Ние сме блиску до Европа, Европа е далеку од нас

08.07.2022 14:13
Ние сме блиску до Европа, Европа е далеку од нас

Петнаесет македонски афористичар(к)и на темата - Европа. Слики: Јан Томашоф.


Ефтим Гашев (1925-2019)

Да сме во времето на Александар Македонски, Европа ќе коленичеше за влез во Македонија!

***

Во Европа на секое ќоше - културно катче. На Балканот ќошето е за мочање!


Живко Павлов
(1940)

Нашите пратеници сакаат за Авропа, но дискусиите им се на општинско ниво!


Иван Бојаџиски
(1943)

Не е точно дека нашите млади не добиваат шанса за убав живот. Зарем Германија, Италија, Нов Зеланд... не се шанса?


Митко Алачки
(1946)

Сите излези се затворени, а тие уште заклучуваат.

 

Бошко Перински (1950‒2008)

Ние сме блиску до Европа, Европа е далеку од нас.

***

Освен птиците преселници, одовде сè живо би летнало на Запад.


Димитар И. Вилазорски
(1953)

И низ рајските порти на Европа гледаат да нè спровнат низ мала врата.

***

Го отворив прозорецот кон светот и видов: не сакаат да нè видат.


Јане Атанасов
(1954)

Најкраток опис на процедурата за прием во ЕУ: Аууу!

***

Што сте се фатиле за таа рамка како давеник за сламка?!


Драганчо Тасески Изворски (1955)

Таман сакавме да покажеме заби, Европа ни замавта со протези.

***

Меѓу себе си ги вадиме очите. Затоа наликуваме на „слепи патници“.

 

Васил Толевски (1956)

На прагот на Европа сме. Затоа сите си ги бришат нозете од нас.


Владимир Нејашмиќ - Бато
(1961‒1995)

Просечниот Македонец живее како пес, зашто Европа се однесува како кучка.


Љупка Цветанова
(1976)

Патот до Европа е поплочен со добри намери.

***

Да не беше Европа, кај ќе ни беше крајот?

***

Кога ќе влеземе во Европа, кој ли ќе остане дома?!

***

Главата горе! Се сликаш за виза.

***

Земјата е тркалезна. Ако тргнеш на исток, по некое време ќе се вратиш од запад. Ако тргнеш на запад, никогаш нема да се вратиш.

 

Стиховен Калибар (Горан Јанкуловски, 1979)

Ние сме мала нација, но редовно го јадеме поголемиот стап.


Ѓорѓи Крстевски (1981)

Јас го разбирам светот како… чекај, чекај… па јас не го разбирам светот.

***

Постојано се обидуваш да се вклопиш во сложувалката иако ти не си делчето што недостасува.

***

Од соништата ни останаа само кошмарите.

***

Сè се одвива според најдоброто можно сценарио, вели режисерот на трагедијата.

Тања Аждаја (1985)

Тој: ги гледаш светлана?
Светлана: ги гледам.

***

Влечка и кломпа разговараат.
- И сега, идете или само се влечете?
- Брат, не знам, кломпицирано е.

***

Ти му даваш прст, он ти бара Ќ У Ф Х Ц Ч Џ Ш.

***

ОГЛАС:
Продавам граници за поминување. Количините се ограничени.

***

Не може да влезеш, сите граници ги помина!


Марјан Анѓеловски (1987)

Речиси сите влегоа во Европа. Ама ние не сме со сите!

***

Светот го очекува неизвесна иднина. Среќа што ние немаме иднина.


Слики: Jan Tomaschoff (Чешка)
Избор: П. Вулкански

ОкоБоли главаВицФото