Под планината

26.12.2022 19:21

Кога гледаш одозгора,
Пената во заоблениот залив, крило е гускино ‒
Кое се оперјува... оголува... само од себе.

Кога гледаш одозгора,
Полето е скут, а стоговите копчиња
Што за земјата го закопчуваат.

Кога гледаш одозгора,
Куќата е нема направа чија намена
Дамна застарела.

Но кога ќе се симнеш долу,
Големите бранови се ледена згура и
Тревиштето буи од смраден живот.

Кога ќе се симнеш долу,
Полето е скудна, или изобилна жетва, извор
На болка во грбот ако не тага.

И кога ќе се симнеш долу,
Куќата е вртлог од љубов и омраза каде што ти ‒
Бидејќи си се симнал ‒ припаѓаш.

Превод: П. В.

Луис Макнис (Frederick Louis MacNeice, 1907—1963) — англиски и ирски поет, романсиер, драмски писател... Син на протестантски свештеник и учителка. Неговата мајка починала кога бил дете. Во 1917 година таткото повторно се оженил, а Луис и неговата сестра биле испратени во специјално училиште; нивниот брат, кој страдал од Даунова болест, бил сместен во азил.

Студирал во Оксфорд. Првата стихозбирка ја објавил уште како студент, во 1929 г. Во 1930-ите бил дел од кругот левичарски, антифашистички писатели групирани околу Вистон Хју Оден (Кристофер Ишервуд, Стивен Спендер, Сесил Деј-Луис итн.; Рој Кембел им го дал акронимот MacSpaunday - MACNeice, SPender, AUdeN, DEN-Luis). Предавал класична книжевност и работел за Би-Би-Си. Добил орден на Британската империја (1958).

Влијаел на поетите Шејмас Хини, Мајкл Лонгли, Пол Малдун, Дерек Махун...

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото