кражба.

Провинцијалната политика е уште потрагична. На некој начин таа е изворот на сите трагедии. Единствена политички активности во провинцијата се немарноста, апатијата и рамнодушноста. Теологијата на провинцискиот интелектуалец е месијанизмот, имено безнадежното чекање спасител кој еден ден ќе се појави и ќе ја урне корумпираната каста (иако провинцијалецот го гласа „спасителот“ и му се восхитува на секои избори). Не само што му се восхитува, туку и го обожава.

Бараната промена повторно останува празна фраза без содржина; таа завршува во дрдорењето по социјални мрежи. Во суштина, ако трагаме по длабочините на неговата душа, таму го наоѓаме неговото непоколебливо убедување дека провинцијата не се менува, а тој самиот не посакува тоа да се случи. Политичкиот месијанизам, иако е концепт со религиско потекло, кај него се манифестира идеолошки, како создаден од повисока политичка каста, која е угнетувачка но го засадила концептот кај пониските провинцијални касти. А во суштина, месијанизмот е опиум за пониските провинцијални касти. Тој е интервенција однадвор, засекогаш однадвор, зашто внатрешниот „месија“ е корумпиран и поразен, како што е самиот провинцијалец.

Провинцискиот политичар кој малку чепнал во политичката моќ, фасциниран, провинцијата ја гледа како рај во кој може да краде; таа му претставува можност да изгради неколку облакодери, па вила на планина и на море, играјќи ја улогата на капиталист. Преправајќи се како богат, паметен и овластен, тој во суштина води мачен и oдвратен живот; на моменти сепак е среќен во неговaта неукост.

Провинцијалецот со политичка моќ се труди да се претстави како „татко“ на колективот и наместо да ги афирмира граѓанските вредности, ја игра улогата на биолошки татко, на старател кој се грижи за сиромавиот. Тој посакува да го нарекуваат татко, брат, чичко, шеф и претседател, небаре одбива да биде тоа, но сепак тоа му го потхранува неговото егоистично битие. Неговиот единствен политички конкурент е некој кој се претставува како „бабачко“, но никогаш некој со политичка визија и со прогресивни аспирации. Затоа што оние со политичка визија се пресечени на самиот почеток и се надвор од секоја парадигма и реалност.

Еден ден во неделата е времето кога провинцијалецот прави сѐ за да ги заборави своите човечки и граѓански должности кон себе, семејството и кон општеството. За него има едно објаснување: фаталноста, детерминизмот преведен со зборовите „вака рекол/одредил Господ“.

Провинцијалецот со политичка моќ е и имамот на џамијата. Провинцијалниот имам обично го прекорува џематот (народот/заедницата) и не е мотиватор. Имамите се преправаат дека ги познаваат маките на луѓето. Наместо совет, тие шират прекор. За нив, верата е прекор, не совет, а емпатијата и сомилоста се непознати именки. Исто така, според нив, верата треба да биде нешто тешко, да се објаснува со викотници и со остар поглед; тие толку не зборуваат кое добро треба да се направи, туку го прекоруваат народот за тоа што го прави. Провинцискиот имам е богат. Неговото богатство е стекнато низ зборување за сиромашниот Мухамед и за сиромаштијата како нераскинлив дел од гордоста и од човечкото достоинство. Да се биде сиромав значи да се биде „достоинствен“, а првите што ќе влезат во рајот се сиромашните. Тоа што не може да се искуси на овој свет, провинцијалниот имам им го ветува во другиот свет. За нив, Господ не е есенцијата на љубовта и на милоста, туку честопати Господ за нив останува највисоката инстанца на прекорот и на казната.

Всушност, не сум сигурен ни дека воопшто постои „интелектуалецот на провинцијата“. Можеби останал затворен и скриен некаде во остатоците од неговата кула од карти, кои ги сметал за сигурно засолниште?

Провинцијалниот политичар, пак, јасно постои. Тој е ситен калкулант: покомплексниот разум свртен пошироко не го смета за нешто суштинско и својствено на човекот, не прави напори да научи од поширокиот свет и од историјата, туку целото негово однесување му служи на провинциското „статус кво“.

Тој микс меѓу речиси непостоечкиот „интелектуалец“ и тврдиот политичар всушност е главниот криминалец на провинцијата. Тој нималку не се труди да гради нови и успешни модели од поширокиот човечки капитал. Напротив, го уништува и го деконструира секој изданок на промена и сите нови обиди за поинакви политички читања на реалноста. Провинцијалниот интелектуалец, наместо да се поведе од слободата, останува угнетувач и уништувач на слободната волја.

Провинцијата не сака премногу соочувања, иако провинцијалецот е борбен, тврд орев. Неговиот менталитет е истовремено плиток и комплексен, зашто ја одразува историјата, континуитетот на провинциското. Ослободувањето од оваа смртоносна матрица на провинцијата бара борба на многу усогласени нивоа и концепции. Притоа не треба да ги потценуваме провинцијалците. Нивната моќ и нивната отпорност се витални и вткаени во стари традиции.

Слики: Владимир Лукаш
Превод и адаптација на текстот: Арсим Љесковица и Никола Гелевски

 

Слични содржини

Општество / Книжевност
Никола Гелевски
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Живот / Теорија
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото