До среќата тешко се доаѓа, но мизеријата е секогаш при рака

27.02.2023 13:48
До среќата тешко се доаѓа, но мизеријата е секогаш при рака

 

Насловот е парафраза на месопотамиска поговорка испишана на глинена табличка со клинесто писмо, која датира од самракот на сумерската урбана цивилизација, најстара на светот, некаде околу 2000 година пред нашата ера. Оваа префинета, помалку цинична поговорка, филувана со безвременска нитка на темен хумор, во оригинал гласи вака: „До богатство тешко се доаѓа, но сиромаштвото е секогаш при рака“.

Таа исклучително софистицирана урбана цивилизација прва ги измислила практично сите основни технолошки достигнувања потребни за едно современо урбано општество; државните институции, културните, архитектонските и урбанистичките форми што ги користиме и ден-денес, се разбира освен техничко-технолошките придобивки на последниот век и кусур. Таму, во небиднината на денешната неплодна Ирачка пустина, биле измислени и градот и државата и урбаното општество, со сложеност споредлива со денешната. Сето тоа се случувало во четвртиот и во третиот милениум пред нашата ера, за да заврши за изненадувачки кусо време, некаде во времето кога поговорката била втисната во глина, и испратена до нас, за ние безбели нешто да научиме од неа. Попусто.

Милениум и половина порано, кога Сумер бил во општествен процут, креирајќи ја денешната глобална урбана цивилизација, некаде околу 3200 години пред нашата ера, биле изработени голем број глинени таблички на кои бил испишан список на стандардните занимања во тоа време. До денешно време стасале голем број вакви документи, сите со истиот список, зашто текстот служел за обука на сумерските писари. Што е интересно во овој исклучително вреден документ?



Списокот содржел 129 занимања, наредени по истиот редослед во сите најдени таблички; од врвот на списокот па кон дното занимањата биле редени по важност, со најважните, се разбира, на врвот. Така, во првите и најважни се наоѓале „врховниот судија“, „градоначалникот“, „мудрецот“ и „дворјанинот“. Кога ги прочитав за првпат ме пресече ненадејно сознание дека денешниот список на занимања, наредени според нивната важност, нема никакви шанси да го содржи занимањето „мудрец“, и тоа не само меѓу најважните на врвот на листата, туку нема да го содржи воопшто. Во 21 век од мудроста не само што не може да се живее, таа не може да биде ни занимање, туку таа веќе воопшто и не е на цена. А тоа е непогрешлив знак дека сме цивилизација во опаѓање, овојпат сите ние на планетава.

Но, пет или шест милениуми порано, пред сумерската урбана револуција во четвртиот милениум пред нашата ера, се случувала најважната технолошка, културна и биолошка револуција, што ќе изврши најголемо влијание не само врз човештвото, туку и на целиот жив свет на планетава. Тоа било припитомувањето на билките и на животните од страна на човекот и промената на начинот на живот: од ловечко-собирачки и номадски во земјоделски живот кој се одвивал во постојани населби. Во оваа прва технолошка и културна, а всушност биолошка револуција, со грамадни последици за човечкиот вид, биле пронајдени и применети најважните генетски откритија кои станале самите темели на целиот развој на човештвото во следните десет милениуми. Но, и многу повеќе: може да се рече дека припитомувањето на житариците и на домашните животни се не само основните претпоставки за вкупниот човеков историски прогрес, туку ја претставуваат – истите тие пронајдоци од пред 10 илјади години – основната исхрана на човештвото и ден-денес.



За оваа денес обилно документирана развојна сага за прогресот на човештвото, општоприфатена од целата планета, уште од мугрите на модернизмот – од осумнаесеттиот век и просветителството – ни била всадена идејата дека тоа бил клучниот чекор на напредокот искажан низ ослободувањето на човекот од зависноста од природата и преземањето на судбината во свои раце. И дека технолошките откритија на древната генетика биле воедно и најголемиот чекор од примитивниот живот на номадските ловечко-собирачки заедници што талкале стотици километри барајќи храна, во земјоделски комуни кои во стабилни населби прераснале во современи урбани метрополи, во кои човекот конечно станал господар на својата среќа.

Испадна, меѓутоа, дека вистината била малку подруга, да не речам обратна: постојат веќе обилно многу научни докази дека преоѓајќи од ловечко-собирачки начин на живот во земјоделски и стационарен, човекот спаднал, според старата изрека, од коњ на магаре, а според некои показатели, и на бодликаво прасе. Еден антрополог дури го опишал преодот во земјоделство како „најголема грешка во историјата на човечкиот род“. За што, всушност, станува збор?

Првин за часовите потребни за собирање на храната. Денешните антрополози откриле, врз основа на истражувањата на повеќе од преостанатите ловечко-собирачки заедници ширум светот, дека ним им е потребно помеѓу 12 и 16 часа неделно за да ја обезбедат храната за заедницата, а сето останато време го трошат на слободни активности, социјални односи, игри и песни. Земјоделците и сите други занимања што се развиле врз вишоците од нивната храна, трошеле и по 60 часа неделно на работа, а и денес 40-часовната недела се смета за фантастична придобивка на остварувањето на работничките права.



Испаѓа дека, за разлика не од земјоделците од пред пет милениуми, туку и од современите урбани луѓе од целиот свет кои имаат пет работни дена и два за викенд, ловците собирачи имале два работни дена и пет дена викенд во неделата!

Доказите за пропаста на човештвото, наместо лажно славениот напредок со преодот на земјоделие, се намножија во последните две децении, кога со детално истражување скелети на ловците и на собирачите на плодови е утврдено дека тие во просек биле значително повисоки од земјоделците во милениумите што следеле. Коскените докази од територијата на Турција и на Грција покажуваат дека просечната висина на ловците-собирачи што живееле во последната ледена доба пред околу 14.000 години била за мажи 175 см и за жени 165 см, додека околу 3000 година пред нашата ера, по преодот во земјоделие, просекот паднал на 160 см за мажи и 152 за жени. За какво грамадно пропаѓање на стандардот се работи, и тоа за регрес што траел илјадници години, укажува и фактот што растот на ловците собирачи човекот го достигнал дури во втората половина од 20 век, и тоа само во побогатите делови на планетата.



Анализа на скелетите на земјоделците укажува и дека тие боледувале од куп болести како последица од нивната слаба и неквалитетна исхрана, што не може да се види кај скелетите на ловците и на собирачите на плодови. Речиси сите земјоделски черепи покажуваат знаци на хипоплазија на забната глеѓ, што е последица од драматично невоедначена исхрана, а тука се и многу проширениот рахитис, скорбут и анемија, заедно со инфективните болести како што се лепрата, туберкулозата и маларијата, сите овие болести од кои ловците собирачи практично воопшто не боледувале. По сиве овие сознанија, сигурно ќе се запрашате – кој ѓавол ги терал луѓето да го напуштат во секој поглед поздравиот и посреќниот живот како ловци и собирачи на плодови, и да прејдат на претешкото, убиствено и многукратно проклетото земјоделие?!

Истото прашање би можело да се постави и за денешнава супер развиена глобална цивилизација: кој ѓавол ги тера земјите од развиениот Север или т.н. колективен Запад, во атмосфера на горда и свечена, и исто толку плиткоумна егзалтација, да ги здружуваат сите сили и ресурси од една локална етнонационалистичка војна да направат глобална војна што може да го уништи светот? Одговорот е веројатно истиот како и за ловците собирачи: кутрите не биле во состојба да сфатат што се случува, сè додека не станало предоцна.



Фотографии: Jonathan Jimenez, aka Jonk

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Теорија / Историја
Технологија / Живот / Уживање / Историја
Технологија / Живот / Теорија
Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото