Во понорот на ВМРО

14.08.2023 12:38
Во понорот на ВМРО

 

Постојано велев дека нашите надворешнополитички порази се одлика на внатреполитичкото неединство на двете доминантни политички елити, кои во овие три децении независност не најдоа најмал заеднички содржател ни за најкруцијалните национално-државни прашања: спорот околу употребата на нашето поранешно уставно име со јужниот сосед, на пример, или сега околу идентитетско-историските спорови со источниот сосед.

Но, веќе сфаќам дека и тоа не е баш така. Нашите надворешнополитички порази, вклучувајќи ги и поразите на внатрешен план, во секоја општествена сфера на секојдневното живеење, едноставно се одлика на нашиот колективен национален идентитет. Почнувајќи од комплексот на вечни жртви, завршувајќи со тоа за ништо да не прифаќаме одговорност, ниту лична ниту колективна, и постојано некој друг да ни е виновен и за нашите лични, но и за нашите национални неуспеси и несреќи.

Особено кога станува збор за историски трауматични национални настани, тие што ни се врежани во националната потсвест („делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“), нели, со што се алудира на одредбите од Букурешкиот договор (1913), или на одредбите од Охридскиот рамковен договор („Американците ги извадија со нивни автобуси терористите од Арачиново 2001“), создавајќи неподносливо чувство на вечни жртви и на вечно онеправдани. Се разбира, од страна на големите сили од злиот Запад.

Тоа национално перципирано чувство, создавано не само во неформалните комуникациски односи и општења помеѓу луѓето (етничките Македонци), во кафеани, по слави, на улица, по одмори, туку и формализирано во историските и историографските учебници, создаде од нас нација на поразени.

Имаме ли за нешто чувство на вина и одговорност?

Ниту еден сериозен општественик, политичар од висок ранг, камоли сериозен историчар, не го постави прашањето – кои се причините што довеле до поделба на етногеографската територија на Македонија за, сходно на тоа, да ги трпиме денешните ужасни последици во односите, пред сè, со нашите соседи, источен и јужен; не дај боже да се постави прашањето за одговорноста на тогашната „политичка“ елита репрезентирана во водството на внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО).

За невидено чудо, еден од тогашните предводници имал поголема свест, чувство за лична и за организациска одговорност за постбукурешките последици во Македонија, односно по македонското население, отколку денешните наши „државници“. Еве што напишал во своите спомени, еден од основачите на легендарната тајна македонска организација, книжарот од Кукуш, во чија книжарница во Солун биле удрени темелите на организацијата која понатаму, во децениите кои следат во сите нејзини деривации и перпетуирања, ќе стане најмоќната терористичка организација на тлото на Европа (ИРА учела од методите на ВМРО), особено по завршувањето на Првата светска војна, кога ќе биде преземена под раководната палка на Тодор Александров и Иван Михајлов. Еве што вели Иван Хаџи Николов:

„Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облива срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата организација, туку Софија, со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не националистичка политика, ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас, пак, се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека и јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа – погубувањето на Македонија и на Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не нè убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива.

Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да ја водиме кон ослободување, а излезе дека сме ја воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство и при такви, дијаметрално противположни резултати пак да не нè обвинува, да не нè навредува, да не мрмори против нас – создавачите на Револуционерната организација и водачите, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го подземе тешкиот голготски крст – тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужни“.

Пред да го заврши својот живот, полнотворен и исполнет со многу важна општествена ролја за слободата на Македонија, очигледно депресивен од состојбите во кои се нашла Македонија, со огромно чувство на вина, со грижа на совест и срам зошто од неговото и од водството на неговите соборци ситуацијата стигнала до тука, тој ги пишува овие мемоари во кои се гледа невидено, дури би рекол државничко чувство за одговорност за своите постапки, и покрај тоа што, најверојатно имал само добри и чисти намери за слободата и иднината на Македонија и македонскиот народ. На крајот си пресудил, сам си го одзел животот во 1934 година во бугарската столица Софија на седумдесет и тригодишна возраст.

Е сега, замислете колку наши политичари, државници и општественици треба(ше) да се самоубијат во овие триесет и две години на македонска независност, откако тие ја земаа „судбината“ во свои раце и да не водат нам кон светлата иднина на нашиот државно-правен и економско-инфраструктурен развој, доколку ги имаа моралните параметри и отсечки на основачот на организацијата И. Хаџи-Николов?! Па веројатно сите до еден. Или на прсти ќе се броеја „преживеани“. Бидејќи тие ја упропастија Македонија и го доведоа македонскиот народ и граѓаните во една неиздржлива состојба (на морален, физички, психолошки, финансиски и социјален план), но ним око не им трепнува и мува не ги лази.

Од доктор на медицински науки до доктор во школото кај тате!

Кога ќе ја видам биографијата на првиот лидер на ВМРО, односно Б.М.О.Р.К , медицинскиот доктор по вокација со завршено високо образование, тогаш во тие дни, кон крајот на деветнаесеттиот век, во Цирих во Швајцарија, д-р Христо Татарчев, со образовните биографии на наследниците на организацијата во независна Македонија, која тој ја основал и чие име денеска го носи официјалниот партиски штаб во центарот на Скопје, мене срам ме фаќа. Првиот со компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (најдобар од сите), вториот „буткан со врски“ и пак со едвај-едвај завршено вечерно школо на „Сорбона во Прилеп“, со 6,2 просек, денес многу образован доктор по економски науки, бегалец на бреговите на реката Дунав во Будимпешта и третиот силен даскал, универзитетски професор во школото кај тате. Колку да звучи неверојатно, првите, основачите на Организацијата пред речиси еден век и половина имале многу позавидно и поквалитетно образование од нивните „наследници“ на политичката партија во независна Македонија, чиј префикс го носи. Што ни кажува тоа? Па, дека сме деградирале, дезавуирале, образовно понирале и пропаднале во тоа што значи да имаш некој кој треба да биде на политичкиот пиедестал и да ја води оваа држава и нејзините граѓани кон светлата иднина на сеопштиот раст и развој. Особено во однос на тоа каков морал и какво лично чувство на одговорност за општествените и за национални состојби имале и притежнувале. За нас нема ни лек ни спас. За жал!

Стрип кадри: Alex Blum (Neon, 1940)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото