Несреќен е изборот за гостување на Петков

16.04.2022 15:20
Несреќен е изборот за гостување на Петков

Несреќен е изборот на претседателот на владата на Бугарија Кирил Петков да дојде на чествување на клубот на Бугарите „Ванчо Михајлов“. Имено, иако има личности кои ја обележуваат заедничката историја на денес посебните народи, македонскиот и бугарскиот, како Гоце Делчев и раководството на ВМРО во Отоманска Турција, Ванчо Михајлов е личност која не' разединува. Светските енциклопедии пишуваат дека Иван Михајлов, последниот водач на ВМРО, се идентификува себеси со бугарскиот национализам и „историската национална држава на Бугарите“, која ја опфаќа и Македонија.

Активен соработник со фашистичка Италија на Мусолини, со Унгарија на генералот Хорти и со нацистичка Германија на Хитлер, ја менува тактиката на својата организација насочувајќи ја кон индивидуални терористички акции. Така тој се спротиставува на српската окупација на Македонија а најпознатата терористичка акција била убиството на кралот Александар со помош на усташите од Хрватска.

Во последната фаза на Втората светска војна, пишуваат светските енциклопедии, тој, во недостиг на силна воена поддршка од Германија, се откажува од идејата да застане на чело на независна македонска држава, творба на Хитлер. Противник на македонската нација, Ванчо Михајлов, останува верен на своето мото дека е Бугарин од Македонија.

Ова последното било доволно за основачот на клубот на Бугарите во Битола да го нарече „Ванчо Михајлов“. Но, за македонската страна тоа е навреда на антифашистичката борба на македонскиот народ кој во сојуз со другите југословенски народи ја конституира својата држава и нација. Добрите односи помеѓу двете држави и двата народи ќе зависат од исправното читање на историјата не само на Македонците туку и на Бугарите.

Место за ревизја на историјата нема за ниту една страна, ниту за подалечната ниту за поблиската, па така, да се биде соработник на Хитлер беше и останува злодело. Националните аспирации на бугарската држава не ги оправдуваат нејзините постапки направени во текот на војната, како на пример погромот врз Евреите или стрелањето на младинците од Ваташа. Извинување за таквите постапки е патот кој води кон помирување. За тоа требаше да дојде премиерот Петков и бугарската делегација во Македонија, а не за чествување на соработник на Хитлер.


Извор: Плус инфо
Илустрација:István Orosz

ОкоБоли главаВицФото