Социјалната слика на Европа

03.11.2023 03:47
Социјалната слика на Европа

Според најновите податоци сиромаштијата, социјалната исклученост и материјалната депривација во Европа останаа на исто ниво или дури се влошија во однос на минатата година, а има сè повеќе луѓе кои не можат да си дозволат основни нешта како греење во зимските месеци или една недела годишен одмор. Краток преглед на клучните показатели за животните услови во Европската унија во 2022 година, според податоците од публикацијата “Key figures on European living conditions“ на Евростат.

Нееднаквост

Нееднаквоста е претставена со помош на два показатели - првиот е односот на најбогатите и најсиромашните 20 проценти, односно квинтилниот размер на приходите. Во 2022 година квинтилниот размер беше 4,7, што значи дека најботатата петтина Европејци имале 4,7 пати повеќе приходи од најсиромашната петтина од населението. Овој показател варира од 3,1 во Словачка до 6 во Романија, 6,4 во Литванија и 7,3 во Бугарија. Познатиот показател за нееднаквоста, Џиниевиот коефициент, на скала од 0 до 100 мери колку некоја држава е „одделачена“ од потполно еднаква распределба на приходите - во државата во која сите имаат еднаков приход, Џиниевиот коефициент би изнесувал 0 проценти, а во државата во која само една личност го добива сиот приход би изнесувал 100 проценти. Во 2022 година Џиниевиот коефициент за цела Европска унија изнесуваше 29,6 проценти. Најголеми разлики во приходите се забележани во Бугарија (38,4 проценти), Литванија (36,2) и Латвија (34,3), додека приходот бил најрамномерно поделен меѓу жителите на Белгија (24,9 проценти), Чешка (24,8), Словенија (23,1) и Словачка (21,2). Во однос на минатата година нееднаквоста ниту пораснала ниту се намалила значително.

Сиромаштија и социјална исклученост

Кога станува збор за показателите за сиромаштијата или социјалната исклученост, податоците покажуваат дека во Европската унија во 2022 година имало дури 95,3 милиони луѓе кои се во ризик од сиромаштија или социјална исклученост или живеат во таканаречени домаќинства со низок работен интензитет. Околу 72,7 милиони луѓе биле во ризик од сиромаштија, 5,6 милиони биле во сите три ситуации, односно сиромаштија, тешка материјална оскудица и живееле во домаќинство со мошне низок работен интензитет.

Изразено во проценти, во 2022 година 21,6 проценти од населението во Европската унија биле во опасност од сиромаштија или социјална исклученост. Тој удел бил малку поголем кај жените (22,7 проценти) отколку кај мажите (20,4). Меѓу државите членки на ЕУ имало најмногу лица во ризик од сиромаштија или исклученост во Романија (33,4 проценти) и Бугарија (32,2), додека најмалку во Словенија (13,3) и Чешка (11,8). Во сите држави членки уделот бил поголем кај жените отколку кај мажите: најголеми разлики се забележани во Литванија и Латвија, а најмалку во Данска. Сиромаштијата и социјалната исклученост во ЕУ биле малку повисоки во руралните подрачја отколку во градовите и предградијата, а најголема разлика е забележана во Бугарија и Романија.

Број на лица во ризик од сиромаштија или социјална исклученост

 

Класните разлики, мерени според степенот на образование, се очекувано изразени во контекст на нивото на сиромаштијата, но и во контекст на перцепцијата на здравствената состојба на испитаниците. Во 2022 година повеќе од една третина (34,5 проценти) од лицата постари од 17 години во ЕУ со ниско ниво на образование, биле во опасност од сиромаштија или социјална исклученост, додека тој удел кај лицата со високо образование бил значително понизок (10,5). Малку повеќе од половина (55,1 процент) од лицата со ниско образовно ниво изјавиле дека своето здравје го сметаат за многу добро или добро, додека тој удел изнесувал 68,7 проценти кај лицата со средно ниво на образование, односно 80 проценти кај високообразованите. Овој образец на разликите е забележан во речиси сите држави членки на ЕУ. Исто така очекувано, уделот на лицата во ризик од сиромаштија или исклученост бил двапати понизок меѓу државјаните на некоја од членките на ЕУ (19,3 проценти) отколку кај имигрантите кои дошле од држави надвор од ЕУ (46,2).

Како што е познато, ризикот од сиромаштија не е резервиран за невработените или другите загрозени групи, на него се изложени и вработените. Во 2022 година, 8,5 проценти од вработените лица во ЕУ биле во опасност од сиромаштија. Тој удел бил помал кај жените (7,5 проценти) отколку кај мажите (9,3), а варирал во државите членки: најнизок удел на сиромашни работници е забележан во Финска (2,5 проценти) додека во седум држави членки надминал 10 проценти, со рекорд во Романија (14,5).

Материјална депривација

Покрај сиромаштијата и социјалната исклученост важен показател за животните услови е и материјалната депривација. Оваа мерка покажува колку луѓето не можат да си дозволат барем седум од тринаесетте ставки кои се сметаат за пожелни или нужни за пристоен живот. Овие ставки се поделени на ниво на домаќинствата, како греењето и можноста за покривање ненадејни трошоци, на пример за поправки, и индивидуални, меѓу кои спаѓаат пристапот до интернет и редовните активности во слободното време. Во 2022 година стапката на тешка материјална и социјална депривација изнесувала 6,7 проценти, малку повеќе во однос на претходната година (6,3), а стапката на депривација била малку повисока кај жените (7 проценти), отколку кај мажите (6,4).

Уделот на домаќинствата со финансиски потешкотии

 

Како што гледаме, 45,5 проценти од домаќинствата во ЕУ имале финансиски потешкотии ов 2022 година. Најмалку домаќинства со финансиски потешкотии имало во Шведска, Германија, Холандија, Финска и Луксембург (под 25 проценти од домаќинствата), а најмногу во Бугарија (80,3) и Грција (89,6).

На листата со ставки кои ја мерат материјалната депривација ќе ги издвоиме греењето и можноста за одење на годишен одмор надвор од местото на живеење: во 2022 година 9,3 проценти од луѓето не можеле да си дозволат греење во своите домови, што е значителен пораст во однос на 2021 година (6,9). Во членките на ЕУ овој удел се движел од 1,4 проценти во Финска до 22,5 проценти во Бугарија. Во 21 држава членка на ЕУ уделот на луѓето кои не можеле да си дозволат греење се зголемил помеѓу 2021 и 2022 година. Кога станува збор за годишниот одмор, дури 28,6 проценти од жителите на Европската унија не можеле да си дозволат еднонеделен одмор надвор од местото на живеење, што е пораст во однос на претходната година (27,7 проценти).

Податоците за структурата на домашниот буџет покажуваат дека најголемите издатоци на просечното европско домаќинство на почетокот на 2023 година биле за храна, домување, режиски трошоци и превоз. Овие трошоци заедно сочинувале половина од вкупните издатоци (47,1 процент). Тоа не зачудува заради зголемувањето на цените на овие три категории издатоци за време на актуелната криза на животните трошоци.

Превод: Алек Кузмановски

Насловна илустрација: David Álvarez

Извор: https://www.bilten.org/