Токсични пари

24.10.2022 02:01
Токсични пари

Капитализмот го освои светот комодификувајќи речиси сè што има вредност, но не и утврдена цена, и во тој процес длабоко ја раздвои вредноста на нештата и нивната цена. Тоа се случи и со парите. Разменската вредност на парите е одраз на нашата подготвеност одредени вредности да ги разменуваме за одредени парични износи. Во капитализмот, кога христијанството ја прифатило идејата за наплата на камата за позајмица, парите добиле и пазарна вредност: тоа е каматата, износот што го плаќаме за користење позајмени пари во одреден временски период.

По финансискиот крах од 2008 година, и особено за време на пандемијата, се случи нешто мошне необично: парите ја сочуваа разменската вредност (онаа што ја намалува инфлацијата), но цената на парите падна на нула, во некои случаи и под нула. Политичарите и централните банки со непромислено постапување ја затруја „отуѓената моќ на човештвото“ (како што Маркс поетично ги дефинираше парите). Парите се затруени со политиките кои се применуваа во Европа и САД во периодот по 2008 година, со политики на строги мерки за штедење за мнозинството, за да се финансира социјализмот за неколкумина.

Мерките за штедење ја намалија јавната потрошувачка во момент кога приватната потрошувачка веќе беше во слободен пад, што го забрза опаѓањето на агрегатната приватна и јавна потрошувачка - која, по дефиниција претставува национален приход. Во капитализмот само големите компании можат да позајмуваат големи количества пари кои заемодавците, главно богаташи со големи вишоци, ги нудат на заем. Затоа цената на парите по 2008 година падна на нула: побарувачката пресуши зашто на погубните последици од мерките за штедење големите компании реагираа со запирање на понатамошните инвестиции, иако пари (барем за овие компании) имаше во изобилство.

Како и во случајот со залихите компири за кои според бараната цена нема купувач, цената на парите - односно, каматната стапка - почнува да опаѓа тогаш кога понудата ќе ја надмине побарувачката. Но тука се појавува една важна разлика: додека во случајот со компирите намалувањето на цената мошне брзо го решава проблемот со вишоците на страната на понудата, во случајот со парите брзиот пад на цената генерира токму спротивен ефект. Наместо да се радуваат што добиле можност да се задолжуваат и да инвестираат по пониска цена, инвеститорите размислуваат вака: „Централната банка сигурно очекува тежок период штом толку ја намалува цената на парите. Затоа нема да инвестираме, иако парите ни ги нудат бесплатно!“ Дури и по острото намалување на каматите изостана закрепнувањето на инвестициите, па централните банки продолжија да ги намалуваат цените сè додека тие не завршија во негативна зона.

Тоа е мошне необична ситуација. Негативните цени можеби имаат смисла за стоките со негативна вредност или негативна цена. Кога некоја фабрика сака да се ослободи од токсичен отпад, таа практично го продава по негативна цена: плаќа некому да дојде и да го однесе. Но ако централната банка ги третира парите како што фабриката за автомобили ја третира искористената сулфурна киселина или нуклеарната електрана радиоактивниот отпад, јасно е дена нешто е гнило во кралството на финансијализираниот капитализам.

Има коментатори кои се надеваат дека западните пари сега поминуваат низ процес на прочистување на инфлацијата и растечките каматни стапки со оган. Но инфлацијата не може да го елиминира отровот од западниот монетарен систем. По повеќе од една деценија зависност од затруените пари, ние впрочем не знаеме кој метод за детоксикација би бил соодветен. Денешната инфлација не е инфлација каква што имавме во седумдесеттите и раните осумдесетти години од 20 век. Денешната инфлација ги загрозува трудот, капиталот и државната управа онака како што не можеше инфлацијата пред 50 години. Тогаш трудот беше доволно добро организиран за да издејствува зголемување на заработката со која беше спречена криза на трошоците за живот, а компаниите и државите не можеа да сметаат на приливи со бесплатни пари. Во денешната ситуација не постои оптимална каматна стапка која може да ја поврати рамнотежата помеѓу побарувачката и понудата, а истовремено да не покрене бран банкротства во приватниот и јавниот сектор. Тоа е долгорочната цена на токсичните пари.

Американската администрација се наоѓа пред неразрешлива дилема. Од една страна треба да ја заузда инфлацијата во земјата. Од друга, треба да ги убеди големите американски корпорации и многуте пријателски држави да се согласат со кризата на солвентноста која повратно ќе ја загрози стабилноста на Америка. Ситуацијата во еврозоната е многу полоша, зашто тамошните креатори на политики одбиваа да го направат она што мораше да се направи по банкарската криза од 2008 година: а тоа е поставување здрав темел за федерација во облик на фискална унија. Наместо тоа, на Европската централна банка ѝ е даден мандат да го спасува еврото „по секоја цена“. За да го сочува еврото, Европската централна банка ги затру своите пари. Европската централна банка денес чува огромни количини италијански, шпански, француски, дури и грчки долг, што веќе не може да се оправда со потребата од одржување целна инфлација, а не може ни да се ослободи од него, зашто тоа би го довело во прашање опстанокот на еврото.

Додека ги разгледуваме неразрешливите дилеми со кои се соочуваат Европа и Америка, можеби ова е вистински момент да се запрашаме за подлабоките причини кои овозможија труење на парите (што се разликува од губењето на вредноста заради инфлација). Добра илустрација е забелешката на Ајнштајн дека природата на светлината единствено може да се разбере ако ја прифатиме идејата дека таа истовремено се однесува на два различни начини: како честичка и како бран.

И парите имаат две природи. Нивната прва природа, онаа според која тие се стока која може да се разменува со други стоки, не може да го објасни парадоксот на негативните цени. Но затоа е корисна нивната втора природа: како и јазикот, и парите се рефлексија на нашиот однос кон другите луѓе и технологиите кои ги користиме. Парите го одржуваат начинот на кој ја трансформираме материјата и го обликуваме светот околу себе. Со парите е квантифицирана нашата „отуѓена моќ“ да работиме на остварување на заедничките цели како колектив. Кога ќе ја воочиме втората природа на парите, сè има повеќе смисла.

Социјализмот за банкарите и мерките за штедење за сите останати го осуетија динамизмот на капитализмот и го осудија на стагнација во позлатен кафез. Токсични пари имаше во изобилство, но ништо не се прелеа во инвестиции, во добри работни места или нешто што би ги поттикнало анималните духови на капитализмот. Сега, додека баучот на инфлацијата лебди над сите нас, тешко е да се замисли монетарна политика која истовремено ќе ги детоксифицира парите, ќе ја поврати рамнотежата и ќе ги насочи инвестициите таму каде што му се најпотребни на човештвото.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Stacey Lee Webber

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото