Големата цена на рамнодушноста

27.04.2011 13:29
Големата цена на рамнодушноста

Осамна сивото пролетно утро, како и многу други во мојата родна држава, а денот заврши во страв и жалост. Се разбира, никој од нас не може прецизно да го одреди мигот кога катастрофата го погоди Чернобил пред 25 години.

Во тоа време живеевме во систем кој на обичните луѓе им го ускратуваше правото да добијат основни информации за настаните. Значи, се наоѓавме во медиумски мрак кога станува збор за истекување на радијацијата од уништениот реактор во Чернобил, како и разнесувањето на штетните материи преку ветерот до северните делови на Европа.

Но уште побизарен факт во врска со чернобилската катастрофа, за која подоцна дознавме, е тоа што ни Михаил Горбачов, тогашниот генерален секретар на Комунистичката партија на СССР, не знаел за опсегот на несреќата. Несомнено, можеби токму таквиот податок на крајот го осуди стариот систем да замине на ѓубриштето на историјата само пет години подоцна. Ниеден режим кој се заснова на неограничено лажење на себе си не е во состојба да ја зачува легитимноста по разоткривањето на опсегот на заблудите.

Со оглед на тоа што само фрагменти од доверливите информации допреа до ушите на обичните Украинци во тоа време, моите спомени за Чернобил се замаглени. Се сеќавам дека најпрвин слушнав како семејниот пријател исплашено и со шепот зборува за катастрофата. Паметам дека стравував за животот на мојата мала ќерка. Набрзо настана вистински наплив на речиси хистерични гласини за катастрофата. Ниедно до тие сеќавања не може да се избрише, но дури и по 25 години тешко ми е да го обединам сето она што го знам за несреќата.

Денес за чернобилската катастрофа строго се суди во морални и метафизички термини. Овој настан фрла темна сенка на човештвото, која не е видена од фрлањето атомски бомби врз Нагасаки и Хирошима во 1945 г. Но за разлика од кризата во јапонската нуклеарка Фукушима, вистинската лекција од Чернобил не се однесува само на безбедноста туку и на официјалната ароганција и рамнодушност кон страдањето, како и на култот на тајновитост кој подразбираше информациите да можат да допрат само до тесен круг од елитата опседната со стабилност.

Значи, останува прашањето што беше причината за тогашниот невнимателен однос кон кризата во Чернобил. Што предизвика толкава арогантна негрижа за здравјето на оние кои живееја во близина на нуклеарката, за мажите и жените кои покажаа јунаштво преку обидите да се намали штетата, и за милионите кои живееја под радиоактивниот облак? Невниманието на владата претставува чудна и неприродна состојба на умот, во која тешко се воочуваат границите меѓу злосторството и казната, свирепоста и сочувствувањето, меѓу доброто и злото. Бидејќи израснав во Советскиот сојуз, знам дека филозофијата на владеење на водачите на оваа држава практично се засноваше на презирот кон оние кои страдаат и се грижат за моралот. Бројни влади речиси по правило не се загрижени за судбината на граѓаните.

Може ли рамнодушноста некогаш да биде доблест? Се разбира, во време на ужас, како што беа холокаустот или голодоморот (намерно изгладнување на Украинците, заб. на прев.), изолираните и беспомошни поединци можат да потонат во рамнодушност за да го зачуваат привидот на разумност. Но дури и во тој случај нивниот став не може да биде сосем оправдан, а безимената и упорна вина за која така потресно пишуваше Примо Леви, по правило, доаѓа подоцна. Рамнодушноста на државните службеници е непростлива, можеби затоа што тие никогаш не ја чувствуваат вината за која пишува Примо Леви. Навистина, на некои политички водачи рамнодушноста им делува примамливо. Многу полесно е да се тргне погледот од граѓаните отколку да се зафатиш со решавање на нивните проблеми. Многу полесно е и, понекогаш, поевтино да ги избегнуваш трагичните околности во кои се наоѓаат поединците одошто да ја прилагодиш политиката кон нивните потреби.

Државникот кој му го врти грбот на страдањето смета дека животите на граѓаните се бесмислени. Рамнодушноста е поризична од гневот или омразата. Гневот може да поттикне уметничка или политичка креативност. Пушкин ги напишал некои од своите најдобри песни во мигови на гнев, величествените симфонии на Бетовен настанале како резултат на силни емоции, а Нелсон Мандела, Вацлав Хавел и Аунг Сан Су Чи издржаа во заточеништво бидејќи беа гневни поради неправдата со која се соочуваа. Од друга страна, рамнодушноста никогаш не е креативна, бидејќи не подразбира одговор на неправдата. Всушност, тоа е средство со кое се служат владите кои му се непријател на народот, бидејќи во таквиот систем корист има само владетелот, а никогаш жртвата, чија болка е зголемена поради негрижата на државата.

Без искрата надеж политичките затвореници, гладните деца, луѓето кои го изгубија домот во Чернобил, како и озрачените работници на кои до крајот на животот им е потребна медицинска помош, би се чувствувале како да живеат во недојдија, а државниците кои не покажуваат човечка солидарност со нив ја губат човечноста.

Извор: project-syndicate.org

Цртеж: Линда Липтон

ОкоБоли главаВицФото