Пад од десет илјади метри

21.12.2011 15:17
Пад од десет илјади метри

Навечер доцна сте заминале на спиење, рано наутро патувате со авион. Веднаш по полетувањето ве фаќа сон, но набрзо потоа ве будат студениот воздух и ужасната врева. Што се случува? Каде сум? И каде е авионот, се прашувате.

06:59:00 часот, височина 10 000 метри

На оваа височина воздухот е разреден, недостасува кислород. Набрзо ќе ја изгубите свеста и ќе паѓате еден километар пред да си дојдете на себе. Нештата не изгледаат воопшто добро: силата на земјината тежа работи против вас, но времето ви оди во прилог. Верувале или не, падот од балкон е многу пострашна работа.

Можноста да се преживее пад од десет илјади метри е многу мала, но токму поради тоа ништо нема да изгубите ако ги процените околностите. Постојат два начина на паѓање. Првиот е слободен пад, во кој се паѓа без заштита и помошни средства кои би го забавиле падот. Вториот начин е „јавач на откршен дел“ (т.н. wreckage rider), т.е. да се фатите за некол дел кој е откршен од авионот. Овој израз е смислен од страна на Џим Хамилтон, човекот кој страствено собира податоци за сите човечки падови од огромна виочина. Според него, јавач на откршен дел е оној кој кој ќе остане закачен за некој дел од авионот.

Југословенската стјуардеса Весна Вуловиќ во 1972 г. ја надлетуваше Чехословачка во еден авион DC9, кога леталото наеднаш експлодира. Таа падна од десет илјади метри, заглавена меѓу своето седиште и количката за послужување пјалаци, дел од авионот и друг член на посадата. Падна на планинска долина покриена со снег. Беше тешко повредена, ама жива.

Од 1940-те години се случиле 31 несреќа од овој тип, а преживеале само неколкумина. Таков е и случајот со Алан Маги, кој во 1943 г. паднал од авионот B17 додека летал над Франција. Паднал од шест илјади метри и удрил во железничка станица. Го фатиле тогашните непријатели, Германците, кои биле збунети кога сфатиле дека е сè уште жив.

Во моментот на удар најважна е брзината со која некој паѓа. Како што човек се приближува кон тлото, брзината се зголемува. Но, како и секој друг предмет во пад, и човекот предизвикува триење: колку повеќе се зголемува брзината, толку и посилно е триењето со воздухот. Кога силата која влече надолу ќе се изедначи со отпорот настанат со триење, забрзувањето престанува. Сепак, во тој миг веќе е достигната најголемата брзина. Во зависност од висината, тежината, како и факторите како густината на воздухот, граничната брзина и слично, таа брзина изнесува околу 190 км/ч и се постигнува брзо, по првите 460 метри паѓање. А паѓањето трае околу три минути.

07:00:00 часот, височина 6700 метри

Сега веќе може да се дише, па човекот во пад си ја повратува свеста. Вашиот можен план е едноставен: ќе заземете некаков зен став и ќе решите да живеете. Како што тврди Хамилтон, ќе сфатите дека не убива падот, туку ударот од тлото. Обидете се да го задржите мирот и почнете да целите. Но во што? Ударот на Алан Меги од подот на железничаката станица бил ублажен од стаклениот покрив низ кој поминал. Стаклото може да ве исече, ама попушта под вашата тежина. Истото важи и за тревата. Стоговите сено и грмушките спасиле најголем дел од преживеаните. Ни дрвјата не се лошо решение, иако постои опасноста да се набиете на гранка. Снегот? Одлично. Мочуриштето? Со својата мека површина, тие се најдобриот избор. Водата, на пример, е лошо решение, бидејќи падот во океанот е како да треснете на некој плочник.

Откако сте ја избрале целта, морате да мислите и на положбата на телото. За да го забавите падот, подражавајте акробатски падобранец: раширете ги рацете и нозете, со градите свртени надолу и телото извиено нагоре. На тој начин се зголемува триењето со воздухот и одредено време се управува со движењето. Но не се залажувајте: не се атерира во таа положба. Прашањето за судир со тлото сè уште е предмет на расправа. Според едно истражување од 1942 г., се препорачува ударот да се распореди на сите делови од телото. Но, според извештајот на Федералната агенција за авијација, добро е да се заземе позата на падобранецот: собрани нозе, кренати стапала, свиткани колена и нозе во колковите. На тој начин, изгледите за преживување се поголеми.

07:02:19 часот, височина 300 метри

Земајќи ја предвид висината од која сте почнале да паѓате, во овој миг вие сте речиси подготвени да се сретнете со тлото. Статистичарите тврдат дека најдобро е да бидете член на посадата или дете. За последниве 40 години се случиле над десет авионски несреќи со по еден преживеан. Во документираните случаи, четворица од нив биле членови на посадата, а седум биле патници помлади од 18 години. На пример, Мохамед ал Фатех Осман, стар две години, во 2003 г. го преживеал падот на еден „боинг“ во Судан. А 14-годишната Бахија Бакари е единствената преживеана во несреќата на „Јемен ервејз“ над Коморските острови пред две години.

Лицата со ситен раст, на кои главата им се наоѓа под врвот на наслонот на седиштето, се заштитени од скршените делови во случај на распаѓање на леталото. Помалата телесна тежина ја намалува брзината во мигот кога се удира во тлото, додека помалата површина ја намалува можноста да се набиете на нешто при падот.

07:02.25 часот, височина 0 метри

Земјата! Преживеавте! Но како? Што се случува сега? Ако сте имале среќа, ќе забележите дека вашите повреди се површински, ќе станете и ќе запалите цигара за да го прославите новото раѓање, исто како што во 1944 г. направил пилотот Николас Алкемада откако паднал од 5500 метри врз завеана шума со снег. Но, за жал, многу е поверојатно дека нештата нема да тргнат во таа насока. Затоа, направете како 17-годишната Јулијана Копчке, која пред Божик во 1971 г., по експлозијата на авионот „локид електра“ над Амазонија, се разбудила во џунглата, сè уште заврзана за седиштето и опкружена со божиќни подароци. Сама и ранета, се сетила на советот на татко ѝ, кој бил биолог: „Ако некогаш се изгубиш во џунгла, следи го текот на водата!“ Јулија одела долж реките и потоците. Се хранела со кесичката бонбони што ја нашла во џебот, а жедта ја гасела со валкана вода. Не обрнувала внимание на скршената клучна коска и раните кои биле заразени со ларви од мувите. По десет дена пешачење, на брегот здогледала кану. Успеала да стигне до некоја колиба, каде што еден ден подоцна ја нашле шумските чувари.

Овој настан во Перу бил прогласен за вистинско чудо, а статистиката потврдува дека во ваквите случаи се вмешува некоја виша сила.

Според извештајот на Канцеларијата за следење на авионски несреќи од Женева, меѓу 1940 и 2008 г. во 15 463 авионски несреќи загинале 118 934 лица. Преживеани има само 157, од кои 42 се спасиле од пад од височина над три илјади метри.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото