Борба за затворено општество: Медиумски простор со еднонасочна идеолошка радијација

13.02.2024 02:51
Борба за затворено општество: Медиумски простор со еднонасочна идеолошка радијација

„Тоа што го гледаме сега на МТВ е анкета преземена од еден Институт многу близок до ВМРО-ДПМНЕ. МТВ само нѐ потсетува како изгледаа медиумите до 2016 година. Ова прашање треба да го доставите до амбасадорите Гир, до американската амбасадорка, до холандскиот амбасадор бидејќи тие многу често ги коментираат демократијата, слободата на медиумите, начинот на известувањето“, изјави неодамна експремиерот Ковачевски, во една навистина многу ретка забелешка за медиумите.

Го нагласуваме она ретко, иако во последните интервјуа кои ги имаше во неколку телевизии, тој решително умееше на домаќините да им посочи некои вградени дефекти кои ги имаат македонските медиуми. За тоа дека медиумите не се промениле после 2016 година, сведочи и фактот дека кај не се промени структурата на моќта во општеството, на што јасно укажа и црната листа на САД. Просто ни нацрта! Тие поединци се секако нашата плутократија, посттранзициската екипа која најпрвин беше воздигната во првите влади, а потоа, по стабилизирањето на статусот и финансиската моќ, стана клучот за одредувањето на нашата иднина. Или поточно – небиднина.

Насоката беше давана кон тоа ние никако да не станеме дел од современите тенденции и да останеме затворено општество! Само ако се сетиме на обидот за рано елиминирање на првиот претседател Глигоров, кој вешто и храбро не водеше низ првите премрежија. Медиумите само – како во старите црно-бели филмови, се индиго хартија која ја копира веќе вкоренетата слика на локалните моќници.

Македонија како медиумско Елдорадо

Во еден разговор за Слободна телевизија (Слободен печат) на прашање за тоа дали знам колкав е бројот на телевизиите со национална фреквенција во земјите од регионот, се задржавме на Словенија.

Изборот беше заради сличностите на нашите две земји, особено според бројот на жители. Да, бројот на медиуми со национална фреквенција во дежелата изнесува четири, се разбира без РТ Словенија и нејзините канали. Таа бројка е фиксирана и во еден миг таму имаше само 3, откако една од приватните телевизии не можеше финансиски да издржи. Потоа, на конкурс, беше одново пополнета бројката и стаса повторно до – 4!

Во Словенија се внимава на тоа добитниците на национални фреквенции да бидат во состојба да бидат самоодржливи. Нема помош ниту од државата, ниту од партиите.

Кај нас, да се потсетиме, имаме пет вакви привилегирани позиции што некако бесконечно, со ништо не попречувани, ги користат телевизиите Сител, Телма, Алфа, Алсат и Канал 5. Формално, позицијата на корисник на национална фреквенција е девет години, но тој рок постојано се продолжува. Се дознава дека оние телевизии чиј рок им истекувал, пред последната Нова година добиле подарок – одложување од три години!

Безмалку, таа играрија е своевидно перпетуум мобиле…

Аргументите на емитерите се дека тие имале крупни инвестиции и дека не можат туку-така да се откажат од својата позиција, имаат планови и слично. Дали некој ги прашува гледачите? Смеат ли привилегираните да добијат конкуренција? Можеби би се нашол некој нов инвеститор кој би бил достоен конкурент?

Таа зацементираност во позицијата на носителите на можноста да имаат најголема видливост во земјата, практично барабар со онаа на каналите на националната телевизија е сама по себе нелогична. Бидејќи, постојат и други фирми, во многу други сфери кои вредат како капитал многу повеќе и имаат поголем број вработени и секако имаат планови за развој, но пропаѓаат. Па и гиганти. Впрочем, ние сме во либерално, пазарно стопанство во чиј постамент е пазарниот натпревар, конкуренцијата а не затвореноста. Моќта на споменатите приватни телевизии беше во време на груевизмот толку голема што некои од овие медиумски моќници имаа и свој втор, па и трет канал, што сме го заборавиле, нели? Канал 5 два, па Сител 3…

Кога сме кај оваа тема, секогаш го истакнувам примерот со Србија каде што нивното Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ), она што е кај нас АВМУ, на секои две години распишува конкурс на кој може да се јават сите субјекти кои се бават со производство на ТВ програма или имаат услови за тоа, од технички, до финансиски и кадровски. Во принцип, нема привилегирани, иако во медиумите во оваа земја се подигнува доста прашина околу резултатот на конкурсите, а каде за пет фреквенции последниот пат, лани во јуни, се пријавија десет телевизии.

Тоа со конечниот избор е секако друго, политичко прашање, врзано за политичката моќ во Србија, но факт е дека секој корисник по 24 месеци од последната добиена дозвола, мора да собере документи – како што велат таму „да пресавије табак“ – и да ги презентира намерите околу своето идно работење; и секако да биде потоа проверуван дали она што претходно го ветил при претходното делење на фреквенциите, го исполнил! Народски – нема ништо на вересија, а секако не нешто што е национална вредност (етерот) што не може да се третира како да е истата семејна реликвија која не смее да се чепне, како што е случај во земјава.

Привилегираните да бидат попривилегирани

Дозволата кај нас се одзема само ако не се плати годишната такса, ако се покрене стечајна постапка за правното лице или ако истото не емитува програма шест месеци во континуитет. Во законските измени кои ги понуди надлежното министерство неодамна и што не дојдоа на дневен ред, а што ги налути газдите на нашите пет телевизии (!), не е предвидено да се прифати селективност во добивање на фреквенции од споменатиот (српски) модел, туку заради фактот дека истиот акт требало да ја елиминира нивната „нелојална конкуренција“ во комуникациите од поширок вид!

Што би се рекло – од привилегирани, сакаат да станат уште попривилегирани! Ако може и „надвор“ од ТВ екраните, бидејќи, нели, можностите во комуникацијата растат толку бргу што промените се мерат во денови и ги задоволуваат потребите на генерациите што доаѓаат во најразлични форми.

И да довршиме, кај нашиот северен сосед, последниот јуни се поделија 4 фреквенции – Хепи, Пинк, Прва, и Б92, додека петтата не беше доделена никому, бидејќи не можеше да се заобиколи понудата на Јунајтед медиа со своите две независни телевизии – Н1 и Нова С.

За да не излеземе од темата, само да напоменеме дека една Србија која е три пати поголема од нас по број на население и секако економски посилна, е „поскржава“ во поделбата на фреквенциите (да го изоставиме идеолошкиот момент, кој и нам не ни е предност секако). Но, затоа ние генерално имаме регистрирани 120 радиодифузери (во 2016) што го прави нашето радио и ТВ подрачје толку густо што би можеле да конкурираме и за Гинис. (Линкови: Преглед од постаро време на Заводот за статистика, и преглед во АВМУ.

Доаѓаме до основното прашање – како сето тоа се издржува? Или можеби е подобро да прашаме: Кој таквата продукција ја подржува? Добро е да се погледне анализата на пазарот на АВМУ за 2022 година (нема понова).

Земјата има 40 телевизии и нешто на 60 радио станици! Колку само за потсетување, без да навлегуваме во детали што се горе-долу познати, телевизиите со национална фреквенција беа поделени на оние кои во еден миг имаа пари, односно го грабнаа најголемиот колач во транзицијата, во првата акумулација на капиталот во малата Македонија.

Единствено телевизијата А1 се базираше на странска инвестиција од „Фондацијата Сорос“ со провидно покритие низ пилешките копани на газда Велија Рамковски. Потоа дојде Сител која се базираше на фудбалот (стадионот како голема подарена деловна зграда, а тука се и парите за донирање на развојот на фудбалот што се претворија во пари за телевизијата), потоа Телма која се базираше на монополот за увоз и дистрибуција на горива на Макпетрол. Канал 5 која на стартот ја држеше една сметководствена фирма, но сопственикот потоа ги водеше финансиите на ВМРО-ДПМНЕ, во чија влада сопственикот беше и министер.

Ова прашање, едноставно така, се тркала со години, повеќе од три децении и има сериозно, стравотно, па и пресудно влијание во сите изборни процеси. Преку медиумите, било да е тоа МТВ или телевизиите со национална фреквенција, потоа оние со кандидатски статус за таа позиција, а секако и регионалните, се фатени во клештите на политичките партии или, да бидеме поконкретни, главно на една партија со своите коалициони партнери – ВМРО-ДПМНЕ. Кога говориме за македонскиот блок, се разбира.

Еднонасочна идеолошка радијација

Во зоната на идеолошката радијација, телевизиите просто ги распостилаат своите капацитети и слепо се држат до директивите на еден политички штаб. Тоа се прави толку долго, без оглед на моменталната политичка фортуна, што три дена однапред за секој внимателен проследувач на програмите е предвидливо кои ќе бидат главни гости по сите телевизии, што ќе ги прашуваат гостите во студиото или преку т.н. „Хајд парк“ контактни емисии, што се очекува да биде одговорот, кои ќе бидат темите што одговараат на насоките на една партија.

Ја знаете веќе онаа легендарна анегдота, кога директорот на една од телевизиите со национална фреквенција (Алфа, за која дибидус не се знае како дојде во тоа друштво) го прашува главниот уредник зошто постојано доцнат вестите во 14 часот, а одговорот гласи – не го добивме распоредот на вестите од партијата. Значи сѐ си било средено, содржински и по ликовите кои ја одредуваат таа содржина, но битен е и редоследот… какво „хармонично“ средување на медиумскиот простор! Па таква идила имало само во оние општества каде на времето постоела само една радио станица, а евентуално и по еден, два весници. Ама, вака униформно да ги средите медиумите (со мали исклучоци) во општество што се нарекува плуралистичко, тоа е навистина мајсторство на носителите на предолго заробеното општество.

Ова лесно се објаснува со фактот дека во малиот базен со многу крокодили (медиуми што „треба“ да опстанат), водата ја пуштаат дузина најбогати луѓе. Тие не само што ги контролираат политичките процеси, а секако и коморите, удобно се седнати и во „третата власт“, туку ја користат „седмата сила“ како клучна алатка за да ја остварат таа своја цел. Тука влогот многу бргу се враќа.

Главната цел на таа дузина моќници е поврзана со одбраната на нивната монополска позиција во однос на државните фондови, инвестициите, грабање на заостанатите долгови кон земјава од пред транзицискиот период и низа други богати извори.

ТВ одбрана на финансиските интереси: Свежи примери

Една од главните теми на овие телевизии во овој период е прашањето на инвестиции во енергетскиот сектор. За опозицијата, тука лежеше најголем дел од приходите што таа, односно моќниците кои ја креираат нашата стварност, ги правеше финансиски силни, а имаше доволно и за да поделат некои трошки наоколу. За што се работи?

На удар се странските инвестиции во еден многу значаен сектор. Во 2023 година, тоа беше конкурсот за изградба на ХЕ Чебрен, со тезата дека државата може да издвои да издвои милијарда евра од буџетот (неее, могулите не мислат да вложуваат сопствен капитал во било што, туку само да се залепат за државни јасли во фаза на продажбата на енергијата). Ним им пречи и изградбата на топлана на гас во кругот на Железарница, па и генерално, на било што друго што би имало „пасош“ на странска држава.

Главната улога на лобист во оваа кампања постојано има поранешниот професор на Машински факултет Константин Димитров кој просто не се симнува од малите екрани. Наутро на една телевизија, попладне на друга, а навечер на трета и потоа – одново во круг.

Тоа е класичен инженеринг на една партија која за последен пат, од неодамна најавуваше само „иницијатива на инженери и група граѓани“(!) за сепак да се појави, по кусо време на екраните овој професор како уникатна „икона“ на енергетските пророштва.

Да потсетиме дека од промената на власта наваму (од 2017 г.) тој беше катастрофичар, па и неодамна со случките околу мостот Беласица, човек кој најавуваше енергетски колапс на земјата, а кога тоа не се случи – никому ништо. Не беше симнат од списокот на стручни врачеви на Палатата Татарчев. Му дадоа други, нови „турски серии“ за да ја игра својата главна улога со репринт теми како сценарија од типот – не давајте пари на странци, ја губиме нашата сувереност!

Но, да се потсетиме дека Димитров беше главен енергетски советник во време на Груевски кога не се изгради ниту еден објект 11 години. Запрашан еднаш, зошто тогаш, во толкав временски распон, не инсистирал да градиме вакви објекти од буџетот, тој само промрморе во стилот „такви беа тие времиња“. Да такви беа, се увезуваше струја од надвор, скапа секако, а кајмакот го собираа тие од политичкиот врв. Ни да се зуцне некаков приговор за тоа, иако скапата увозна струја ги сардисуваше и граѓаните и фирмите.

Потписникот на овие редови повеќепати пишуваше за оваа област, но не се сеќава дека „енергетската сувереност“ беше предмет на внимание кај овој професор во она време, кога и тогаш постоеше намера да се гради Чебрен, но само како камуфлажа дека нешто од таа власт ќе се направи. Во период од неколку години пропаднаа дури седум меѓународни конкурси, каде што конкурираше главно една позната германска компанија, но не ја добиваше работата. Велат дека имало преку десет вакви конкурси, но Димитров ништо не пререче тогаш.

Пардон, сепак, имаше еден проект.

Случајот ТЕ-ТО, криминал до коска

Постоеше еден проект во времето на Груевски, со прашање за сопственоста замаглено до крајност. Се велеше дека инвеститорот е Русин, кој стопанисуваше со нашиот и онака редуциран гас што пристигнуваше од Русија преку Бугарија. Се однесуваше како недопирлив странец. Си ја нудеше струјата на пазарот и ние никогаш не можевме да сметаме на него. Го немаше ни во билансите.

Дали за оваа продавање на енергетската независност изјави нешто сегашниот главен критичар на енергетските проекти, проф. Константин Димитров? Не се сеќавам на такво нешто.

Но секако може да се насети кој навистина стоеше зад проектот ТЕ-ТО. Тоа е оној објект што требаше да ни донесе ладни радијатори онаа зима, кога на Мицковски не му успеа пучот во Парламентот со преземање на мнозинството во него.

ТЕ-ТО беше планот Б на Мицкоски во тој миг! Професорот, пак, иако постојано е во својот сектор, се вклучува со далечински управувач: има за него доволно планови. А и секогаш може да смета на македонските медиуми во густо напишан распоред на поддршка.

Владата на Ковачевски, во еден пресуден миг, го пресече прашањето на сопственоста, како Александар Велики Гордиевиот јазол. Сопственикот на ТЕ-ТО (кого никој не го запозна саглам) го остави изворот на топлината на скопјани без пари и гориво, ја загуби како објект кој заминал во непознат правец, па државата ја презеде во кус рок и го спаси енергетскиот биланс на земјата!

Нашите телевизии, без никаков исклучок, целосно ја игнорираа американската црна листа. Јасно, тоа за нив не беше тема. Имаше ли „кодови“ за да се испитаат мотивите во кроењето на тие листи? Па јасно, односот кон оние од листата е некаков микс од страв и чекање на ситни пари кои треба да ги добијат. Па и да не ги добијат, тука е клучната финансиска помош за партијата на Мицковски, тогаш кога треба. Се разбира, листата не е така куса. Но сѐ оди според логиката дека подобро е да се заборави темата, а во таа насока не е најдобро да се чепка во бизнисите на оние ликови кои дури и кога се скржави „добротвори“, сепак, се некакви добротвори.

Дневните примери се бројни, ако говориме за видливо сценарио на погодување на ќеифот на една партија и нејзината коалиција. Штрајкот на студентите, на пример, долго беше најавуван и тоа со измислена вест дека владата ќе воведе школарина за студентите на државните факултети. Тоа требаше да биде фитилот за да се предизвика незадоволство, како во времето на Груевски, кога причините за незадоволство беа повеќе од очигледни и реални.

Втора фаза на сценариото е почеток на нивна верзија на Шарената револуција. Паф! – се распрсна наративот, но не заради големите медиуми со национална фреквенција, туку до јавноста, сепак, стигна вистината, по некои „обиколни“ патишта, поточно од дел од интернет медиумите. Не се најде доволно убедлива замена за наративот и со тоа да се направи копија на студентските протести од времето на Груевски, што во тоа време, се разбира, не беа поддржувани од мејнстрим медиумите.

Фактот дека тој ситен собир пред МОН сѐ се растури во мигот кога министерот за образование ги повика водачите на студентите кои извикуваа „оставка, оставка“. Немаше инструкции што понатаму, сѐ беше толку синтетички креирано. Во попладневните вести само на ТВ Телма можевме да слушнеме барем една јасна реченица со која се објасни како заврши спектакуларно најавуваниот студентски бунт (постарите читатели ќе речат „како бугарски Парламент“), но веста генерално се одбегна. За да не остане оваа неуспешна капсула во форма на дефинитивен пораз се потврди на Канал 24 кој покани двајца од организаторите да ги чистат дамките од нивната авантура пред МОН. А потоа, се фрли лопатата на заборавот врз настанот.

Сѐ е ставено во функција на сопирање на процесите на евроинтеграциите со изнаоѓање на „решенија“ по националистички клуч. Едно затворено општество мора да остане како такво. Само поединци од кремот ќе можат да излегуваат надвор, за да ги следат сметките во странските банки. Хм, па и тоа сега ќе им оди потешко.

Карикатури: Pavel Constantin

Извор: https://civilmedia.mk/