Кина вели

20.09.2011 15:48
Кина вели

Последниве неколку века Западот преовладуваше во економијата, политиката и културата. Но сега имаме преместување на овие тежишта кон Истокот, поточно, кон Кина, земја со 1,4 милијарди жители за која знаеме толку малку.

Младите Кинези се оние кои ќе го наследат новото глобално влијание. Но кои се тие? Што мислат за животот?

Фотографот Адријан Фиск за својот проект наречен „iSpeak China“ патуваше 12 500 км низ Кина за да го најде одговорот на овие прашања, кои им ги постави на лица на возраст меѓу 16 и 30 години. Младите Кинези своите одговори ги напишаа на парче хартија со кое тие беа фотографирани од страна на Фиск. Исходот од ова фотографско истражување е фасцинантен. Ова е само мал избор од она што Кинезите го мислат за себе, за Кина и своите сонародници.

„Моментално сум загрижен за одредени нешта. Кинеските девојки стануваат материјалистки. Без куќа, девојка ми не сака да се омажи за мене. Моите родители не можат да ми помогнат, и затоа сакам високо платена работа. Тоа е она што го сакам“, вели Реинбоу Су, 22-годишен инженер за софтвер од Гуандонг.

„Откако ќе изгледам телевизија имам многу идеи, ама не можам да ги остварам“, вели Луо Женг Чуи, 30-годишна земјоделка од Јунан.

„Кога одам во голем град се чувствувам како да не знам ништо“, Јинг Лонг Лонг, 30-годишен неписмен земјоделец од Гансу.

„Кога луѓето ги напуштаат селата за да живеат в град, станува многу тешко да се вратат назад“, вели 22-годишната Сонг Јинг Пинг која моментално живее во Хубеи, 400 км оддалечена од своето село.

„Луѓето сега повеќе мислат на пари одошто порано“, вели Су Донг Пинг, 22-годишна продавачка во чајџилница.

 

„Деновиве има многу млади луѓе кои воопшто не се загрижени за развојот на Кина и светот, и се грижат само за себе си, игнорирајќи ги луѓето околу себе“, вели 25-годишната Џиа Џиа од Гуангкси која дење работи како продавач на мобилни телефони, а ноќе како танчерка во ноќен клуб.

„Го мразам времето во Кина“, вели Џоана Пан, 21-годишна студентка по меѓународна трговија.

„Сакам да спасувам човечки животи“, вели Хенг Ше Донг, 16-годишен ученик во средно школо.

„Со сопругот сакаме да станеме работници во голем град за да работиме напорно и да ги усреќиме нашите родители“, вели Ма Ксиао Лиан, 19-годишна неписмена земјоделка од Кингхаи.

„Живеејќи овде, се чувствувам фрустрирано“, вели 27-годишниот Ху Лин Шуан кој работи во Шангај како хотелски прислужник.

„Кога би имал сестра би било подобро“, вели 26-годишниот Лиу Гу од Пекинг кој работи како дизајнер на хардвер за мобилни телефони.

„Зошто луѓето мораат да стапуваат во брак?“, прашува 29-годишната Менг Хаи Лин исто така од Пекинг, која работи како инженер за мобилна телефонија.

„Не сакам деца!“, немо извикува Вонг Џинг Ји, 30-годишна продавачка во продавница за сексуални играчки во Хонг Конг.

„Ние сме изгубената генерација. Збунета сум во врска со светот“, вели Аврил Луи од Гуангкси, 22-годишна студентка.

Извор: adrianfisk.photoshelter.com

ОкоБоли главаВицФото