Десет години Википедија

17.01.2011 14:39
Десет години Википедија

Во саботата низ светот се одбележаа десет години од појавата на Википедија на англиски јазик. Она што на почетокот беше експеримент за енциклопедија на која ќе може да и’ пристапи секој и секој ќе може да придонесе за нејзината содржина, денес е наша стварност.

Замислата била луѓето да можат одговорно да ги споделуваат информациите. Овој револуционерен пристап се менуваше со текот на времето бидејќи Википедија почна да воведува разни нивоа на пристап до неа за да се заштити од злоупотребите кои се појавија. Сепак, фактот дека Википедија останува отворена платформа на која луѓето соработуваат за да ги шират информациите за многумина претставува доказ дека Википедија е споменик на нашата ера на поврзаност. Џими Велс, интернет претприемач и иницијатор на проектот, во својата видео порака, која ја постави на страницата на Википедија, изјави:

„Тешко е да се замисли дека поминаа 10 години откако првпат ја уредував Википедија. Се сеќавам на првиот ден. Кликнав на ’уредување’ и напишав ’здраво, свету’, и тоа беше почетокот. Денес имаме милиони статии на стотина јазици. Деновиве околу 400 милиони луѓе месечно ја посетуваат страницата, и тоа е нешто запрепастувачко. Ако помислите на ефектот кој го има на културата, тоа е неверојатно.“

Петта на планетата

За време на изминатото десетлетие Википедија сигурно го стекнуваше својот легитимитет и, според многумина, стана незаобиколна како најпристаплив извор за речиси сè. Неодамнешните податоци укажуваат дека Википедија е петтата најпопуларна интернет страница во светот.

Но зошто оваа енциклопедија стана таков симбол?

Ендрју Лих, автор на „ Револуцијата Википедија“, причините за таквиот раст го наоѓа во празнината која таа ја пополни во поглед на достапноста на информациите.

„Википедија навистина ја исполни единствената дупка – она што го нарекувам ’дупка на знаењето’. А тоа се информации кои се премногу нови за да бидат ставени во историските книги, но и премногу стари да бидат искористени во вестите секојпат кога читате весник: така што, сè додека не се појави Википедија, тоа беше оној дел кој недостасуваше во вашето знаење“, изјави Лих.

Лих е и администратор на нејзината верзија на англиски јазик. Тој има посебна дозвола „да ги брише страниците и да ги заклучува статиите за да ги заштити од вандализам и уреднички несогласувања, и да ги спречи корисниците да ги уредуваат статиите“. Примената на ваквите заштитни механизми, според Лих, обезбедува Википедија да не стане достапна за сите, но притоа да ја задржи својата отворена природа. Тој, како и другите администратори и редовни соработници, работат чисто на доброволна основа.

Зголеменото внимание на администраторите, вклучувајќи го и посилното потпирање на цитирани извори на информации, исто така помогнаа за подобрување на точноста на Википедија – како и угледот – со текот на годините.

Случај кој беше пресвртница

Лих вели дека организацијата поминала доста време последниве пет години во размислување откако се појави статијата за американскиот новинар Џон Сигенталер, каде што тој беше претставен како осомничен во атентатот на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди и неговиот брат, Роберт Ф. Кенеди. Кога дозна за статијата на Википедија, Сигенталер јавно ја осуди Википедија. Овој случај навистина беше пресвртница за Википедија и помогна од „кул“ и „интересна“ да стане „важна“ и „одговорна“. Денес најголемиот дел од вандализмите кои ќе се најдат на страницата се отстранувани за неколку секунди или минути.

Во извештајот на списанието Nature од 2005 г. беше кажано дека Википедија се приближила до многу попознатата Енциклопедија Британика во точноста на статиите за науката – иако Британика ова жестоко го демантираше.

Сепак, и понатаму многумина се скептични за информациите добиени преку Википедија, и наводно голем број училишта низ САД ја забраниле оваа страница. Аналитичарите, пак, велат дека и во образовната заедница сè поголем број луѓе се потпираат на Википедија – посебно за општите прегледи на темите и за линковите на цитатите од оригиналните извори.

Денес, по десет години трескавично пишување статии, Википедија гледа во иднината, каде што, според Лих, чекаат многу предизвици: „Сега предизвикот ќе биде како да се одржуваат милионите статии кои се на Википедија. Како да се добие следното поколение уредници кои ќе имаат ентузијазам за проектот кој главно е готов? Можеби е богохулие да се зборува за тоа дека човечкото знаење на некој начин завршува. Всушност, тоа самото не завршува, но ритамот на поставување на статии е забавен од 2007 г., главно поради тоа зашто, барем на англиската верзија, со 3.5 милиони текстови поголемиот дел од општото, заедничко човечко знаење е веќе документирано на Википедија“.

Википедија најави напори да се сврти обратно овој тренд и луѓето од целиот свет подобро да се претстават низ кампањата за регрутирање повеќе жени, постари лица и луѓе од земјите во развој за уредници.

Понатамошен развој

Специјализираните, технички или научни теми се областите кои можат да растат. За верзиите на Википедија кои се на други јазици наредните години нудат огромен потенцијал. Јуриј Пероханич дење води претпријатие за интернет технологија во Украина, додека ноќе ја поминува „секоја слободна минута“ како доброволен извршен директор на Викимедија, покривна организација која ги обединува Википедија и сите Вики проекти. Додека англиската верзија е стара десет години, украинската е стара седум.

„Пред седум години имавме нула статии, а сега имаме 250 000. Секој ден создаваме 200-300 нови. Сигурен сум дека во наредните пет години растот ќе биде зголемен“, вели Пероханич. Украинската Википедија е рангирана како 16-та во светот, и Пероханич се надева на пробив меѓу десетте најголеми.

Украинската Википедија има пет пати повеќе статии од најголемата печатена енциклопедија во светот. Но и верзиите на Википедија за малите јазици, кои ги зборуваат мал број луѓе, можат да имаат големо влијание. Лих вели дека една од најчесто занемарените особини на Википедија е бројот на јазици на кои се достапни информациите, иако тие се со различен квалитет и количина на статии. Во некои случаи, вели тој, Википедија може да биде единствената модерна енциклопедија која постои за одредена етно-лингвистичка група. На пример, 1000 статии на јазикот Јакут или Саха, на кој зборуваат околу 400 000 лица во североисточна Русија, или на јазикот Заза, ирански јазик кој се зборува во источна Турција. Група академски соработници дури состави неколку статии на староцрковен словенски јазик, древен јазик кој се користел во православните литургии, но повеќе никој не го зборува.

Дали постои некоја тема која е премногу опскурна за да стане статија на Википедија? И да постои, сè уште не е најдена. Така што, ако сте заинтересирани и при рака имате компјутер, тимот на Википедија ќе ви каже дека сте повеќе од добредојдени да ја проширите глобалната база на податоци.

Извор: radio free europe

ОкоБоли главаВицФото