Кратки-кратки раскази, преглед 22-28 февруари

28.02.2011 12:49
Кратки-кратки раскази, преглед 22-28 февруари

А. Јовановска

Превртено

Ноќ. Темна и глува. Пуста и далечна. Оставена сама, можеби прерано размислувам за животот. Или не. Само размислувам за нештата во него. Се фрлам во прегратките на ноќта. Излегувам надвор. Улицата пуста. А и небото такво. Без ѕвезди. Облачно. Вискоите згради мудро и таинствено молчат. А светиликите, ни тие не ја вршат својата улога. Го осветлуваат патот само до она дрво. Стигнувам до таму и до вирот под него. Погледнувам и се гледам себеси. Која сум јас? По што ли ќе останам запомнета во овој свет? На што ли ќе се сеќаваат луѓето, кога ќе се спомене моето име? Во мене како да нема очекувања, надеж, живот. Секој ден ја дочекува соодветната ноќ. И постојано така. Ништо не се менува. Зошто? Навистина е тажно што никогаш не погледнуваме кон животот. Тажно е што и покрај сè, повторно остануваме исти. Никако не се менуваме. Секогаш со истото, забрзано темпо се водиме низ животот, нефрлајќи поглед кон емоциите. И нив полека ги губиме. Ги закопуваме некаде заедно cо мислите. А ретко кој вистински размислува. Ретко кој вистински чувствува. А уште поретко се наоѓа некој кој вистински живее.

Филип Димкоски

Монологот на беровската сина слива

Што правам јас во овој сад за овошје? Домаќинката ме измила и ме ставила најдолу за децата да не можат да си каснат од мене. Ако сум скината од дрвото, барем се гледам со моите сестрички и ич не ми е жал ако некое детенце ме изеде. Нема да се усрамам во устата. Блага сум како шеќер, зрела сум и што е најважно немам црвчиња. Но, пак, оние берачине воопшто немаат жал. Дали си малку зелена или презреана ич не прашуваат, само ставаат и ги полнат холандезите. Сестра ми ми велеше дека кога ја изеле нејзината пријателка децата многу се израдувале, бидејќи била зрела и слатка. Така и јас ќе завршам. Таков е животот на сините беровски сливи.

Д. Коцев

Море

Сакајќи да побегне од непријателски настроената средина, која го опкружуваше, собори едно големо дрво. Му ја излупи кората и почна секојдневно да го вдлабнува. Копаше во него. Тоа сурово дрво, без душа, конечно доби лик на чамец, совршено измазнет, со пар, исто така рачно направени весла. Во него го почувствува спокојот и блискиот спас. После огромен труд ќе може да се ослободи, да отпатува некаде далеку, да побегне од мрачните сеништа. Сериозно се доближи до неговата животна кулуминација. Безброј светови се пред неговиот чамец... Само уште, да направи и море.

Егзистенција

Според некои мои проценки, какви што ги правеле јунаците во авантуристичките романи, мора да сум овде веќе седумнаесет часа. Бев мокар, до гуша во густа течност, леплива, со мирис на железо, на монети. Секој мој обид да се ослободам од гломазните ткива беше неуспешен. Повторно се лизгав по слузницата на ендокардот и нурнував во црвената течност. Само на еден испакнат набор се потпирав, таму се одмарав, инаку морав на секоја секунда да вдишувам и да чекам повторно да земам воздух, а и тој беше загушлив.
На сета агонија, силните звуци и удари одекнуваа речиси неподносливо, а ѕидовите ме отфрлаа од една на друга страна-центрифугална сила. Се дерев, скокав, гребев. Ништо.
Затворен сум во мускул со големина на соба. Заробен во нејзиното срце, сега ми преостана уште една шанса, да се обидам да се искачам до некоја од артериите и да се заглавам во нив. Можеби ќе се спасам. Ме мачеше нејзината одлука, да ги донира своите органи по смртта...

Графит

Пристигна избелувачот кој доби наредба да ја сузбие секоја форма на вандализам во градот. Со слабата рака рамномерно почна да ги покрива зборовите на ѕидот „Follow your dreams-cancelled“. Белиот ѕид остана без зборови.

Тројца млади луѓе беа изведени пред суд, под обвинение дека ноќта помеѓу 14-ти и15-ти со неколку литри течна бела боја, ги покриле најубавите улични слики.
Вандалистите кои беа осудени во шарениот град, се бранеа со тврдењето дека белата боја е боја на чистотата.
Веднаш беа испратени истакнати уметници да ги обноват цртежите. Цртежи имаше насекаде. Монотоноста беше илегална.
...
Концептуалците заземаа воздржан став. Подоцна ги бранеа белите ѕидови, велејќи дека неколкуте, случајни шарки и точкички претставуваат нешто.
Прогресивните експерименталци го излепија ѕидот со селотејп, во знак на протест против цензурата.
Како и да е, ѕидот секогаш ќе има уши.

Необично утро

Не ни очекував дека ова утро ќе ми биде поинакво од досега монотоните, речиси репризирани. Поминувајќи го аголот, на десетина метри од крајот на тунелчето во кое искусните минуваа со затнат нос, имаше собрано група луѓе.
Стоеа во круг, како пред некој уличен артист, кој ги забавува, а не му фрлаат парички. Невообичаени извици во заспаното утро. Опколено од пребледените и згрозени лица, на асфалтот лежеше безживотно, посинето тело на млад човек. Вкопаните очи блескаа на утринските зраци. Немаше крв, сува смрт...
Не помагаа ужасните извици и лица како античките трагични маски. Непознати, вкочанети сведоци. Брзо поминувајќи мојот поглед застана на еден од нив, без емоции. Прекрасна млада девојка, велам божица. Да не е ангелот пратен од рајот. Која е таа, овде, да ја краси смртта. Ја сакам. Многу ја сакам. Единствена е.
Ја запознав на една забава, (вчера)
до неа стоеше човек, налик на мртовец.

Летачот

На крајот од денот

Небото над нив се отвори. Сите знаеја дека денот нема уште долго да трае.
: Ми веруваш ли?
: Можеби...понекогаш.
: Ќе ми помогнеш ли да го подигнам сиот товар од мене?
: А каде ќе го носиме?
: Не знам.
: Ти никогаш ништо не знаеш!
: Сакам само да ми посакаш добра ноќ.
: Добра ноќ, љубов.
...и се изгуби ништавилото.

Ed Bloom Young

A must see

Прв пат ја видов во библиотеката, не и’ обрнав внимание.
...потем, разговаравме неколку пати кога правевме пауза од читањето. Таа секогаш ми нудеше цигара, јас всушност и не пушев, но сакав разговорот да трае, па секогаш ја прифаќав понудата. Набрзо почнав да пушам.
...во разговорот ми спомена за едни серии кои ги следи. Рече дека се “A must see!”. Ги обожавав од првата епизода. Има четири сезони, јас сум до втората.
Гледајќи ги, сè почесто мислам на неа... не сакам да завршат...
Ана не знае ни дека постојат, не љуби особено да гледа серии, телевизија, филмови., не љуби што почнав да пушам...
Чувствувам, како да ја изневерувам Ана...

Ред

Се сместив во долгиот ред во поштата да уплатам за административната такса (апсурдно нели!), ја извадив книгата од ранецот и читав. Напати ја кревав главата да видам до каде е редот. Јасно ми беше дека ќе ми одземе солидно време од денот. Го читав Кундеровиот Идентитет по втор пат. Одново беше забавно да се чита.
Ме натераа на смеење. Знаете, она смеење кога ќе прочитате нешто што би го кажале или помислиле ни малку поинаку, а сепак до тогаш не сте кажале ниту помислиле на истото. Истото го помислив и првиот пат кога ја читав. Ја кренав главата, луѓето чудно ме гледаа.Не знам зошто, но им бев чуден, тоа сигурно.
Редот се смалуваше, се наѕираа моите долгопосакувани минути пред шалтерот. Уште само една сметка да плати дедово пред мене и јас сум, си потшепнав на себе си. Стигнав на ред. Тогаш, „љубезната“ тетка ме погледна и го стави знакот за пауза.
Разбирливо беше. Предолго чекав.

Денис Апостолов

Кога водевме љубов

Кога водевме љубов, таа милуваше да биде одозгора. Се наведнуваше и со големите дојки ми го задушуваше лицето како со перница. Дишењето и’ беше премногу гласно. Се исправаше, ги вплетуваше раширените прсти во црната коса, а своите дињи ги исфрлаше нанапред. Со секое нејзино напред-назад движење ме смачкуваше, ме втемелуваше во креветот. За да се покажам издржлив, ги затворав очите и умот го праќав да се позанимава со нечие државно уредување, со експлозивни раствори и бомбашки напади. Ама попусто. Сокот почнуваше да излетува од мене, телото да ми се протресува, а забите да ми штракаат. Вресок, составен од неколку пригушени и здебелени гласови најприближно обележани со буквата А, се откорнуваше од моето грло. Потоа рацете нагло ми се опуштаа. Се чувствував лесен, телото и најтивкото ветре можеше да ми го оддува.
...Додека таа си ги мести градите да и’ излегуваат од работ на фустанот а на нозете да и’ се види каде и’ завршуваат мрежестите подврски, јас сум седнат на големата фотелја од бамбус, пијам сок од домати, се ѕверам во часовникот и се прашувам зошто тоа толку кратко траеше. За најпосле, одговорот да ми е во пцуењето на својата супер машка троминутна издржливост.

Лусинда

Лусинда, Лусинда... Универзумот цицаше од твоето солено млеко. Ги тераше ѕвездите од љубомора да беснеат низ срамежливото небо. Секоја нација те посакуваше во својата историја. Сите конквистадори освоените земји тебе ти ги оставија.
Лусинда, Лусинда... Сакав да се мушнам низ сите влакненца на твоето тело. Да правам пикник на твоите бедра. Сакав меѓу твоите нозе да поминува моето деноноќие.
Лусинда, Лусинда... Го заведе и Бог ѓаволштини да игра со мене. Да фрла слепило врз моите очи за да не можам да ги испазам твоите боси стапала низ чии машки дворишта ќе зачекорат.
Лусинда, Лусинда... Успеа да ме раскрвариш, да ме исцицаш до бесознание. Пијам оксикодон, дијазепам, темазепамин, доксиламин. Не можам да спијам. А кога ќе заспијам, пак се појавуваш ти. Ми носиш чаша вода за подобро да ги проголтам лековите.
Лусинда, Лусинда... Clint Mansell го уби Hans Zimmer, Yann Tiersen го уби Ennio Moriccone, и така се испоубија сите. Сите сакаа ама никој не успеа да направи музика за твојот живот.

Пронајдок за вечна младост

Просторот наликуваше на противтенковски оклоп. Имаше само прозорче низ кое едвај ќе се проѕреше утрински зрак. Тоа беше простор во кој требаше да се случи прогрес или пропаст. Просто, тие побараа простор каде ќе го промовираат својот однапред проверен пронајдок. Беа професионалци во својата професија и продреа во проблематиката која човештвото и тоа како сакаше да ја проживее. А не дејствуваа противопштествено. Само сакаа нивната проникливост да се протркала низ светот. До овој ден, никогаш ништо не проговориле за да не прокоцкаат сè
Квчерината се прокламира меѓу народот. Се промрмори дека пронајдокот се прокажал.
Еден просјак просолзи: - И за мене од пронајдокот. А замислете што за пронајдокот простенка една проститутка. Дојде еден проповедник и ги проколна: - Просторно да не се пронајдете, противхристијани. Се прокашла еден пропаднат човек и рече: -Ќе оставам природата да ми ја пропише судбината. А јас пропаднав во просторот каде што се случи пролет.

За твојата сеприсутност

Од денот кога те запознав како да започна да постои вечноста. Оттогаш се навраќаш ко наострен нож и се зариваш длабоко во она кое остана цело во мене -сомнежот дали некогаш и воопшто постоеше.
...Година и седум месеци сум во душевна болница. Сè уште се појавуваш. Доаѓаш. Си купила нов фустан, пак проѕирен. И повторно не носиш градник. Дебелите усни си ги премачкала со темно-црвен кармин. Во косите сè уште ти е шнолата пеперутка.И сè уште ми создаваш болка која причинува задоволство, рана која се премачкува со Павлиќева маст. Ми носиш цедиња со различни интерпретации на една иста песна.
http://www.youtube.com/watch?v=oYHXDCOANt0

Надица Тренчева

Едношалтерски систем

Шкрипење на врата, затемнетост. Бура од емоции, загриженост. Редење на зборови, молитва. Барање прошка, воздишка. Нечија силуета, простено ти е.

А таксена марка за покајание?

Сијалица

Мисла

На твоите трепки танцуваат снегулки. Потоа се топат. Размислував. Tака настанале твоите сини и сјајни очи.

Ана Евтимова

Форма наместо содржина

Што гледам? Гледам човек кој живеел во формата на деновите, но не и во нивната содржина. Се смеел кога часовникот ќе отчукал нов час, кога скапаното јаболко ќе паднело од јаболкницата, кога кафето ќе претекло на ринглата пиштејќи и кога ќе пукнел првиот смев во новите утра. Но го игнорирал постепеното умирање на јаболкото, различното времетраење на часовите и бавното но сигурно кревање на кафето. Главата му е жолтеникава, како да му се исушил мозокот па косата добила боја на есенски листови и слама. На лето шета по кеј само за да види што ново фрлиле неписмените во Вардар. Преку зима се облекува од пета до глава за да не падне ниту една снегулка на негова кожа. На пролет ги затвора ушите за да не го слуша досадниот цвркот на птиците, а гледа во небото како тоа да му е последен пријател. Го прашувам на која од четрите страни би го свртел светот доколку би можел, ми одговара дека светот е кружен, како јас да не го знам тоа.

Диплома: апсолутен шупак

Денес официјално ме прогласија за тотален неуспех и изрод во фамилијата. Мајка ми за публика повика неколку роднини и комшии кои ги нареди во дневната за да покажуваат со прст и намуртени погледи кон мене. Неколку деца сместила од страните да ми се потсмеваат и да ме маваат со ситни камчиња. Татко ми, пак, си го зазел своето место во фотелјата со весник во раце и прекорувачки поглед кој ѕирка над очилата, толку е продорен што немаш шанси да го одбегнеш. А на сестра ми, како за крај, како шлаг на тортата, и’ ги порачала најодвратните збора: - Што ќе се прави со ова дете. Уфф, се наежив и сега. И свеченоста почна. Сè истрпив, од комшиите и роднините до зборовите на сестра ми, малку се оние што можат да гo поминат сето тоа со ладна глава. На крај, пред да ми ја врачат дипломата за апсолутен шупак, сите ми удрија по една клоца и ме истераа надвор. Додека седев на скали, си мислев колку се потрудиле, не требало да се мачат толку, можеле и со неколку збора истата цел да ја постигнат.

Искуство

Имаше под изработен од парчиња мермер и песок. Ѕидовите беа до половина обоени во зелено, а од половина во бело. Неколку постери беа закачени на нив, веќе разјадени, ги кинел кој стигне додека се чекало ред. А немаше многу луѓе, одвреме-навреме ќе поминеше некој закашлан, и потоа пак ќе се затишеше просторот, ќе замолкнеше ходникот, доволно тивко за да ти се причини дека мртви луѓе се движат по него. Седев на стара бела клупа кога сестрата од ходникот ме викна. Појдов кон неа во страв и трепет, сето тоа ми беше прилично морничаво. Сестрата ми се обрати, требаше да се потпишам на некаков лист. Го зедов пенкалото од кое се гадев додека го држев, се гадев и од неа, беше штрба, слаба жена со лошо исфарбана коса. Потоа ми рече дека можам да си одам. Речиси со трчање излегов надвор и му бев благодарна на денот што го заврши тоа непријатно искуство.

Среќа во несреќи

Луѓе умираат во земјотреси во Нов Зеланд. Во Либија ги жртвуваат своите животи во име на татковината. Америка мудро молчи. Европскиот запад се ангажирал околу процес кој наликува на осовремена национална чистка. Русија ги демне чекорите на помалите и се мисли како да и’ се приклучи на забавата. Балканот се збудалува, наликува на прегласен бездомник кој наместо сочувство, изнудива гадење. Србија воскреснува, а Македонија како мрзелива девојка лежи во место и нема намера наскоро да стане. Но кур ме боли, за сè ми е гајле, ништо не ме интересира и пресреќна сум затоа што докторите денес ми рекоа дека состојбата ми се подобрила.

Зоран Груески

Дишење

Нејзината пријателка и’ кажа дека некаде прочитала дека јогата го подобрувала дишењето. Ја послуша. По некое време навистина почувствува дека нејзиното дишење е порамномерно и многу порелаксирано.

Две години подоцна, неколку месеци пред закажаниот датум за породување, таа повторно мораше да учи да дише за да му го олесни патот на нејзиното бебе.

Четири месеци по породувањето, длабоко во ноќта, таа сè уште го наслушнува дишењето на нејзиното дете.

„Диши малечко.“ Таа силно воздивна и повторно заспа.

Терапија

„Вашиот кауч е најудобниот кауч на којшто некогаш воопшто сум лежел. Навистина. Не сакам да ја банализирам терапијата со ваквиот заклучок, но понекогаш дури помислувам дека можеби дел од причината за тоа дека се чувствувам сè подобро е и тоа дека знам дека секој четврток ќе лежам на ова чудо од кожа. Ќе се протегам и ќе се опуштам целосно.“

Запре за миг за да може да ја земе кутијата со цигари на масата. Сепак, кутијата не беше толку лесно достапна, заради што мораше да седне и да посегне со целото тело, ризикувајќи дури и да падне на колена пред масата. Кога конечно успеа да ја земе кутијата, да ја запали цигарата, седна на каучот и погледна надвор низ прозорецот. Забележа дека врне силен и бучен дожд. Тогаш тивко изусти:

„Минатата недела два пати заборавив да го прошетам кучето. Го поправив вентилаторот во купатилото. Девет дена веќе не јадам месо.“

Ја изгаси цигарата, погледна кон часовникот на ѕидот и се насмеа.

„Ќе си полежам уште малку. Има време.“

Огледало

Погледна кон ехо снимката од нивниот фетус, закачена на фрижидерот. Погледна кон балконот и го здогледа чадорот за сонце за летните одмори. Погледна кон телевизорот и забележа дека се прикажува временската прогноза.
Сончево и тивко.
„Толку многу надеж“, си помисли.
Отиде во купатилото и погледна во огледалото. Веднаш го тргна погледот.
„Добро е. Ништо не е совршено“, си помисли и се насмеа.


Zhaa-G00 BAR

Забава

Отидов на забава по повод годишнината на партијата. На влезот, обезбедувањето си вршеше рутинска контрола.
„Испразнете ги вашите џебови и предметите држете ги во рацете над главата! Што модел е тоа?“ - ме праша коцкоглавиот кога дојдов на ред.
„Це 4“ - одговорив. „Вистински бум е“.
„Сигурно е некој нов, колку мегапиксели му е камерата?“ - сакаше да изгледа паметен. „Знаеш дека не смееш да снимаш? Авторските права се такви што...“
„Нема камера“ - го прекинав. „Но не е проблем, еве задржете го, ќе го земам на враќање“.
„Еј ти, наваму е влезот!“ - ми довикна некој од организаторите.
„Знам, ама сакам да го видам огнометот.“
„Ќе има огномет?“ - ме праша.
„Па, така нешто.“

Сонувачот

Јаз

Таа велеше дека нејзиниот живот е една голема авантура.
Спротивно на тоа, филмот кој се снима за неа беше категоризиран како драма.

Реклама

Перницата го вклучи телевизорот. Рекламираа ЕКСТРА ЛЕСНА ГЛАВА ОД КОЈА НЕМА ДА СЕ ДЕФОРМИРАТЕ. Овие не сонуваат, затоа мора да се рекламираат - си помисли. Облече нова навлака и се мушна под својата детска глава, тешка но единствената неизвалкана. И која сонуваше.

Разделба

Пар точки на рамнината. Се гледаат од далечина, сонуваат да бидат две точки, така веќе нема да означуваат крај.
Сепак, постојано се сопираат и покрај нивната кружна форма, чекајќи да ги соедини некој друг.
ПОВРЗИ ГИ ТОЧКИТЕ НА СЛИКАТА - читам, и мислејќи дека ги поврзав, јас всушност ги одделив со мноштво други кои се попречија меѓу нив.

In Absentia

Перцепција

- Зошто го фотографираш ѓубрево? Одвратно е.
- Ова не било отсекогаш ѓубре.
- Како и да е, не гледам каква уметност ќе извлечеш од парталов. Уште малку и ќе му се поклониш. Еј, зошто не ме гледаш во очи кога ти зборувам?
- Памтиш дека беше одлична ученичка како мала? Е, сега си никој и ништо. Што ќе ми се некои заостанати одблесоци на интелект во твоите очи?
Таа без збор си замина. Тој доби прво место на конкурс за најдобра фотографија.

Патникот

Го испушти возот. Можеби ако од железничката веднаш се стрчаше кон автобуската, немаше да го испушти и автобусот. Патувањето му заврши уште пред воопшто да започне. Го загуби и багажот некаде по пат. Се врати дома, но сеедно, влезе низ вратата со истиот резултат како и после секое патување. Без багаж и без спомени.

П

Пат пред порта запечатена. Птица ја прелетува портата. Се чека на расплет. Птицата повторно прелетува преку портата. Не понела маслиново гранче во клунот. Повторно пловиме во спротивниот правец. Патов е беспатен.Птицата зад портата не пронашла починка. Поплавата е сепак поопасна од претпоставуваното.

П2

Поврзана колона премалени луѓе чека пред последната порта. Птицата од таму не се врати.Трпението попушта. Со последните пребрани сили, полека ја рушат портата. Повторно трескавична надеж блеска во очите на Последните. Портата попушта. Место тие да се втурнат внатре во ветената земја, од рамката истекува вода. Поројот ги покосува. Кобен пропуст. Не ја приметиле птицата кога прелетала од другата страна...

Џ.Х

Сон

Газејќи по снегот, со секој мој чекор го валкав убавото белило. Студот толку лесно продираше до моите коски, правејќи од нив шестоаголни снегулки. Помислив колку би сакала, во зградата што сега ја гледам, да живее оној што го љубам. Тој сега спие во својот топол кревет, а јас бегајќи од студот се сокривам во неговиот стан. Отклучувам и влегувам чекорејќи на моите смрзнати прсти. Го подигнувам неговото топло ќебе, колку да му внесам трошка студенило и да му навестам дека моето смрзнато Јас, моли да биде стоплено во неговата прегратка. Не отварајќи ги очите се врти и силно ја спушта раката, гушкајќи ме топло како да сум пристигнала од неговиот сон. Изустува длабоко „Дојде?“ колку да се увери дека таа што ја прегрнува е истата онаа што ја сонува.
Застанав за миг видов дека се наоѓам пред туѓ, непознат влез. Од стаклената врата се обидувам да го пронајдам својот лик со искривената линија на него. Но, ништо... Ништо не можев да видам. Секој дел од моето лице се наоѓаше во различен замрзнат дел, кој создаваше конфузија од моите ликови. Трчав сосема немоќна... Заснатав барајќи ја повторно убавата мисла... А таа... Молчеливо доаѓаше во некакви мали парчиња кои немаа никакво значење.

Љупчо Д.

Огнени птици

Огнени птици, со доза на арогантно држење, колони од ретро автомобили, олдтајмери од целиот свет... Сон! Сакам да поминувам третина од денот тука!

Рацете ми се врзани, јазикот ми одбива послушност, почнуваат да му растат влакна. Интервјуата за работа го бараат тоа од нас.

А мислев дека од дома сум подготвен за секое трик прашање.

Со колкава почетна плата би бил задоволен?

WTF! ( каков и да биде одговорот, ќе биде лага и секако ќе бара добра елаборација)

Каква плата друже директоре, јас од љубов ова, поточно, би бил задоволен и со половина од она што е предвидено за ова работно место, јас сум зачнат, роден и воспитан за кариера во оваа област, во вениве мои тече бензин наместо крв!

Не ја добив работата!

До некои луѓе едноставно не можете да допрете! За жал, не пијат сите нафта!

Anestezija

Пролог

- извор, нагоре по небото. моќ, а ?
- никогаш не ме интересирало тоа.
- не те прашувам за неа, пукни!
- пукнав!
- знам, можеби едно стопати. умре.
- не умрев.
- ти не, ама таа во тебе, и те како умре.
- не коментирај, не е твое. не е твоја. не си тоа ти.
- па не е ни твоја, ха. ако ти кажам дека воопшто не беше светла за тебе, а те сакаше?
- нема да ме излажеш?
- ќе те излажам, знаеш. таман работа.
- и ме сакаше викаш?
- не. знаеш и сам, само беше скроз замрзната .
- мислиш...?
- не мислам, одамна тоа.
- кажи ми дека мораш, и тоа одма!
- ништо не морам. ти реков не прашувам за неа. всушност и не е моја работа .
- аха. ме зафркаваш?
- малку.
- мислиш не многу?
- малку де, волку.
- па заслужив. а и сакам уште едно виски, патем.

Тонат

- ајде.
- што ајде?
- ајде да играме асоцијации.
- двајца?
- ние двајца, асоцијации против небово.
- остај го небото, ништо не ти згрешило. само лежи и слушај како крцка пченицава. презреана е, тврда. ќе почне да скапува.
- и? и онака има уште сто хектари кои треба да ги поминеме. не заборавај дека уште бараме. Бараме...
- со недели! знам, јасно ми е. каде и да лежиш, поднебјево е исто. планините и изгревите се исти, а тука е мирно. тука млекото е свежо а лебот е топол. сите луѓе со брчки на челото немаат ни на грам горчина во себе, продаваат мисли за совети . бесценето те слушаат и уходано живеат. баш како што сакаш. задоволни се шо немаат, што сè е 'рѓосано и користено од сто пара дланки.
- со тоа и дојдовме тука. тука можеме да дишеме .
- ти не дишеш ни од прво ребро. никогаш не си ни пробал .
- можеби зна .
- знаеш, не си ич глуп .
- абе..
- што?
- пченицава крцка .
- и?
- ајде да ја собереме, презреана е и тврда.

Quantum

се давеше во проценти и пресметки, сите беа замачкани и нејасни. секој плачеше и лажно земаше титула на пропадната душа. велеше дека ќе си ги прекречиш ѕидовите, дека твоите дејствија ги вршат тројца различни вршители, еден мислата која ти тонеше секој ден со плимата и осеката, ГРЕБЕ гребен, друг телото кое ти искачуваше изохипси повисоки од илјадници метри и препливуваше изобари, третиот душата која тлееше во некој меѓупростор и бараше излез од кој нема да и’земат данок ако евентуално се заглавеше таму, прашањето не остануваше на подолго од секогаш. а ладно грч беше внатре, таму има штандови со корења избиени под заби. тогаш заглавуваш во празна соба со висок таван и телефонски слушалки кои те бркаат. за жал, вратата ја немаше. финално се претвараш во лоши сврзници и грешни временски прилози. претепан од те носи во тоа дувло од соба, сите флеки ги миеш со сопствената исплукана крв, а со врела вода ги гориш сите штетници кои паразитираат и гнијат во твоите клепки. тогаш мене почнуваат да ми се сушат усните и рацете, и проклети да се, отекогаш биле меки.

всушност, сите освојуваме тврдини и влезници за папокот на градот, а за оттисок ти треба болен старт.

Елена Илкова

Читам по станови!!!

Ги знам речиси сите наслови на книги кои ги чуваат живеалиштата во кои барем еднаш сум навратила.
Многу сакам кога домаќинот ќе замине да вари кафе. Тогаш, ако е библиотека, почнувам да читам наслови. Ако е рафт со дузина од нив почнувам да читам овде-онде, од сите по малку. Ако се неколку книги, одбирам една и читам. Ако поседуваат една, почнувам да ја читам од почеток. Ако немаат ниту една книга, тогаш читам списанија. Во отсуство на списанија читам амбалажи. Ако нема ни амабалажа за читање, тогаш... тогаш читам меѓу редови.

Габриела Стојаноска-Станоеска

Хипер интер архитекст

Лежеше покриена со кебиња во ладната соба. Врз нив беше лаптопот. Можеше да ги замисли милионите писатели ширум светот како во различни седечки, лежечки и полулежечки пози гледаат истотака замислени во неумоливите бели монитори и го чекаат моментот кога пишувањето ќе тргне. Нивните соби: удобни, луксузни, со скапи материјали, библиотеки и раритети, во класичен или ултра модерен стил, зачадени, бедни, расфрлани, студентски, изнајмени... погледите низ прозорците: разнобојни светлечки реклами во градскиот смог ноќе, или зелени миризливи пространства низ тргнатите завеси дење...
Додека се занимаваше со изразите на лицата на своите невидливи пријатели, неочекувано се вклучи скрин сејверот и пред неа се отвори мастилната вселена со вртлогот неброени ѕвезди. Забележа дека не може да ги замисли ни собите, ни лицата, ни екраните на писателите од другите планети, но осети дека ги има на секоја светла точка во темнината.
Без разлика што на писателите не им одеше пишувањето таа ноќ, небото создаде прекрасен загонетен текст. На севселенските писатели кои беа само правописни знаци во него ќе им требаат милијарди години за да се преведат себеси и своето учество во него.

Драма

Врвеше полноќ. Гледав од балконот на вториот кат, но како да гледав од повисоко. Вратите на трансформаторот беа ширум отворени. Силна жолта светлина доаѓаше оттаму. Имав некое чувство дека таму се преселил театарот. Да, веројатно ја имаат последната проба пред утрешниот почеток на фестивалот. Но не, одеднаш забележав дека актерите играат под шаторот од најлони подигнат на празниот простор и потпрен на левиот ѕид од трансформаторот. Во истиот момент кога ги заслушав нивните дијалози околу вечерата над речиси згаснатиот оган, еден од нив рече: „Играме пред публика!“ Сите ги свртија главите кон мене и погледите ни се сретнаа. „Дојди да нè гледаш одблиску!“ Кога слегов меѓу нив, сфатив дека оваа претстава бара активно учество од гледачот. Актерите се поделија во две групи и ме наоружаа со пиштол и нож. Колку е заразна страста за игра! Во следниот момент веќе го вртев ножот во стомакот на еден од противничкиот табор. Се играше: „Убиј или ќе бидеш убиен“. Кога сјајниот врв на еден нож блесна на неколку милиметри од мојата зеница, целиот препотен се разбудив. Конкурсот за драмски текст на Македонскиот народен театар прочитан на интернет пред да задремам сè уште стоеше на мониторот.

Мане Манушев

Црна т.чка

Есенски ден кој изгледа како во него да се реинкарнирала целата пролет. Застанав и запалив цигар на железничката станица во Велес.
Лево од мене полицајци. Десно една подгрбавена старица која се тетеравеше за да седне на клупата. Помеѓу сите нас едно црно куче. Куче бељаџија. Изгледа намириса нешто во кантата за ѓубре и почна да ја тегне црната вреќа. Од неа почнаа да излегуваат хартии, лименки од пиво, најразлични кеси, кутии од цигари, опушоци, лушпи од банани...
Сите го гледавме во исчекување што ќе направи. Полицајците се смееја, а старицата се туфкаше и едвај му подвикнуваше: Чибу бе, чибу. Сè расфрла наоколу, лом направи. Тогаш од распарталената вреќа измолкна остаток од храна која веднаш ја лапна, а потоа се напи вода од вирчето и си замина. Ѓубрето остана расфрлано насекаде низ железничката станица.
Тогаш еден од полицајците ми пријде, извади некаков тефтер и ми рече:
- Каде го фрли пикавецот, бе? А? Три илјади и седумдесет денари казна. Ако немаш сега пари или не сакаш да плаќаш, ќе работиш неколку дена општо корисни работи за да ја отплатиш. Дај ми ја личната карта.
Јас зашеметено го погледнав и се завртев во правецот каде што замина кучето кое во далечината се престоруваше во црна точка.

ЕУрека!?

Ако почнам од детството па сè до сега многу често ми се случува да измислам нова мерна единица за далечина.
Така, кога бев дете ми беа потребни две пивски гајби за да се поткачам и од импровизираната сендвичара во камп-приколка да си порачам лепиње. Тогаш далечината ја мерев во пивски гајби. После тоа бев пубертетлија и мерна единица ми беа кутиите полни со еротики, па испиените нови пластични пакувања на вина, па запалените собрани снопчиња на исушена трева пред зградата, па ...
Потоа мерната единица постојано ја променував и измислував нова барајќи ја онаа вистинската.
И сè така, сè за да му помогнам на човештвото и неговата наука.
Додека денес светот далечината ја мери во светлосни години, километри и метри, јас повторно имам нова мерна единица. Сега ја мерам во авионски летови. Да, токму така. Гледам кон синото небо и забележувам неколку испреплетени траги од авиони што наликуваат на каблите за телефон и струја растегнати по бандерите и далноводите.
Гледам како авионските траги полека се губат во синевината и се надевам дека конечно така ќе се стопи и изгуби и далечината заедно со извикот на мојот Архимед.

К. Неделкоска

Зрнца на љубовта

Мирисот на дожд измешан со мирисот на свеќи од ванила... Мирис на есен. Поосамена од обично. Не јас. Есента. Мене ми е добро.
Го комбинирам старото со новото, собирам моменти изминати. Кој може да ме обвини, студеново време ми ги врати спомените. Премногу се. Посебно во сезоната на калинките. Додека внимателно ги одбирам најубавите зрнца, не можам а да не се сетам на тебе. Нивниот вкус е како вкусот на нашето минато. Трае кратко, а е силен, впечатлив. Го чуствувам долго потоа. Велат дека за да го почуствуваш вистинскиот вкус на калинките мораш да земеш повеќе зрнца одеднаш. Не. Јас ги сакам едно по едно.
Ме потсетува на тоа дека најслатките задоволства на животот, се кратки. А постојат!
Да живее есента!
Секогаш успешно те носи во мојот живот. За малку љубов, малку хаос. Малку моментална среќа. За шолја топол чај во нашето омилено кафуле, за твојата насмевка која во овој период од годината е најубава. За прегратки, за моите дланки да се стоплат во твоите. За моите усни да најдат мир врз твоите.
За денес. Не сме ние за иднина, сегашноста е наша. И онака есенските дождови успешно успеваат да ги избришат
гревовите од изминатите години. Од целата наша приказна, го паметам само убавото.

Црно бели сеќавања

Фотографии колку сакаш. Мали, големи, црно-бели, во боја... На нив лица речиси заборавени. Едно е твоето, а едно е моето насмеано. Одамна не сум била така насмеана.
Помниш? Само ти успеваше да ја измамиш таа насмевка, токму таа, мојата најприродна. Веќе одамна не се смеам така. Си цртам само една искривена линија на лицево и успешно го лажам светот дека сум најсреќна. Никој повеќе не прашува, дали ми недостигаш. Никој не прашува дали сум среќна. А јас сакам да се вратиш, сакам да бидам барем уште еднаш во животов така искрено насмеана... Доста ми е од фотографии, црно бели сеќавања. Бледат.
Дојди да создадеме неколку нови спомени, и потоа повторно замини си. Таков круг е нашата љубов најмил мој. Нељубен! Несуден! Таква е нашата приказна. Нераскажана. Недовршена.
Не сакам совршен крај, подобро ми е вака, приказна без крај. Како што се договоривме, се сеќаваш? Нема да се разделуваме на станици, ниту на патишта. Каде и да сме, и сега, и после многу години
кога на лицето ќе имаме брчки од тешкотиите низ кои не влечкал животот. Секогаш ќе ми се враќаш.
И секогаш ќе ја имам истата насмевка, како на сликите од едно прекрасно црно бело минато...

Малку, колку да не биде заборавено

Си велам, да седнам да напишам нешто. Не многу, малку... Онолку колку што е потребно за да не те заборавам.
Кога веќе не те гледам, барем остани да живееш во напишаното. Таму си секогаш мој. Таму таа не постои. Само јас и ти. И приказна од пред неколку години. Таму сè уште живееш, и погледот не ти е бледо мртов како сега. Очите ти се ведри, насмевката најпрекрасна. Барем за мене. За другите не те интересира. Затоа што таму тие не постојат. Таму за себеси не зборувам во прво лице еднина. Двајца сме. Ние.
Всушност, кога подобро ќе размислам, тројца сме. Јас, ти и љубовта. Taa некогаш нè поврзува, некогаш нè разделува. Како мост. Можеш да поминеш на мојата страна кога сакаш, сè додека имаш храброст да си ја прегазиш гордоста.
Простите луѓе имаат гордост. Оние другите - достоинство. Некогаш ќе сфатиш дека за гордоста е прескапа цена за љубовта, само гледај да не биде предоцна. Тогаш слободно побарај ме, секогаш ќе бидам некаде во твоја близина, дали за да те бакнам или за да ти влепам шлаканица, времето ќе покаже.

Јасминка Наумовска

Екскурзија

- Слегувајте, ќе го посетиме музејот.
Го слушнав гласот на наставникот и понесена од толпата матуранти ги прескокнав скалите од автобусот и зачекорив во непознатиот град, во непознатиот музеј.
Застанав пред преубавата слика на која две деца играа џамлии и нестрпливо го чекаа детето да го дојаде лебот за да им се приклучи на играта која се нарекуваше - живот.
Се понудив за игра и едното од нив ја фрли џамлијата кон мене.
- Побргу, побргу, ако така се задржувате пред секоја слика, ништо неможе да видиме - гласот на наставникот беше голтнат од моќта на сегашноста, од тишината на просторот, од мирот на моето срце и ја продолжив играта, тркалање низ времето, кое ми овозможи да го видам невиденото, да го спознам неспознаеното да го дофатам недофатливото...
На враќање моите врсници ја нижеа долгата низа на виденото или невиденото која пропаѓаше во празнината на нивната душа...

Танцување

Станав од столот и се упатив кон прозорецот. Го отворив и погледнав во просторот пред мене. Се стресов. Не бев сигурна дали тоа беше поради студот или поради пространството кое ја покажа силата пред мене и ме потсети на универазлноста со која тоа беше сврзано.
Снегулките го играа танцот на слободата.Започнав да го пратам нивното двиење, се најдов меѓу нив...
И покрај тоа што беа во многубројност околу мене, секој ја играше сопствената игра.Слободата во просторот овозможуваше да ги избегнеме сите судрувања, бидејќи секој функционираше сам за себе и ја играше сопствената игра на животот...
Судирите, претопувањата, болката од губење на сопствениот идентитет, контролата, стравот - останаа зад мене...

Arrested Development

Убиство пред ручек

- Остави ги парите или ќе ти го распарчам мозокот.
- Двајцата знаеме дека немаш доволно храброст да го направиш тоа, Никола.
- Не ме провоцирај, Бојане, главо глупава!
- Не сум глупав! Не сум не сум! Никогаш нема да ги добиеш парите. Никогаш!
- Тогаш, спреми се да умреш.
- Пау!
- Пау!
- Бојан! Никола! Готов е ручекот!
- Доаѓаме мамо!

Приоритет

Леле душичка тоа, види го колку е извалкано. Сега мама ќе те избања. Ете така, чисто и убаво. Гладно си? Сега мама ќе ти спреми нешто убаво за јадење... Што ли да биде денес... да! овошна салата. Еве, повели, злато мое. Оф леле, погледниси ја собата! Ужас ужас! Почекај да раскревам, па ќе си играме во дворот...
- Мамо ми се јаде.
- Тргни ми се, бе!Негледаш ли дека играм Петвил!

Рандеву

Телефонот заѕвони.
- Ало?
- Те чекам кај плоштадот во 12 часот, љубов моја.
- Ќе бидам таму, душо.
- Едвај чекам да те видам.
- И јас.
- Не заборавај да ги земеш клучевите од станот.
- Нема...
Сара ја спушти слушалката и воздивна.
- Се прашувам кој беше тоа.

Лудница

Здраво. Слушнав дека си нов овде. Луѓето зборуваа дека си сакал да извршиш самоубиство. Тоа е тажно. Но не грижи се. Сите сме депресивни понекогаш, но се трудиме да останеме позитивни. Јас сум Натали и работам во болницава како медицинска сестра. Ќе ти се допадне тука. Сигурна сум дека ќе запознаеш многу пријателчиња. Дојди со мене, да те прошетам наоколу. Тука ги чуваме книгите. Тоа е телевизорот. Во решетки е поради безбедносни причини. Она на клупата е Мустафа. Ги изгуби ќерките и жената во авионска несреќа минатата година и сега по цели денови се обидува да нацрта некој посигурен начин на транспорт. Го гледаш овој цртеж... претставува јато птици кои носат балон со патници. Тоа таму е Вајо. Не труди се да зборуваш со него, се плаши буквално од сè. Живее во плакарот во неговата соба за да избегне секаков контакт со надворешниот свет. Излегува само кога мора да оди до тоалет. Таа таму е Нера. Убедена е дека каучот е летечки тепих кој ја носи насекаде низ светот. Вчера ме викна да одиме во Париз да ја видиме Ајфеловата кула, но имав премногу работа. Тој, пак, во ќошето е...
- Натали! Пак ли ги лажеш пациентите? Врати се во соба, време ти е за лекарствата - извика докторката.

Костантин Лосков

Шопинг

Пред десетина години, кога големите супермаркети им стануваа навика дури и на обичните луѓе, ние сè уште пазарувавме во малата продавница под нашата зграда. Се сеќавам како со денови ја молев мајка ми да појдеме на шопинг. Сакав да наполнам цела количка сè до врвот. Еден ден таа се согласи. Замислете загубено детенце како талка, со очите распрснати низ бескрајните колони. Илјадници бои, мириси и вкусови. Трупав сè до каде што ми досегаа рацете, земав работи чија употреба не ја ни разбирав. На крајот едвај можев да ја придвижам, количката се преполни така што не можеше да собере ништо повеќе. Остатокот од пазарувањето го поминавме враќајки ги производите на рафтовите сè додека во количката не останаа еден леб, едно млеко и еден килограм шеќер. Потоа се упативме кон касата.

Вртоглава

Здолниште

Еднаш прашав дали зборот здолниште потекнува од помислата дека оздола нема ништо... Ме обвинија за нечисти мисли. Сакам игри без правила.

Обид

О е лик во еден кус расказ. Но, се чувствува заробено, сака да излезе оттаму и да види што има во другите текстови. Сонува да биде лик во некој роман. Го мрази Авторот кој ја смести во тој кус расказ и веќе не се плаши да признае дека ја посакува неговата смрт. Начу дека по смртта на Авторот на сцена стапува Читателот, а за осуденик како О секоја промена значи и поголема, посилна надеж... Можеби Читателот ќе ја тргне онаа надуена О од насловот која гордо стои во редот и никако не сака да се тргне. Или можеби ќе го одговори прашањето на крајот, па засекогаш ќе го тргне оној прашалник кој ја демне и плаши дури и при најмалата помисла за бегство. Ги знае О веќе сите запирки и точки, големи и мали букви, празни места... Но, чаре нема! Така обесхрабрена, бесцелно лутајќи меѓу границите на расказот, О се запраша: Можеби за сè е виновна мојата форма? Може ми е одредено да живеам заробена, постојано кружејќи... Дали ако бев С ќе избегав од овој расказ? Дали ќе бев слободна? И така, ја оставам О замислена над сопствената судбина, а тебе те прашувам: Има ли храброст О да ја одгризе својата десна половина?

Севдаџијката

Зимски

Облаците експлодираа, положувајќи безброј бели икри на студеното лице на земјата. Потоа уморни легнаа врз неа, како густа леплива магла. Некаде од зад сè, доаѓа тој сјај сè уште свети. Не грее, но до очите ни стига. Сонцето никогаш порано не наликувало толку на ѕвезда.

Икавица

Ненамерно, штуцнати букви се разлеваат по хартии. Несакајќи, сите карти се потурени со зборови, исто како да се свртени нагоре. Исто како дланките да ти се голи, а очите полни вистина.

Скриен мотив

Три часот по полноќ е најнеобично време за кафе. Демнам, во исчекување на најпогодниот миг да го отворам прозорецот. Студениот здив на ноќта како влажно пипало ја осознава внатрешноста на просторијата. Стапица.
Решив да си скротам парче ноќ. Ќе го земам при мене од мало и ќе го припитомам. Ќе го чувам в соба. Дење ќе го кријам под покривките, во темните ќошиња и во ноќните мисли. Ноќе ќе му дозволувам да изведува се што му е во природата. Ќе го научам да ми свири ориентални танци;да се движи тивко, никој да не го научи дека е тука. Ќе го научам да внимава на свеќите, да не ги растегнува хулахопките низ соба и да не си игра со фотоапаратот. Ќе го учам мирно да ме чека, да прави умни работи кога е само. Ќе му давам да спие на креветот со мене кога е студилиште надвор и да се оптегнува на прозорецот кога се жештини. Ќе го приучам да го сака и белото вино, да не остава храна во чинијата и да не ми јаде многу од алвата. Ќе почнам да пишувам само на хартија и ќе го китам со неа, ќе му шијам мали фустани од поезија. Ќе го научам да се капе во филџан врело кафе.
Ќе си присвојам парче ноќ. Ќе му биде убаво и благо при мене. Скротувајќи го, од него и јас ќе попримам, ќе научам ноќ да бидам.

Мачка

Прстите и’ станале долги, ноктите маникирани. Крзното и’ сјае посилно од погледот. Облините и’ се израмнети, колената кревки и неподвижни. Зениците и’ се тркалезни и флегматични. Ушите не и’ се шилести, ами хаотично-спирални. Мустаќите и’ се уредно депилирани. Опашот и’ е имагинарен. На мојата домашна мачка, очигледно, и’ поминал рокот.

Асесоари

Во ноќи студени и сурови како оваа, очиве ми се слободни да го шпартаат хоризонтот, немам ничии гради на кои би ја распослала косава, мислите ми се празни, без чифт светли очи или длабок глас кој ќе го обожуваат... Ништо не ми прилега подобро од чаша греено вино.

Мои фаворити за оваа седмица

Мои фаворити за оваа седмица се: Море, Егзистенција,Терапија, Јаз, Читам по станови, Лудница и Шопинг.

Посебен впечаток ми остави

Посебен впечаток ми остави Патникот на In Absentia. Прекрасна минијатура, полна со поетичност. Исто така, Д.Коцев со расказите Море и Егзистенција. Море посебно се истакнува (исто како и Патникот на In Absentia) со својата поетичност, но за нијанса е послаб од него. Сонувачот со Јаз ни нуди уште една прекрасна минијатура, а Ed Bloom Young со Ред ми остави впечаток поради духовитоста (мислам дека тоа ни се случило на сите, барем еднаш во животот додека сме чекале ред)во расказот. Габриела Стојаноска-Станоеска во Хипер интер архитекст си е стандардно добра, а Arrested Development (не знам зошто, ама имам впечаток дека се работи за многу млада авторка) ме изненади со своите едноставни раскази чиј крај знае да биде доста неочекуван. И за крај, Костантин Лосков со Шопинг, зашто ме потсети на времето кога бев мал и кога го правев истото во продавница. Мане Манушев неделава е послаб од вообичаено, ама сепак се гледа дека е автор со изграден стил што треба да го негува.

Толку од мене. Останатите (поголемиот дел) се на границата помеѓу лирски записи и расказ, па затоа не ги коментирам. Повеќето немаат цврста структура, немаат приказна, па дури и поента. Но добро е, битно е дека се работи, па најдобрите ќе се издвојат понатаму...

Поздрав

Патникот е вистина убава

Патникот е вистина убава минијатура, патем многу ме потсетува на минијатурата Надеж од Афени од претходниот циклус(желба за патување т.е за губење на багажот-спомените, потребата да се биде ослободен од минатото.

И мене ми се допаѓа расказот

И мене ми се допаѓа расказот „Патникот“ и другите од In Absentia не се лоши, има идеја во нив. Малку поинаку го доживувам од „Надеж“ , можеби овој патник не се ослободува од минатото, можеби едноставно животот му е празен од спомени, кои не ги создава на своите патувања. Со извинување до авторот\авторката за слободата која си ја зедов да го толкувам расказот :)

Па, тука сме некаде со

Па, тука сме некаде со доживувањето:не е задоволен од минатото без разлика што овој пат тоа минато е празно т.е со спомени кои одвај да се тоа(или - не се тоа). Сака да се ослободи од неисполнет живот - без разлика дали се враќа од патување или не, исто му е - се чувствува празно.

За оваа недела мој фаворит е

За оваа недела мој фаворит е Arrested Development ,со сите негови текстови,ми се допаѓа,едноставен е и конкретен,има доза на хумор и иронија во неговите раскази,само напред!
А за пофалба се и следниве раскази:
Егзистенција,Графити,Здолниште,Огледало,Реклама,Огнени Птици,Читам по станови,Приоритет,Рандеву,лудница.

И со особено воодушевување расказот Лусинда ,каде авторот ги воспева две врвни музички имиња ,особено мојот омилен Yann Tiersen

Мој фаворит за неделава е

Мој фаворит за неделава е Превртено. Прекрасен расказ во кој сметам дека поентата е сосема јасна.
Исто така да ги издвојам и расказите Танцување и Патникот. поздрав

Ајде и јас да го издвојам она

Ајде и јас да го издвојам она што најмногу ми се допадна.

Д. Коцев - „Море“ - Убава минијатура натопена со поетичност.
Денис Апостолов - „Лусинда“ - Парчево не би го нарекол расказ туку песна во проза. Ама, интересна песна во проза.
Сијалица - „Мисла“ - Впечатлива, секавична и поетична минијатура.
Arrested Development - „Убиство пред ручек“ и „Рандеву“. Дијалогот е вешто употребен и има интересни пресврти на крајот.

ОкоБоли главаВицФото