Стефан Хесел: Нека не ве заведе моќта на парите

26.10.2011 12:20
Стефан Хесел: Нека не ве заведе моќта на парите

Стефан Хесел не е Че Гевара, туку поранешен дипломат, но смета дека бунтот е единствениот одговор на состојбата во која се наоѓа светот на почетокот од 21 век.

Ако славниот аргентински револуционер беше жив ќе беше 11 години помлад од Хесел, кој е роден 1917 година во Германија. Хесел во средината на 20-тите со семејството се сели во Париз, каде што научил да го чита Пруст на оригинал и го запознал Марсел Дишан и авангардната уметничка сцена. Љубовта кон поезијата неодамна ја покажа беспрекорно цитирајќи го Аполинер во расправата во рамки на театарскиот фестивал во Авињон.

Член на француското Движење на отпорот, близок на генералот Де Гол, одредено време поминал во нацистички логор за, по завршувањето на војната, како млад дипломат да присуствува на основањето на Обединетите нации и да учествува во пишувањето на Универзалната декларација за човековите права. По доаѓањето на власт на Митеран, именуван е за доживотен почесен амбасадор.

Идеите што како млад ги имал пред една година го натераа да ја напише малата книга „Побунете се!“, во која ги изнесува причините за денешниот бунт. Главната теза е дека во последните децении се случија пресврти и дека, благодарение на репресивните акции на владите, од една, и диктатурата на финансискиот пазар, од друга страна, на удар се социјалната правда и основните човечки слободи.

„Не дозволувајте да ве заведе моќта на парите“, им порача на младите генерации.

Книгата „Побунете се!“ ги инспирираше младите Шпанци кои во мај излегоа на улиците на Мадрид на најголемите демонстрации во оваа земја од падот на франкизмот. „Огорчените“, како што во Шпанија ги нарекуваа, мавтаа со неа како со сопствен манифест.

Набрзо следеа протести во Грција, Израел, САД...

Поттикнат од големиот успех на книгата, продадена во повеќе од 3 милиони примероци, преведена на 25 јазици, но и од критиките дека само го постави проблемот, но не и решението, Хесел во книгата што потоа ја објави, „Ангажирајте се!“, порача дека не е доволно само да се пружи отпор, туку е неопходно да се создава. Третата книга во низа „Патишта на надежта, граѓани подигнете се!“, која ја напиша заедно со филозофот Едгар Морен, неодамна беше објавена во Франција. Двајца поранешни соборци од Движењето на отпорот, кои денес се меѓу најуспешните „млади“ автори, од 94 и 89 години, повикуваат на борба против песимизмот кој завладеа како последица на светската економска криза и поттикнуваат на размислување за радикални реформи кои ќе го изменат моделот на потрошувачкото општество, засновано врз конкуренција и понижување, врз квалитет наместо врз квантитет.

- Успехот на вашиот текст покажува дека постои промена за суштински промени...

Ако оваа мала книга имаше таков одек, ако е преведена на повеќе од 25 јазици, тоа е поради тоа што ја содржи констатацијата дека не сме задоволни со начинот на кој денес се управува со светот, дека во него владеат сили кои не ги сакаме.

- Еден сте од авторите на Универзалната декларација за човековите права. Дали овој текст е актуелен и денес?

Тој текст е пророчки, тоа е програма која сè уште не е спроведена. Имаше периоди кога почна да се остварува, денес има повеќе демократија отколку пред шеесет години, но во последните десет години сведоци сме на враќањето назад, на што треба да се укаже и против тоа треба да се бориме.

- Дали владите се соучесници во финансиската манипулација која светот го доведе до светската економска криза?

Се чинеше дека по падот на Лиман брадерс и останатите пронајдовме решение, кога банките беа спасени, но се измамивме. Не одевме по патот по кој требаше да одиме. Не требаше толку да се приватизира, туку беше неопходно владите да преземат поголема одговорност. Кризата не е запрена и затоа што владите живеат под притисокот на економско-финансиските олигархии и немаат храброст да им се спротивстават. Тие знаат дека само ако една влада се спротивстави, а другите не и’ се придружат, ништо не може да се направи. Живееме во свет во кој решенијата за големите проблеми можат да се пронајдат само на меѓународно ниво. Само малите проблеми можеме да ги решаваме дома.

- Кризата е уште посилна во земјите на маргините на Европа, како Србија. Како да им се врати надежта во подобра иднина?

Тоа не е лесно. Земјите од Европската унија мораат уште многу нешта да направат за Европа навистина да биде демократска. Оваа работа би требало да се однесува и на земјите кои се во Европа, а сè уште не се во ЕУ. Искрено се надевам дека брзо ќе пронајдеме начин земјите кои некогаш беа дел од Југославија да станат дел од онаа Европска унија која ќе се развие за да овозможи повеќе демократија и помалку потчинување на силите на светскиот капитализам.

- На кој начин глобализацијата го менува денешниот свет?

Живееме во општества кои се глобализирани и ги трпиме последиците од тоа. Треба да се размислува за тоа како да се избегнат штетните последици, како што е, на пример, бришењето на културолошките разлики. Не смееме да дозволиме глобализацијата да ги здроби. Истовремено, глобализацијата овозможува да се запознаеме со различните култури, да работиме заедно, да ги надминеме светските проблеми, како планетарното загадување или проблемот со сиромаштијата.

- И понатаму верувате во меѓународните институции?

Повеќе од кога било порано верувам во неопходноста на меѓународните институции, иако тие немаат доволен авторитет да го направат сето она што би можеле да го направат. Некои држави и понатаму имаат голема моќ, но е неопходно решавањето на најважните проблеми да се препушти на меѓународните институции. Имаме исклучителна среќа што постои организација како Обединетите нации. Таа треба да биде посилна, да има поголемо влијание и да биде подемократска, за да не биде израз на малиот број земји кои се во Советот за безбедност. Треба да се прошири и како таква, проширена, може да биде основа за создавање светска влада која ни е неопходна.

- Бунтот денес го предводат деведесет годишници?

Лесно е старец како мене да каже што треба да се прави. Многу им е потешко на младите навистина да се заложат за промени. Но, најлошиот став е рамнодушноста, затоа што радува што оваа книга ги поттикна младите и малку помалку младите да се ангажираат во настојувањето да го променат светот во кој и понатаму сме задолжени да живееме.


Извор: politika.rs

ОкоБоли главаВицФото